Полицијата го фати 26-годишникот кој се сомничи дека извесно време напаѓал, физички малтертирал, жени и девојчиња им ги земал чантите, паричниците, накитот, мобилниот телефон…
Тој е осомничен за серија кривични дела против имотот, вклучувајќи разбојништва и тешки кражби, кои ги извршувал во скопските населби Центар и Аеродром.
Според Основното јавно обвинителство Скопје, жртви на нападите биле жени и малолетни девојчиња.
Обвинителството соопшти дека осомничениот се стекнал со противправна имотна корист од околу 100.000 денари преку најмалку пет вакви кривични дела.
„Обезбедени се доволно докази кои укажуваат на основано сомнение дека осомничениот е извршител на делата. Со оглед на околностите што укажуваат на опасност од бегство, влијание врз постапката и особено на веројатноста да повтори вакви и слични дела, предложена е мерка притвор“, соопштија од Обвинителството.
Јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот, кој би требало да го спречи од евентуално повторување на делата или бегство од правдата.