Во Вишни кај Зоран и Ален во „Биг Пи“ – место под сонцето во светото село каде и храната е посебно искуство
Барате место за бегство од градот? Ние го најдовме. И не ни се враќа дома.
Сте чуле за село Вишни? Штета ако досега не сте го откриле. Селото е вгнездено во прегратката на Јабланица, на околу 110 метри надморска височина. Меѓу народот е познато и како сестрата на Вевчани, зашто оттука се огледуваат, преку падините на Јабланица, и двете села.
Денес „сестрата и братот“ лесно се достапни со автомобил, благодарејќи на регионалниот пат кој води преку Горна Белица. Ќе патувате преку „тунел“ од крошни од дрвја. И можеме да се обложиме дека такво искуство претходно не сте доживеале. Таква убавина!
Но да се вратиме на нашето Вишни. Од Струга е оддалечено на седум километри. Се упатувате на автопатот кон Ќафасан, а пред селото Радолишта свртувате надесно и почнувате да се искачувате по планината. Набргу сте таму. Лесно се наоѓа уште по жолтиот знак на кој е испишано Вишни. Лесно се препознава и по воздухот, сосема поинаков од оној долу.
Прво што ви доаѓа е да вдишете длабоко. Го голтате воздухот како да штотуку сте се сетиле дека толку ви недостигал. Потоа пошироко ги отворате очите – од каде ли шумоли водата? Речиси од секаде. Чиста и студена. И во зима и налето. Зборуваат ли и птиците в зиме? Зборуваат. Зборува целата природа.
Веднаш штом го одминете знакот Вишни, на стотина метри угоре (од лево) се наоѓа едно местенце кое секогаш е огреано со сонце. Вишни деновиве е покриено со снег, но тука сонцето ги разбркува облаците. И сѐ тоа личи на забавна детска игра. Подолу, падината ги повикува децата – ајде да се санкаме. Има и скијање. А има и одлично јадење.
Маркетинг
Зоран и Ален Петрески се стари вишенци, кои денес живеат во Охрид. Ама Вишни им е во срцето. Тука имаат викендичка. Знаат какво било селото џагорливо кога тие биле деца. Сега пак, в зиме, редовно „чадат“ оџаците на дваесетина куќи, но за празници, за викенди и во текот на летото се многу побројни.
Зоран и Ален долги години се во угостителскиот занает, откако нивниот татко, вишенец, кој претходно работел во „Турист“, во Охрид го отворил еден од првите угостителски објекти.
Долги години угостителството е главниот занает на Зоран и Ален, на пример, со години ја менаџирале популарната плажа во Лагадин. Во Охрид го имаат реномираниот ресторан, односно ланч бар, „Биг Пи“, лоциран до каналот Билјанини извори.
Од огромна љубов кон Вишни, неодамна отворија ланч-бар и во селото. Го носи истото име како оној во Охрид, „Биг Пи“. Почнаа од мало објектче, а годинава направија поголем објект, со внатрешен капациетет за 30 луѓе, а надворешната тераса располага со осумдесетина седишта, значи објектот е погоден за стотина луѓе.
Ги прашувам, зошто се одлучивте за Вишни?
„Зашто најмногу нѐ влече. Детството го минавме тука, и нашите деца сега ги влече тука. Не сме тука за да правиме профит, туку за да го заживееме селото. Сакаме да водиме планински туризам“, ми одговара Зоран.
Оние кои го препознаваат квалитетот на храната, кои знаат да уживаат во прекрасен амбиент, кои ја сакаат топлината од дрвто во камин (и звукот на дрвото), кои сакаат да избегат од смогот во градот, на лето од жештината, а зиме кои се во потрага по снег и снежни спортови, ќе ги сретнете тука.
За време на зимскиот распуст, „Пиг Пи“ ќе работи секодјневно од 10 до 20 часот, а потоа, во текот на останатиот дел од зимата, за време на пролетта, летото, ќе работи викенди, односно во петок, сабота и недела.
„Акцентот го ставивме на семејството, на децата кои можат да уживаат тука во санкање и во скијање“ – објаснува Зоран, додаваќи ги предностите на локацијата, на амбиентот и на самиот објект, кои навистина не се добројуваат.
Од совршена храна до чист воздух, изворска вода, неизмерна радост на децата.
Вишенци си го викаат Вишни воздушна бања, а и ние се уверивме зошто.
Што се однесува до уживањето во специјалитетите на „Пиг Пи“, ќе наброиме само дел – пробајте од домашните колбаси, свинските ребра на скара, пилешкиот стек, а од сендвичите кои се од најразлични видови- хамбургер, чизбургер, чикенбургер, најразлични тостови, палачинки…сѐ се приготвува во моментот и сѐ е тазе.
Тука и кафето има свој посебен вкус. Ах, да и греаната ракија, и превкусните салати и мезињата…
Вредните Зоран и Ален размислуваат и на проширување.
„Мислиме дека во Вишни ќе се врати животот, како порано што беше. Ние сме од деца тука, порано имаше многу деца, многу луѓе доаѓаа, посебно за викенди, за празници и цел ни е барем малку да успееме да го вратиме Вишни онакво какво што беше во минатото, да го вратиме духот на селото“, раскажува Зоран.
Што се однесува до враќањето и на традиционалната вишенска храна, како што е качамакот и јагнешкото и телешкото печење, и тоа е во план. Во план е и понуда за сместување, односно преноќување, зашто навистина е премалку да се помине само еден ден тука. Минете, па ќе се уверите сами.
И да не заборавиме, од минатиот Спасовден, Вишни доби своја канонизирана светица, Света Спаса Вишенска, која живеела во Османлискиот период. Имено, Македонската православна црква-ОА и Дебарско-кичевската епархија со торжества на 8 и 9 јуни 2024 изврши впишување во диптихот на светиите, односно канонизација на Светите Спасе и Спаса Вишенски.
Па затоа, не заборавјте, кога зборувате за Вишни, село во кое доминираат повеќе цркви (меѓу кои храмот „Св.Атанасиј Велики“ и импресивната пештерска црква вгнездена во карпи по кањонот на реката Сушица- но достапна за посета- монашка келија во која живеела Светата Спаса Вишенска), зборувате за свето парче земја. Има многу што да се види и на што многу да се восхитува тука.