Реклама
Uncategorized

ВО ПЕТОК СЕ ПРАЗНУВА ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СЛАВИ ВО МАКЕДОНИЈА Овие народни верувања мора да ги прочита секој верник

Реклама

Православните верници во петок, 8-ми ноември, го слават денот на Светиот великомаченик Димитриј, во народот познат како Митровден.

Празникот е посветен на антички командант од Солун кој страдал поради ширење на христијанството.

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Маркетинг

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Маркетинг

На овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дeн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско.

По бројот на оние кои го слават, Митровден е една од најголемите слави.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Според народните верувања, во пресрет на Митровден секој треба да е во својата куќа, бидејќи ако тогаш не биде дома, преку цела година ќе ноќева по туѓи куќи.

Овој ден е познат, како што се верувало, и по тоа што ајдуците тогаш се разделувале за некаде да ја презимат зимата и повторно се состанувале на Ѓурѓовден наредната година.

Според временските прилики на Митровден традиционално се предвидува каква ќе биде зимата: ако на Митровден падне снег или има мраз, зимата ќе биде остра и ќе потрае до април.

Убавото време на митровден е знак дека зимата ќе биде остра, а облачен ден најавува блага и топла зима.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button