Тој е еден од најдобрите кларинетисти и саксофоности. Негоиот прв контакт со кларинетот и саксофонот, кои ги свири истовремено веќе 40 години, почнува од неговата 10 годишна возраст. Генот за музика го има наследено од неговиот татко Благоја, кој е родум од Штип и бил наставник по музика. Јас можам да кажам дека сè што постигнав е благодарение и првенствено на дарбата од Бога но и мојот голем труд и многу вежбање низ текот на 365 дена во годината. Класична музика 6 години нижо и 4 години средно музичко учев кај професорите за кларинет Манол Јанев и Стојан Димов во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј’’ и Штипската музичка школа во класата на професорот Раде Стојчев вели за Гламур Илија Ампевски-Ампе.
Приватна архива
Оваа година му е посебна, јубилејна. Наполни 50 години а истовремено и 35 години како музичар. Значи од тие 50 години цели 35 години од неговиот живот е музички активен. Накратко вели ,,Мојот живот е музика’’ Досега има снимано 103 ора и чочеци, на 8 носачи на звук и две цедеа со духовна музика а при крај е и неговото ново 11-то цеде со наслов ,,ШЕРБЕТ’’
Важите за еден од најпознатите кларинетисти на македонската естрада, па дали може да ни кажете нешто повеќе за вашите почетоци?
Мојот прв контакт со кларинетот и саксофонот, кои ги свирам истовремено веќе 40 години, почнува од мојата 10 годишна возраст. Генот за музика го имам од мојот татко Благоја, кој е родум од Штип и кој беше наставник по музика. Тој свиреше хармоника и гитара но имаше една неисполнета животна желба да свири кларинет. Секојдневно сакаше да слуша македонска народна музика а посебно ги сакаше Кирил Манчевски и Никола Бадев. Пееше во фолклорното друштво „Кочо Рацин“ и на еден нивни концерт додека свиреше познатиот кларинетист Стеван Христовски се појави голема желба во моето срце и јас да свирам кларинет и саксофон. Баба ми Ермофила, мајка на мојата мајка Марика беше Ерменка по националност и со дедо ми Коста, Македонец со потекло од Ениџе Вардарско Јеница– Пазар, постојано слушаше турска и грчка музика па така од дете слушајќи различни стилови на музика со мојот прв иструмент блок флејта почнав да свирам македонска музика но и други различни стилови на музика. Од мојата 15 годишна возраст веќе свирев по банкети, веридби и свадби. Прв професионален оркестар во кој бев повикан да свирам беше групата „Калабалак“. Нашата позната пејачка, Блага Петреска, ме повика да го земенувам Ферус Мустафов на манифестацијата „Фолк хит на годината“ и после тој настап, добив покана да бидам рамноправен член на легендарната македонска група „Македонски мерак“ со кој ги поминав најубавите години од мојот живот, учејќи да свирам македонска музика, на уште повисоко ниво рамо до рамо со најдобрите, особено со нашиот хармоникаш, Милан Завков, кој посебно е заслужен за мојата музичка кариера. Многумина ме прашуваат кој те научи да свириш ? Кој е главниот учител? А јас можам да кажам дека сè што постигнав е благодарение и првенствено на дарбата од Бога но и мојот голем труд и многу вежбање низ текот на 365 дена во годината. Класична музика 6 години нижо и 4 години средно музичко учев кај професорите за кларинет Манол Јанев и Стојан Димов во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј’’ и Штипската музичка школа во класата на професорот Раде Стојчев.
Приватна архива
Народната музика ја истражував сам и ја учев од моите индиректни учители како Тале Огненовски, Медо Чун, Стеван Христовски, Стојан Трајковски, Ферус Мустафов, Куртиш Кадриев, Иво Папазов, Вевки Ахмедов, Тунан Куртишев, Василис Салеас, Мустафа Кандер Али. Ова се виртуози од Македонија и Балканот, од кои учев и изградив свој стил на свирење по кој сум препознатлив.
Во вашата кариера имавте соработка со многу звучни имиња и врвни хармоникаши, а и со доста познати музички изведувачи. Какво беше искуството да се соработува со нив, и може ли да ни издвоите некој?
Да, имав можност и бев привилегиран да свирам и снимам со најдобрите музичари во Македонија почнувајќи од Милан Завков, Миле Барбаровски, Тодор Завков, Орце Лазаров, Баже Маротов, Милан Кацарски, Дамир Имери, Дуле Божиновски, Скендер Амет, Сашко Велков, Мишел Трајковски, МендуДеар – Мече, Ферус Мустафов и многу други имиња кои се запишани како виртуози на македонската народна музика. Мојот кларинет и саксофон се присутни на најголемите хитови испеани од Васка Илиева, Петранка Костандинова, Александар Сариевски, Орце Стевковски, Војо и Билјан Стојановски, Блага Петреска, Благица Павловска, Елена Георгиева, Јасмина Гуњова, Јордан Митев, Зоран Ванев и многу други вокални интерпретатори. Посебно ми се драги спомените од многуте фестивали, на кој имам настапувано како „Фолк хит на годината“, „Цветници“, „Валандово“, „Тумба фест“ но и многу ангажмани низ европските земји. Периодот од 1991 до 1998 година е најубавиот дел од мојот живот кој никогаш нема да го заборавам.
Кога бевте на врвот од Вашата кариера се преселивте и живевете во САД, Чикаго, каде и понатаму ја негувавте македонската музика и дојдовте до идеа да направите балкански проект. Да ни кажете накратко за тоа?
Во 1998 година се преселив во Канада и продолжив со моето животно и музичко патување, свирејќи за нашата македонска дијаспора но и со врвни музичари од целиот Балкан и џез музичари особено во Америка. Во Чикаго го направив мојот оркестар „Ампевски“, со кого имав големи успеси и добив многу добри критики свирејќи на многу фестивали и свадби низ цела Америка. Во Чикаго го снимив мојот трет албум со етно џез музика, на кој свират музичари од различни профили и нации. Особено ми е драго што свирев со клавиристи како Бане и Александар Џорџевич, Дача -виолина и хармоникашите Крис Бајмакович, Ице Пецаковски, Ненад Перич, Боро Шкорич и легендарниот Мичо Радованович.
Приватна архива
Во 2009 се вративте повторно во Македонија каде живеевте во Охрид и снимавте ЦД со духовна музика. Зошто?
Во 2005 година, на мојата турнеја во Австралија, доживеав искуство што го промени мојот живот. Можеше да биде фатално по мојот живот но фала и слава на Бога, Кој ми подари би рекол втор живот, покажувајќи ми како да ги вреднувам работите во животот и да сфатам што е вредно а што е безвредно на оваа планета. Дарот за музика ми е од Него и сè што имаме, дишиме, гледаме, допираме под ова небо е од Него и слава за Него. Од мали нозе сум учен од моите родители да бидам богобојазлив и верен на Господа и после тоа што ми се случи во Австралија денот не го почнувам и завршувам без молитва и благодарност а така живее и целата моја фамилија. Токму во знак на благодарност за сè кон Бога, одлучив да снимам албум со духовна музика. Во отој период создадов два албума со духовна музика која посебно ми дава мир во душата.
Таа музика е особено убава и пријатна за слушање. Во 2009 година се вратив во Македонија на подолг период и ја запознав мојата сопруга Емилија, со која ги имам синот Стефан и ќерката Ана, која се роди во Охрид. Имаме прекрасни спомени од нашиот тригодишен престој во Охрид. Има период кога човекот е преполн од сè и му треба одмор буквално од сè, Охрид беше вистинското место. Подоцна во 2015 година добив повик да свирам со Милан Завков во Австралија на една посебна свадба кај еден наш колега во Мелбурн, и тогаш донесов одлука да се преселам во Австралија, која многу ја сакам, во секој поглед, па така од 2015 па до денес, сум прво македонски, канадски а од неодамна и австралиски државјанин.
Сега сте во Австралија и оваа година прославувате јубилеј и издадовте албум. Што значи за Вас овој јубилеј?
Оваа година ми е посебна, јубилејна. Имено наполнив 50 години а истовремено и 35 години како музичар. Значи од тие 50 години јас цели 35 години од својот живот сум музички активен. Накратко би рекол ,,Мојот живот е музика’’ Досега имам снимано 103 ора и чочеци, на 8 носачи на звук и две цедеа со духовна музика а при крај е и моето ново 11-то цеде со наслов ,,ШЕРБЕТ’’.
Што работите во Австралија и дали имате настапи таму? Иако знам дека Вие постојано сте насекаде низ светот присутен презентирајќи ја својата музика?
Живеам во гратчето Ливерпол, одалечено на половина час од Сиднеј и работам како музичар со полно работно време. Веќе 6 години свирам со групата „Деспина“, и тоа се колеги кои ми се посебно драги. Инаку секојдневно сум во моето домашно студио, во кое снимам музика за мене и за други пејачи, кои имат потреба од моите иструменти. Свирам и за неколку австралиски агенции, кои работат во организација на свадби за секакви нации и особено сум баран со мојот саксофон, за да одсвирам иструментали на најпознати светски хитови, додека младоженците влегуваат на свадбената свеченост и тоа го работам кога немам ангажмани со групата „Деспина“. Исто така сум дел од бендот на познатиот бубњар Еван Јако, кој е асиријанец по потекло. Во 2022 година со овој бенд имав прекрасен концерт во Опера хаус и повторно ново искуство. Во мојата долгогодишна кариера навистина голема чест е да се настапи на сцената на оваа врвна институција а чуството да се свири на таа сцена е неописливо и треба само да се почуствува. Зборовите едноставно не можат да го доловат тоа. Оваа година поточно на 30 ноември, повторно се подготвувам за вториот концерт во сиднејската Opera House и моментално го привршувам мојот нов албум, интензивно се подготвувам за јубилејниот концерт кој треба да се одржи на 23 Јули оваа година во Битола, семинарот за кларинет и саксофон во Охрид 17 до 19 Јули и штотуку ја завршив мојата прва книга со мелографирани ора и чочеци која набрзо ќе биде готова. Така да оваа година ќе ја обележам со многу активности. Имам уште една новина посебно за моите колеги кларинетисти. Открив нешто ново на кларинетот кое веќе го патентирам и со кое ќе се запише моето име во историјата на кларинетот а верувам ќе биде на голем благослов за сите кларинетисти во светот.
Покрај музиката што Ве прави среќен и каде ја обновувате енергијата и како?
Австралија е посебно убава и има секогаш нешто ново да се види и истражува. Денот го започнувам со прошетка во парк или утринско вежбање во теретана и после обврските со децата и сопругата, често одиме на некои нови места и откриваме нови галерии, презентации, паркови и плажи кои се навистина едни од најубавите во светот.
Приватна архива
Сопруг сте и татко кој е начинот на баланс помеѓу работата и семејството. Кој е клучот за успех и на двете полиња?
Треба да се биде толерантен, трпелив, и посебно секојдневна комуникација се секој еден во семејството. Секој има различни потреби и активности во текот на денот, на крајот од денот сите треба да се задоволни а за тоа треба време кое треба да се одвои за секој еден од нив. Стефан има 13 години а Ана има 10 и за сега можам да најдам време за моите и нивните обврски.
Приватна архива
Подготвувате нешто ново станува збор за концерт и семинар кој ќе се одржи кај нас во месец јули. Па да ни кажете нешто повеќе за тоа?
Да! Имав голема желба за мојот 50. роденден да организирам семинар каде ќе можам да го поделам моето долгогодишно искуство со кларинетот и саксофонот. Во мое време немаше никаков семинар за кларинет и саксофон од овој вид. Народната музика беше забранета во музичките школи и учевме само дома, слушајќи касети и гледајќи како свират постарите колеги по свадби и други прослави. Има тајни во народната музика кои неможете да ги најдете во ниедна книга за класична музика. Тие се пренесуваат од генерација на генерација и не се споделуваат со други колеги. Мислам дека секој кој ќе дојде во Охрид од 17 до 19 Јули оваа година ќе има што да научи и да има незаборавно искуство и дружење.
Исто така мојот јубилеен концерт е закажан за 23 Јули во народниот театар во Битола. Ќе ме придружуват 14 музичари со кои имам долгогодишна соработка а и важат за најголеми виртуози во македонската народна музика но и вокалните солисти како Дамјан Стојановски, Татијана Стефановска и Ема Јовановска.
Дали Ви недостасува Македонија и времето во кое Илија Ампевски беше еден од најдобрите кларинетисти и саксофонисти и беше дел од многу свадби и веселби?
Годините поминати во Македонија не се враќаат но спомените се незаборавни за сè има свое време под ова небо.
Би се вратиле ли пак овде?
Јас навистина би сакал да се вратам и да живеам меѓу својот народ а и никој од нас не знае што носи новиот ден но, ако е Божја волја, и тоа може да се случи.