Татјана Мартиноска долго време ги следела советите на дипломираната нутриционистка и фитнес инструкторка Елена Мирческа, со цел да достигне совршена форма на телото.
Прво доаѓала само на вежбање, а потоа следела четиримесечна персонализирана програма на исхрана. Имала вишок на килограми, но и нередовен циклус поради хормонално нарушување.
„Додека беше на програма, намали над 20 килограми и го регулираше циклусот“ – ни објаснува фитнес-инструкторката Елена Мирческа и додава дека Татјана потоа продолжила само со вежбање, но со текот на месеците почнала да ги враќа килограмите.
„Ја гледав на часовите како полека расте во стомакот. Ми беше жал поради трудот и успесите кои ги добивме со програмата, си помислив дека се вратила на старите навики. Во меѓувреме, беше редовна на вежбање, а последните две недели беше на двонеделен детокс. Подоцна ми пиша дека мора да го прекине детоксот и извесно време да прекине со вежбање зашто синоќа се породила, не знаејќи дека е трудна. Како е можно, тоа беше и моето прашање“ – ја продолжува Елена оваа возбудлива приказна од животот.
Имено, по прекинувањето на програмата за исхрана, на Татјана ѝ изостанал циклусот, но таа си помислила дека повторно дошло до хормонално нарушување. Здраво и преслатко бебенце, наречено Маја, се родило точно за големиот празник Велигден, на изненадување на сите.
„Оваа приказна е уште еден доказ за силата на жената. Работа во три смени, непрекинато вежбање, обврски со дете и семејството, и да поминеш цела бременост „на нозе“, активно, без да бидеш свесна за тоа, без да се пожалиш на ништо, да се породиш сама во сопствениот дом, а потоа да викнеш помош, тоа може само жена-кралица“, заклучува фитнес инструкторката и нутриционистка Мирческа, охрабрувајќи ги сите жени кои се борат со нередовен циклус и неплодност да се посветат на здрав начин на живот, здрава исхрана и паметно вежбање.
Инаку, Елена Мирческа, сопственичка на Центарот за нутриционизам Нутриција, е познат фитнес тренер и нутриционистка, заслужна за фит изгледот на бројни Македонки.