Владо Дојчиноски е македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и режисер. Најпознат е по улогите во македонски народни приказни. Дипломирал на Факултетот за Драмски уметности во Софија, во 2008 година, и истата година се вработува во Народен Театар Куманово. Тој е дел од патувачкиот театар Колозов, каде веќе и неколку години е директор на истиот. Со него поразговаравме на најразлични теми, како од неговиот приватен, така и од професионалниот живот, а што сé ни откри, прочитајте во продолжение…
Приватна архива
Скоро 19 години сте актер, дел сте од македонските народни приказни, дел од театарската сцена, а и режисер. Се сеќавате ли на вашиот прв настап?
Се сеќавам, се сеќавам како аматер кај мене дома во двор, имаше цела сцена во дворот направено со присобрани черги, сукњите на мајка ми, јажиња, ортоми и се што најдовме дома и со децата моето мало јас режирав претстава и ја презентиравме. Скромно наплаќавме по 2 денари и делевме карти од врата до врата. После со една група на деца снимавме македонски народни приказни за една локална ТВ во Охрид. Потоа во гимназија драмска секција нешто малку посериозно, иако учев во средно економско, а таму немаше драмска секција и одев во гимназијата каде што ја водев секцијата и глумев.
А прв професионален ангажман во македонските приказни во 2006 кога завршив прва година на факултет и првата епизода е снимана на 2 август на ден Илинден ‘„Чорбаџијата и тројцата браќа“, многу интересна приказна која што и ден денес нема некој што не ми ја има спомнато. Тогаш и започна соработката со Шенка Колозова која по трет пат ја прифати мојата идеја и така започна се со македонските народни приказни, а додека во театарот на Колозов ми беше прва претстава ‘„Убавицата и ѕверот“ , а за возрасни ми беше прва претстава ‘„Лето во ноември“. Па кога дипломирав започнав со работа во кумановскиот театар. И од тогаш до сега имам околу триесет премиери.
Приватна архива
Од каде талентот за глума?
Опаа, тешко прашање, не знам , никој нема во моето семејство, моите родители беа против, но сепак желбата да се биде актер преовлада и јас самоиницијативно отидов во Софија и се запишав на факултетот за драмски уметности. И сега се радувам што било така бидејќи не згрешив а исто така ги убедив и моите родители дека е така.
Приватна архива
Кога би можеле да бирате македонски приказни или театар што би одбрале и која е разликата?
Многу голема е разликата, нема споредба, приказните ми го одбележаа моето живеење и јас живеам со нив, и не би ги оставил. Ги сакам приказните затоа што се наше национално богатство, наш фолклор традиција , а исто така јас и го сакам фолклорот и како хоби го истражувам, ги сакам и македонските народни песни.
Приватна архива
А театарот е сосема друга приказна, тоа е место каде што се живее овде и сега, а за тој момент да дојде треба многу работа, и тоа е еден долг процес кој бара многу посветеност, со кој си чепкаме во нашите души. Затоа би рекол и двете. Театарот е работа со која ние си играме со неа а и тој си игра внатре во нас, и воопшто не е лесно но сепак ни причинува задоволство.
Која улога Ви била најголем предизвик?
Секоја улога е предизвик, еве сега работам на една улога во кумановскиот театар која ми е многу голем предизвик, за која ќе треба многу да допрам во мене. Претставата се вика ‘„Девојка и смрт“ и јас ја имам улогата на еден адвокат кој што се наоѓа како жртва во една ситуација, а за жал кај него биле претходно многу, многу жртви и бил страшно суров човек. Многу ми е жал кога некоја претстава ќе ја тргнат од репертоарот после 4, 5 изведби а ти толку си вложил труд во ликот.
Се живее ли од глума кај нас, и што недостига за актерите да имаат достоинствен живот, а е професија која бара многу жртви и посветеност?
Точно така, бара многу жртви, ама можам да кажам моментално кај нас дека се живее од глума, во прашање е само колку се трудиме ние како актери да работиме и според тоа си имаме награда за сработеното.
Ние имаме еден друг поголем проблем, не ни фали да бидеме платени туку ни фали работа, нема доволно проекти. Има актери кои по три, четири години не стапнале на сцена затоа што нема нови проекти и не им се дава можност.
Што научи од бардовите на македонските народни приказни како Шенка Колозова, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски и други?
Да, од Шенка многу научив, од Ванчо многу научив, од Гоце… Многу луѓе кога ќе ме сретнат ми викаат дека се разликувам од другите помлади актери и дека наликувам на повозрасните, е тоа е од многу посветеното време и работа со нив, од кои јас купував, крадев да речам а тие нескромно ми ја дале таа можност.
Приватна архива
Интересна случка од снимањето на приказните ?
Многу приказни, 400 на број. Паметам дека во првите две епизоди целиот се тресев од трема бидејќи работам со луѓе кои ми беа идоли. Исто многу пати се случувало да се снимаат зимно време приказните кај Свети Пантелејмон и имало сцени каде што требало да се снимаат по неколку пати, а ние облечени во тенки кошулчиња, а надвор ладно но професионално сме си ги одлиграле улогите.
Приватна архива
А кога би требало да бирате да бидете само едно дали би биле глумец или режисер?
Актер дефинитивно!
Приватна архива
Како се запознавте со сопругата и колку ви е таа поддршка во она што го работите, бидејќи постојано сте со ангажмани?
Се запознавме преку приказните кои се дел од мојот живот. Сопругата е по професија психолог и проба да стапи во контакт со мене за да ми раскаже некоја приказна од нејзината баба и го напишала сценариото и ми го даде да го видам, и го снимивме и така започна нашата приказна. Таа ми е голема поддршка и има големо разбирање бидејќи јас навистина сум многу ангажиран како актер и со приказните и со театарот Колозови и во кумановскиот театар, а тоа бара многу време, но и отсуство од дома.
Приватна архива
Каков татко сте и на што го учите вашите деца ?
Се трудам да бидам добар татко и мислам дека го постигнувам тоа, единствено што сакам е да пораснат во добри луѓе, да ја сакаат природата, да ги почитуваат луѓето, да ја сакаат македонската традиција и мислам дека успеваме во тоа.
Така што еве син ми изрази желба да свири тамбура и веќе оди во музичко. И најважно да шират љубов.
Кога би имале некоја неверојатна моќ што би направиле прво?
Се надевам и многу други луѓе ова би го кажале, би го направил светот поубав, и луѓето да се сакаат меѓу себе, да даруваат љубов и во секој случај мисијата на секој човек е да оставиме некои вредности зад нас по кои ќе не спомнуваат за добро па така и ќе побудиме добро во некој од луѓето.
Приватна архива
Да се опишете себеси со неколку збора?
Првин маните, мана ми е што кога имам премногу обврски имам потреба од слободно време, а кога ќе го добијам слободното време имам потреба од обврски затоа што не знам што да направам со себе, а доблестите се тоа што имам многу пријатели, дружељубив сум и човечен, и сакам да им направам на луѓето да се чувствуваат убаво, а исто така сум и воркохолик.
Кој е вашиот најголем страв?
Се трудам да не се плашам, иако тешко оди затоа што сум слушнал некаде и тоа ми се врежа во мене а вика вака- Човек почнува да се плаши кога нема друго што да прави, тогаш се раѓа стравот. И сакам да кажам дека се надевам дека ќе имам доволно време во овој живот да можам да дадам од себе колку повеќе што можам и да си ги гледам моите деца како израснале во добри луѓе и да им се радувам.
Што ве прави среќни, а што ве нервира?
Ме нервира недоволната ангажираност и непосветеноста на работите, непрофесионалноста на луѓето, а среќен ме прават децата, среќен ме прават луѓето кога ќе ми пријдат на улица и ќе ме поздрават, среќен ме прави кога навечер ќе си седнеме со сопругата и знаеме често да си запееме дома.
Приватна архива
Дали риболовот е она што ве релаксира?
Риболовот секако, тоа е како некоја медитација и се исклучувам од се, битно ми е што ја гледам водата и се чувствувам слободен, и не само тоа туку одам и во планина собирам чаеви, печурки, ја сакам природата и знам среде планина да се изнапеам на цел глас.
Приватна архива
Што читавте последно периодов?
Последно беше книга која ја читам по втор пат, „Новела за сонот“ од Артур Шницлер
Знам дека сте добар готвач, што готвите најчесто?
Секој ден готвам по дома, тоа е мое царство, единствено сопругата готви кога јас не сум дома. Многу ме опушта готвењето , инаку готвам се, а специјалитет ми е риба, а на сопругата и е омилено бакрдан, и нема нешто што не готвам. Единствено не работам со тесто ама и тоа сакам да го научам.
Приватна архива
Порака како да се стане успешен актер?
Не знам, навистина не знам, веројатно со многу работа и многу истражување на самиот себеси, и колку и да боли некогаш внатре нема откажување. Најчесто убавите работи се кога треба да те чепне најдлабоко да ти дојдат солзи на очи вистински за да излезе најдоброто од тебе.