Барате новогодишен или божиќен подарок, украс за домот или ќеф за себе? – Новогодишниот базар е катче на уметничките задоволства (фотогалерија)
Да ги поддржиме уметниците кои изложија преубави производи изработени со сопствени раце.
Ако сте во потрага по новогодишен и божиќен подарок за најдрагите околу вас, ако размислувате за нешто уникатно што би можеле да го ставите под елката или да си ги израдувате децата, доколку уживате во празнични декорации со уникатни дизајни, и поради уште многу други причини кои во моментов ви паѓаат на ум – посетете го Новогодишниот базар кој од денес е отворен на први кат во Скопје сити мол.
Што најдовме таму што толку нѐ импресионираше? Секоја тезгичка е приказна за себе. А секој поединечен производ си има сопствена приказна.
Преслатки плетени модни додатоци, накит и филигран, декоративни чаши, свеќи, сапунчиња, плетени играчки, честитки, лампиони (има и такви на кои ќе ви го напишат името за само три минутки), најразлични украси за домот и за елката, најразлични џинџири-минџири кои имаат душа.
Новогодишниот базар ќе биде отворен од 15 до 31 декември со учество на 68 индивидуалци – ракотворци.
Претставувањето на уметниците е во три групи и во три периоди на месецот, со тоа и понудата на уметнички производи ќе се менува од петок до следниот петок, а третата група уметници ќе ги претстави своите производи од 26 до 30 декември.
Ние ви носиме дел од возбудливата понуда од првата група уметници.