Реклама
Интервју

Арнаудова: Татко ми ме научи да ги почитувам корените и да ја сакам Македонија

Беше и смешно и чудно 2 годишно малтене бебе да се расправа со својата 6 годишна сестра за насловот на песната на Тина Тарнер, вели низ смеа Харита Арнаудова за нашиот медиум

Реклама

На денешен ден , 6 декември, пред 12 години, не напушти нашиот славен музичар, Гоце Арнаудов. Тој остана запаметен како човекот што пее со срцето. Слава му!

Песните на Гоце и ден денес ја поткреваат атмосферата на прославите, дури и кај новите генерации се популарни. Нема кој не го сака Гоце и неговата енергија. За жал нема никогаш да чуеме нова песна од него, но ќе ни остане да се потсетуваме преку неговите бројни хитови дека загубивме една неповторлива музичка легенда.

Маркетинг

За големината на Гоце ќе продолжиме да  се сеќаваме и преку неговите деца.

По повод денешниот ден, направивме разговор со неговата ќерка Харита Арнаудова. Со ова интервју ви го најавуваме новиот серијал на Гламур.мк – ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА РОДИТЕЛИТЕ ВО 21. ВЕК

Маркетинг

Во рамките на ова интервју, прекрасната Харита, ни откри каков родител бил Гоце Арнаудов  и како ги воспитувал кога биле мали.

Вашите ќеркички имаат 6,5 и 2,5 години. Дали е тешко да се биде родител на две мали деца ? Имате ли помош од некого при чувањето?

Да, тоа е возраст кога децата го бараат целосно вашето внимание, а и разликата во нивната возраст налага тие да имаат различни барања во исто време 🙂 Е тогаш настанува проблем, невозможно е да се клонираш, па доколку немаш помош неиздржливо е да се функционира секојдневно со сите останати обврски како на работа така и дома…

Секако дека имав помош, уште од самото раѓање на Каја, мајка ми беше кај нас, иако планираше да остане во Охрид само 2-3 месеци таа остана неколку години 😁

Кога мораше да се врати за Струмица тогаш ја замени мојата баба 😁 Така што со таа помош функционирав до неодамна…

Секако, секојдневно на припомош ни се и родителите од сопругот кои живеат во наша близина во Охрид и често сме кај нив на ручек.

Премногу сум благодарна за таа помош која беше од непроценливо значење за мене, дури и се сомневав дека некогаш ќе успееме да профункционираме со сопругот самостојно… но ете последните неколку месеци се снаѓаме сами и не ни оди лошо. Сметам дека родителите сами треба да воспостават некој ред и навики кај детето кои ќе ги почитуваат и сите оние кои учествуваат во одгледувањето на децата.

Може ли да ни опишете какви се Дора и Каја ?

Каја и Дора се исклучително темпераментни деца, јас просто се чудев како можеше од мене да излезе толку темперамет 😁 Јас сум била живо дете, но многу разбрано, Со нашиве се изнамачивме додека да влеземе во колосек, прво поради темпераментот на Каја и постојаната захтевност од внимание, а со Дора веќе се навикнавме 😁 иако сметам дека со нејзе повеќе излегувам на крај отколку со Каја кога беше на иста возраст, сепак нели второ дете. Значи во темпераментот се многу слични, но се радувам што се среќни и задоволни. Веројатно како и сите денешни деца 100% го бараат нашето внимание, додека пак околу побарувањата од материјален карактер се доста скромни 😊

Сега Каја е прво одделение и веќе нејзините барања и потреби се сменија. Но сепак кога се заедно со Дора повторно си наоѓаат заедничка игра и знаат во тоа да се внесат како да се врснички 🙂

Кога си родител секој ден е исполнет со многу љубов но и со многу стрес.

Јас уште не го научив рецептот како да не ги прифаќам стресно нештата поврзани со нив и околу нив. Се надевам со време ќе се научам се да прифаќам поопуштено 😁

Споделете со нас некоја анегдота што ви ја направиле вашите деца?

Секојдневно се случува да ме изненадат со нешто, сега Дора е во таа возраст кога се учи и тоа предвреме од сестра и. Се изненадив пред извесно време, татко им во кола често им пуштал цд од Тина Тарнер, после една недела тие ги знаеја сите песни од тоа цд, двете се расправаа дали една од песните се викала Golden eye или see reflection 😂😂😂 јас бев фрапирана. Беше и смешно и чудно 2 годишно малтене бебе да се расправа со својата 6 годишна сестра за насловот на песната на Тина Тарнер 😂😂😂

По какви методи ги воспитувате? Дали сте мајка која го сака традиционалниот начин на растење деца или пак ги практикувате модерните начини со следење на книги, интернет групи со мајки и сл.

Сметам дека секое дете е посебна приказна и тешко воспитувањето на децата може да се научи од книга, можеби повеќе од искуства на мајки, но најдобро ќе те научи сопственото искуство.

Веќе кога ќе ги погледнам знам што сакаат без да кажат, знам колку имаат температура без да измерам, можам и секоја беља предвреме да им ја предвидам 😂

Бев смирена личност, сега трпението доста често знае да ме изневери па можам да експлодирам па и да преземам и некои традиционални мерки на воспитување 🥴 Сфатив дека е бескорисно да се губи енергијата непродуктивно и дека е подобро смирено и со трпение да се преброди кризата кај детето… тешко е да се остане смирен во многу ситуации, но неопходно за да се реши ситуацијата.

Го сакам начинот на растење на деца кој сме го имале ние, со дружење, прошетки, игри во природа и на отворено. Јас се трудам што подолго да ги оддалечам од таблетите и телефоните, преку дружење со други деца, прошетки во природа или посета на омилените места.

Што мислите има ли голема разлика во начинот на растење на децата во 21 век,за разлика од времето кога вие сте биле дете? Кои се предности, а кои мани на модерното време?

Гооолема разлика…. Прво голема е разликата меѓу децата од нашите генерации и денешните деца… се уште неможам да ја најдам точната причина зошто е тоа така, веројатно ги има повеќе, преголема достапност до се, таблети, телефони, телевизија…. Меѓутоа и пред да се соочат со таа технологија уште во најрана возраст тие како бебиња се поразлични и позахтевни…

Јас сум среќна што моите деца повеќе сакаат игра со деца, прошетка во природа, отколку таблет… Ги воспитувам секогаш да бидат добри другари, тие и не знаат за разлики, поделби и ограничувања во дружењето и јас сум горда што како родител сум успеала во тоа. Емпатијата и дружељубието е основата да се изградат во добри луѓе, иако во ова време помалку и опасно, сепак верувам дека доброто воспитување секогаш е во мода.

Дали е тешко да се биде родител во 21 век?

Секако дека е тешко, не велам дека им било многу лесно на нашите родители, но денес ние како родители на малолетни деца се соочуваме со многу повеќе предизвици отколку нашите родители порано.

 Не можам, а да не ве прашам дали начинот на кој што ве воспитуваше вашиот татко, незаменливиот Гоце Арнаудов го практикувате за воспитувањето на вашите деца?

Растев во време кога се практикуваа традиционални мерки на воспитување, но татко ми никогаш не ги примени. Веројатно и немаше потреба затоа што јас и брат ми бевме доста разбрани и воспитани деца.

Татко ми немаше потреба никогаш да ни се обрати на повисок тон а камо да применува порадикални мерки.

Секогаш беше со другарски однос кон нас и како награда за нашето поведение ги исполнуваше сите наши желби.

Тој не беше некој воспитувач затоа што таа голема должност и беше доверена на мајка ми 😁 Значи за нашето добро поведение сепак е заслужна мајка ми. Тоа што татко ми најдобро знаеше да ни го пренесе беше од областа на музиката, често знаеше да ни раскажува и приказни за нашите предци, преку тие приказни ме научи да си ги знаеме и да си ги почитуваме нашите корени а со тоа да си ја сакаме и земјата.

Дали вие наследивте гласовни способности за пеење од татко ви? Дали можеби некоја од вашите ќерки покажува такви афинитети?

 

Па секако дека сите ние имаме по нешто наследено од неговиот голем музички талент. Верувам дека ќе се пренесе на децата 😁

Пеат и слушаат музика поразлична од таа што јас сум ја слушала, јас слушав „Бело Дугм“е, на 4-5 години заспивав и се будев со нив 😁 тие слушаат повеќе странска музика и мило ми е што имаат вкус за добра музика. Уште непрозборени тие веќе пееја песни 😁 Но не сакам ништо да им наметнувам, можам само да им дадам некоја насока и секако помош и поддршка доколку забележам дека тоа вистински го сакаат.

За балканскиот бисер е повеќе од јасно дека е преубав, посебно во лето, но каков Охрид за едно дество?

Јас, како дете порасната во помал град, бев сигурна дека моите деца сакам да растат во помал град.

Додека живее и вработев во Скопје не можев да сфатам како моите пријатели со деца можат да функционираат во тој хаос. До 16ч на работа, во гужвите брзаш да го земеш детето од школо, веќе станало 16:30 па мораш да возиш кон школата за модерни танци или англиски или кошарка…бидеки таму има час од 17:30 а ако се вратиш дома нема навреме да стасате на дополнителната активност… часот трае 1ч па ете возиш во гужвата кон дома и некако 19-19:30 успеваш на најдеш паркинг пред зграда… дома немате време ни да се прашате како ви поминал денот затоа што детето мора во кревет…

Во помалите градови се е поблиску и полесно, може во голем град има повеќе можности и активности за детето, но во помалите градови има повеќе време за сето тоа, а пред се повеќе време за семејството.

Охрид е убав и лете и зиме, јас се уште се однесувам помалку и како турист 😁

Можеби градот не нуди толку голем избор на модерни игротеки но затоа има безброј опции за прошетка на отворено и во природа што сметам дека е многу покорисно. Преку лето секако секојдневно плажирање и пливање.

Секако децата имаат и свои омилени места и локали каде секојдневно поминуваме дел од времето, место каде сакаат да јадат, место каде ќе го нарачаат омилениот десерт, омилена продавница за играчки… Животот во помалите градови има свои предности, секако и негативни страни…

 

Сепак, јас се определив овде да ги растам моите деца затоа што времето поминато со нив ми е бесценето.

 

*Фотографиите се приватна архива од инстраграм профилот на Харита Арнаудова.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button