Реклама
Интервју

Интервју со Јанко Илковски – „Млака вода е добра само за испирање стомак и за предизвикување повраќање“

Реклама

Ви треба претставување за Јанко Јади Бурек? Не верувам. За мене е своевиден херој, можеби најмногу поради искреноста, непосредноста и отвореноста, која особено денес е реткост, а можеби и поради издржливоста во овој чуден македонски медиумски простор. Иако добар дел од животот го помина пред камерите, на тв-екраните, од интервјуво дознавам дека има само пет години работен стаж, па дека во блиска ни подалечна иднина не планира пензија.

Во негов стил ми вели, „повели одговорите (на прашањата), лекторирај колку сакаш – формата ми е небитна“.  Супер, ама како да се лекторира Јанко? Чувар е на жаргонот, на скопскиот говор, а како познат гејмер, си додава и по некое англиско зборче, или серија од нив, ама што било да извадиш или додадеш, не го бива, му го менуваш карактерот.

Емисија „Јади бурек“ се емитува повеќе од две децении. Што е тоа што те прави толку издржлив?

Маркетинг

– Па и повеќе, имено, „Јади бурек“ почна како проект во 2001, така што цепкам накај четврт бурек, пардон, век. А што ме прави издржлив? Мене ме прашувате? Јас би ви поставил прашање, вам, кои исто работите цел живот, што вас ве прави изджрливи? Мојот одговор е ист како и на секој човек кој работи и се бори. Можеби и јас ја немам најидеалната работа, но сум блиску до тоа, но како и сите други, немам, немаме избор, мораме да работиме, Кочо Рацин, Бели мадињ…. пардон, мугри да гледаме, да фрламе две јајца на точак и да самоуправуваме со нашите животи. Нема одговор како, како што мора да се работи и заработува за себе, за блиските, тоа е она што придвиживуа и одржува инаку – распад на системот настанува, мислам на личниот свој систем. Можеш да бидеш питач, може да живееш како бездомник, прашање на избор, но цивилизацијава ни го дала можеби најмекото ропство досега. Не сме слободни, но мораме да бидеме издржливи,… капиш, сињора? Бене. Мулто бене.

Искреноста со која споделуваш и епизоди од твојот приватен живот со гледачите е ретка за новинарите, па затоа и гледачите често те доживуваат како човек од народот. Како успеваш да ја задржиш таа непосредна врска со обичните луѓе? Дали некогаш си се покајал за нешто што си споделил од личниот живот во емисијата?

Маркетинг

– Не, затоа што сѐ тоа никој не може да го злоупотреби, а ако се обиде, секогаш има – а да не одглуми гилиптерот? А понекогаш и глумам, сепак телевизијата е сцена, искреност има и тоа многу, но никој не успеал да увиди кога има глуматање, кога се фолирам, кога филувам, ама па тоа ми прави да си правам едночинки оти инаку одмна ќе ми збоктисаше. Знаеш некоја друга глупава будала која дреме пред камера 120 минути 5 пати во неделата? Ни јас, ама го залепив форматот. Се надевам дека идната фаза ќе се одлепам од него, денес е поинаква комуникацијата. Па врската со штованиот публикум е тнка работа, имено у моето ферцирање у живо знам намерно да се направам поглуп и понеинформиран од профилираното медикритетско гледалиште што многупати ми е поволно оти ги тригериса да ми се јават, да ми одржат лекција итн… иако контактите со гледачите ги прекинав. Неколку патолошки случаи со години го узурпираа просторот и сѐ што нормално и да имало желба да разговара со мене дигнало раце.

Второ, опремата каде што работам не е софитицирана да има идентификатор и евентуален блокатор на броевите од каде се јавуваат, па така комуникацијата со публикумот ја сведов на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук, каде ја стримам емисијата и им одговарам на коментарите. Генерално, и за жал, наметнувам теми кои бараат малку сива маса, а ако следам контакни емисии сабајлечки (ма лажам, никад, не се самоказнувам) или на други поткасти, народ сака ниско ниво на коментирање и слично… А јас пак, наметнувам не како порано, теми како религиозни, уметнички, научни, космологија, физика, квантна физика, астрономија, книжевност, музика, и мислам дека сѐ повеќе натаму ќе одам. Да, кариера направив со обичниот народ и му благодарам, но во мојава последна фаза ја земам во свои раце назад емисијата и ја правам за себе, не за публиката.

Емисијата „Јади бурек“ се емитуваше на различни телевизии низ годините. Зошто толку „трансфери“? Како се менуваше форматот или содржината, а што остана константно?

– Па за да останеш за навек во една ТВ е малку, според мене, глупо или на било кој друг медиум… Мислам, стануваш ко бебе у пелени кои не се менуваат, па се усмрдуваш. 5-6 години е доста, инаку се губи ентузијазмот, не кај мене туку ги фаќа курч и газдите, мислат дека мојот успех е нивни и само благодарение на нив јас сум успеал и сум бил популарен, па потоа тоа ме оптеретуваше мене во слободата и ангажманите непотребно. На крај, обично сум заминувал од финансики причини, скоро сите газди се искурчувале дека јас не сум некој и нешто, дека ова е медиумот и дека слободно можат да ме заебаваат со испалтите или доцнат. Сега во моменталниот сум како во ризорт во споредба со претходните, бајаги сум раат. Но со претходните телевизии, весници, радија, ееех…

Нормално како никој друг Македонец, јас не се натегам, расправам, докажаувам. Си ги пакувам работите и тенкју енд фак ју. Едноставно ни поздрав. Дали е исправно не знам, но фактите говорат дека сите телевизии/медиуми кои ги напуштив, пропаднале потоа. Толку. Форматот остана генерално ист – јадење бурек, трескање глупости и протнување по некоја паметна – интервјуата во стил на Лари Кинг долги, содржајни и многу фокусирани, затоа и ден денес, после две децении, можам да ги репризирам и да имаат вредност. Повели, некој нека го прави истото… Не може, оти само дневна актуелност е важна и правање паметен исто како гостинот. Јас пак, сакам да сум поглуп од него зашто тоа ги инспирира да говорат повеќе, подетално – да, моите интервјуа беа првите поткасти, денес ова е нешто што мене ми е сосем познато, ко на пример четири интервјуа, колку што ги имав со експремиерите, траеа по 4-5 часа… Бујрум да ве видам ако можете (се смее, н.з).

Контактните емисии често се непредвидливи. Кој е најнеочекуваниот момент што ти се случил во живо? Навреди си добивал дури и „во живо“, си добивал ли закани и зошто?

– Тешко дека можам да ти дадам некој интерсен, читлив, шегобиен одговор на ова затоа што енормна е количината на такви случки кои, верувај, ги бришам, оти премногу напотребна меморија зафаќа. Ама ај ќе извадам, сведоштвото на човекот чија сопруга здрава ја задржале во болница за време на короната, која починала неколку дена потоа. Кога дошол да ја види, нејзиниот накит кој го имала на себе и венчалната бурма и биле украдени. Плачеше во живо 15 минути – он плаче, јас плачам, и тоа…. Медиумите и колегите- чекааа само партиски наредби, никој не ја покри веста, ниту ја истражи. Ако некогаш некој ме праша зошто не ја почитувам фелата, овде некаде се крие одговорот.

Како гледаш на улогата на телевизијата денес, во време кога дигиталните медиуми сè повеќе го преземаат приматот?

– Подобро одошто порано, како пионер кој беше исмеван оти користи скајп за интервјуа во живо од други континенти, користење стрит вју на Гугл ерт, следење во живо преку интернет на интерсни настани ширум светот, со забава следам како после 20 години фелата се буди и покажува дека научила да прави нешто повеќе одошто користење меил.

Затоа и медиумите пропаѓаат и ќе пропаднат, ќе опстанат оние кои ќе имаат пазарна – интересна содржина, а не партиска. Да се разбереме, не сум јас имун на партии и спонзори ниту сум светец и девица, но медиумите живеат од нив и за нив. Македонија ќе биде последното место кога ќе згасне последната телевизија.

Ароганцијата на газдите, уредниците, партиите, енџиоата кои мислат дека ја владеат публиката – мислеше така и Велија Рамковски – ако си популарен ќе те слушаат и следат – не, поинаква е играта. Нејсе, ако не следеа, (а не следеа), што се случи на последните избори и како победи Трамп, благодарение на само една патформа X (екс-Твитер), можеби ќе се сетат како треба да се променат – но во Библијата се вели, ново вино во стари мешни не се става. Ние сме генерација диносауруси на изумирање, се држиме до шаблони оти добро ни функционирале со децении, цел живот и сега кога сѐ им се распаѓа пред очи се чудат, те народот прост, те општеството – не, дечки, здодвени сте, досадни, немате ништо паметно ни забавно да кажете. Ко поткастериве или читачи на вести, пљампате туѓи мисли, соопштенија, или молите некој чукнат да се јави да ви каже што е, како е, а вие, демек, професионално, останувате неутрални. Еве уште една медицинско библиска, камо да беше студена или врела – МЛАКА, И ТОА ПРОФЕСИНАЛНО ТОА Е МЛАКА ВОДА, А ТАА Е ДОБРА САМО ЗА ИСПИРАЊЕ СТОМАК И ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ПОВРЌАЊЕ – ЕБАТЕ ПРОФЕСИОНАЛНОСТА.

А камо твое искрено мислење, кажи став бе пеземек, и не се плаши и да е погрешен. Еве ти и констатација на некое и од погорните прашања – народ сака слободен човек, но робот го мрази слободниот оти е научен да ужива во своите пранги. Да ги цитирам Марли и Делчев? Човек не е слободен оти има пранги на рацете, туку во главата. Got no chains around my hands and legs, but I’m not free.

фото-приватна архива

Се сметаш ли за пионер во воведувањето на гејминг културата во Македонија? Како започна твојот интерес за видеоигрите и на кое „ниво“ си денес?

– Дури и на кратко, морам само пред микрофон, оти јас не знам кратко и концизно да се изразам, нема толку фонтови да истипкам, а повеќе од 240 реда никој не чита. Првата програма за гејминг и компјутери е направена на радио – напамет е говорено – без ниаков компјутер пред мене, тоа покажува дека сум верен сопруг кој не мрда од дома, ама затоа гејма од утро до самрак. Гораст Цветковски ми го оддава тоа признание. Нејсе… денес сум поедноставен, мобилни игри од оние репетитивни, заразни како терапија повеќе, но за некоја година планирам сериозен гејмерски камбек, само не на конзоли – строго ПЦ.

Еден период слабееше, па минатата година помина низ една операција, како си со здравје денес и каква здравствена поука би споделил со читателите?

– Дебел човек е болен, толку, слабејте, исфрлете шеќер. Напаравив една емисија поткаст каде оставив повеќе аманет за внуците колку Бог успеал да ме одржи во живот и покрај инфаркт, автомобилски несреќи, анафилактички шокови, тешки кризи … Само редукција на храна и префрлање на здрава – ништо друго. Имам дијабет и се борам, чудо е што дотуркав до овие години, но сум потполно кативен и функционален – професинално, семејно, во секој поглед, секако поуморен од обично, но задоволен сум. Операцијата лани беше тешка драма, си ја полуампутирав ногата, па ми ја спасија, сега сум како ништо да не било, ама кога ќе запнам да се оправам, многу сум дисциплиниран.

На какви вредности ги учиш своите деца, како ги подготвуваш за живот во Македонија?

– Во заблуда е секој кој мисли дека може некого нешто да учи. Ни куче нема да биде послушно да прави нешто ако не го сака тоа. Повеќе ги следев нивните афинитети и им давав поддршка во сѐ што ќе побараат, но тоа е цело ново интервју кое би се викало ЕКСТРЕМНО РОДИТЕЛСТВО и би траело минимум 120 минути. Проблемот е обично како да ги заштитиш од негатвините работи кои, јебем ли га, се дешаваат, штои да правиш, колку и да си добар, но тука има друг, натприроден миг. Свесен за својата човечка слабост, џигер кинев со децении да ги носам рано сабајле на причест. Само така искрено верувам дека може да делуа врз нив таа божествена благодат, на мистериозен начин, не преку интелект туку преку јазикот на љубовта. Никогаш не следеле проповед како мали, ниту сум ги учел, ниту религиозно воспитувал што и како да прават, само ги седнував у кола, пред попот – зини – лапни причесната и после на прошетка. Го доживуваа како забава. Денес сум презадоволен од резултатот, искрено верувам дека јас не ги научив децата , но помогнав вишите морални и етички норми да им бидат високи со моето делување – никогаш проповед. Децата не се наши, тие ни се дадени да ги чуваме. Додуша и можеби мојот пример, дека сум (брачно) верен, посветен татко, кому интерес му е пред сѐ домот и семејството па после сѐ дуго, можеби влијаело. Велам, многу маглива оваа тема, и многу родители мислат дека знаат, дека умеат…ништо нит знаеме нит умееме, само се надеваме на најдобар исход – лек има и бесплатен е. Толку.

Догодина би требало да заминеш во пензија судејќи според возраста, се спремаш ли за пензија, што би правел тогаш?

– Фала, да ти се врати, обично сите ми даваат комплименти дека наликувам на 10 години помлад, но фактите се други, до пензија имам уште пола деценија, а и повеќе. Пријатно е првпат некој да ме погласи за постар (се смее, н.з), убава промена…

Инаку, нема да одам во пензија затоа што никој никогаш од газдите не ме вработи (еве уште ден факт оти мењав медиуми), а оние кои ме вработија не ми плаќале придонеси – јас имам само пет години стаж и ќе морам да работам најмалку до моја осма деценија, мислам до 73-74 години за да се стекнам со право за минамална. Нејсе, планирам кога ќе прекине проектот „Јади бурек“ да продолжам да емитувам на социјални мрежи. Се надевам дека кога ќе го напуштам светот, ќе биде пред камера спонатано, со насмевка ќе се одјавам…засекогаш … ајт (се смее, н.з).

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button