CelebrityИнтервју

Мојот татко е роден во Владимирово, таму сум вистински свој на своето – искрено со маестро Горан Алачки

„Нашата музика е многу почитувана на целата планета. Останува да научиме да си ја почитуваме ние самите, дома...“

Реклама
Реклама

Горан Алачки е повеќе од 30 години на македонската фолк сцена, еден е од најдобрите македонски хармоникаши и композитори на македонска народна музика. Тој во својата кариера досега има  компонирано многу  авторски песни и хитови како:  „Дојди ми Лено на перниче бело“, (Драган Мијалковски — Валандово фолк-фест 1989), „Што за светот што за децата“ (Меланхолија), „Парче од Европа“ (Тоше Проески — Национален Евросонг 2004), и многу ора и многу други композиции. Како што самиот вели, особено го радува кога некоја од неговие песни и ора низ годините на траење стануваат како ,,старо вино“, и се пеат и од нови генерации, кои не биле ниту родени кога песните се направени. што се однесува до неговиот приватен живот, не крие дека му е најубаво во Владимирово, родното место на неговиот татко, каде сега ужива секогаш кога има време за тоа, но и твори. Што уште ни откри маестро Горан Алачки за себе и за својот живот, прочитајте во новото интервју за Гламур магазин во продолжение….

Приватна архива

На нашата музичка сцена сте повеќе од 30 години и важите за еден од најдобрите македонски хармоникаши и композитори. Од каде талентот за музика и кој Ви беше ментор за хармоника?

Талент е нешто што само Бог може да подари. Кога тој талент ќе се манифестира уште во детските денови, останува да се развива и надградува, да се негува секојдневно.

Така полека станува ваша инспирација, преокупација а потоа и професија и животен позив…така беше во мојот случај.

Маркетинг

Во тој процес има два важни сегменти  -првиот се родителите, кои препознавајќи го талентот, ги прават првите чекори и создаваат услови тој да се развива, -вториот важен сегмент се учителите…

Јас имав среќа да учам од најголемите. Никола Влахов, Ѓорѓи Димчевски, Кочо Петровски, Пеце Атанасовски, Тале Огненовски, Драги Митев…

Маркетинг

Имате многу компонирани авторски песни кои станале големи хитови („Дојди ми Лено на перниче бело“, Драган Мијалковски — Валандово фолк-фест 1989), „Што за светот што за децата“, Меланхолија, „Парче од Европа“ (Тоше Проески — Национален Евросонг 2004), но и многу ора и други композиции. Што значи за еден композитор кога она што го создал ќе биде наградено или обнародено?

Автор сум на над 500 композиции-песни, ора, аранжмани кои што секојдневно се присутни низ медиумите. Делата на секој автор,кога ќе се обнародат, стануваат дел од културната ризница.

„Особено сум среќен кога некои од моите песни и ора низ годините на траење стануваат како ,,старо вино,, и се пеат и од нови генерации, кои не биле ниту родени кога песните се направени“.

Имате свирено со многу познати естрадни уметници како што се Влатко Стефановски, Стинг, Елтон Џон, Оливер Драгојевиќ, Џибони, и многу други. Што значеше за Вас да ја делите сцената со едни вакви големи музички нив?

Секое другарување со големи музички имиња е искуство повеќе. Размена на енергии, мислења и отворање на нови музички хоризонти.

Во 2021 година во родното Владимирово направивте културен центар, за што изјвивте дека сакавте да ја споите природата со уметноста. Што Ви беше тогаш целта и дали за овие неколку години ви се исполни она што го замисливте?

Јас не сум роден во Владимирово, како што постојано потенцирам – роден сум во Пожаревац, а цел живот-50 години живеев во Скопје.

Мојот татко Благој Алачки е роден во Владимирово. Тоа е за мене и татковина и дедовина, и таму сум вистински, свој на своето. Моето презиме Алачки потекнува токму од тој камен, од Алачкото маало, од семејство кое има своја вековна историја.

Културниот центар Алачки има три сегменти на делување – едукација, обединување и потсетување. Во тоа име, пред неколку дена беше доделена наградата за животно дело на големиот диригент, Маестро Ванчо Чавдарски, кој исто така потекнува од Владимирово.

Приватна архива

Таму Вашата стара куќа односно центарот е еден своевиден музеј на се она што  Вие сте го добиле како признание низ Вашето музичко патешествие. Какви реакции има од сите оние кои доаѓаат таму?

Со Културниот центар, кој го изградив веднаш до куќата каде што е роден татко ми, сакав да ја продолжам таа семејна историја и во него да ги сместам сите културни настани и збиднувања што ќе ги вратат во живот заборавените дедови огништа и ќе создадат нови вредности.

Не само спој на музиката и природата, туку и симбиоза на старото и новото, на традицијата и современието.

Културниот центар Алачки има три сегменти на делување-едукација, обединување и потсетување. Сите признанија, благодарници и спомени од долгогодишните ангажмани по светов се сместени на ѕидовите од старата куќа и тоа е своевиден музеј на мојата музичка кариера и мојот живот. Таа поставка отсликува минати времиња полни со музицирање, настапи и патувања и албум е за мојата личност.

Приватна архива

Свирите многу инструменти што е реткост и дар од бога, што се свири Горан покрај виртуозноста на хармониката?

Свирам гитара ,бас, труба, народни инструменти-тамбура, гајда, тапан. Но, мој инструмент е хармониката и сите инструменти со клавијатура.

Вие сте еден од амбасадорите на нашата музика ширум светот, како ја доживуваат надвор нашата музика, какви коментари и реакции има?

Нашата музика е многу почитувана на целата планета. Останува да научиме да си ја почитуваме ние самите, дома.

За жал, нашата национална продукција е комплетно уништена.

Заради политички цели, одамна не постојат националните оркестри и останува ние музичарите сами да се бориме за македонскиот музички идентитет и израз. За жал, политичарите ја заземаа и сцената која припаѓа на уметниците.

Приватна архива

Што мислите за македонската музичка сцена денес, што и недостига?

Недостига аналогна музичка искреност, со која ќе се оградиме од компјутерите и вештачката интелигенција.

Приватна архива

Веќе неколку години сте во љубов  со  Марина, со што Ве освои Марина, и што е потребно за да трае љубовта?

Тие неколку години станаа веќе една деценија. Рецептот за љубовта која  трае, љубоморно го чуваме јас и Марина и не го споделуваме со никого.. тоа е наша длабока интима!

Среќен сум што до себе имам жена како Марина, која ми е инспирација за многу мои музички инвенции.

Приватна архива

Многу патувате со Марина, која Ви е следна дестинација?

Ние одлучивме последнава година, наши дестинации да бидат само Гари и Владимирово, кога ни треба одмор и регенерација на  мозочните клетки. И двајцата направивме прекрасни куќи во родните места на нашите татковци.. и двајцата Блажевци и сега сме во период кога сакаме да уживаме во она што сме го направиле.

Приватна архива

Имате ли некои друго хоби покрај музиката со кое се релаксирате, читање книги, можеби готвење итн.?

Наше хоби се нашите кучиња. Ние двајцата имаме 4 кучиња-два Малтезера (Зои и Бел),Шарпланинецот Гопал и нашата убава Срна, која Марина ја прибра од скопските улици кога беше исфрлено бебе, а сега е „главна“ и омилено куче во Владимирово.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button