Сања од „Брза кујна“: Никогаш во раце не сум имала цревца, нема да ги подготвам, но за јадење не би ги одбила – ПОЗНАТИТЕ ВО КУЈНАТА
Таа се уште не е мажена, па не интерсираше како се снаоѓа во кујната и дали научи нешто од шефовите.
Водителката Сања Савеска позната како домаќинката од „Брза кујна“ е девојка која што одлично се снајде во оваа емисија.
Таа се уште не е мажена, па не интерсираше како се снаоѓа во кујната и дали научи нешто од шефовите.
Со ова интервју Гламур, ви го најавува новиот сериал ПОЗНАТИТЕ ВО КУЈНАТА. Уживајте во првиот разговор.
Дали сакате да готвите?
Сакам и тоа многу.Готвењето и работата во кујна вистински знае да ме исполни но и да ме смири.
Што најдобро знаете да зготвите?
Па не би можела да издвојам што можам најдобро да зготвам, вака кога ќе размислам можеби тоа е ориз, рижото на најразлични начини.
Дали сте брзи или бавни во кујната?
Кога треба нешто набрзина да биде готово, знам да бидам брза , но искрено повеќе сакам да уживам во готвењето и пополека да подготувувам .
Кој е најкомплицираниот рецепт што знаете да го направите?
Се што е ново знае да биде комплицирано ако не сте подготвени. Некогаш ми било комплицирано да подготвам морски плодови, и мислев дека е тешко. Кога прв пат земав тесто во рацете и за тоа ми беше паника, дали ќе знам кога е доволно измесено, што е тоа меко тесто, кога е стасано….Во готвењето треба да постои љубов и трпение, да се има желба нешто да се подготви е најважно, и да се згреши и да се утне не е грев, следниот пат ќе биде подобро. Никогаш во раце не сум имала цревца, крезли, јатки, такви некои намирници мислам дека никогаш нема да ги подготвам , но за јадење не би ги одбила.
Кое ви е омилено јадење?
Во принцип сум гурман и сакам скоро се од традиционална кујна, сакам и италијанска кујна многу , љубител сум на тестенини. Па така си имам и многу омилени јадења , но сепак ќе ги одвојам полнетите пиперки на мајка ми.
Што преферирате повеќе благо или солено?
Многу сакам благо, и кога на трпезата има благо и солено, и ми кажат одбери едно нешто, сигурно би одбрала од благото.
Има ли нешто што не јадете?
Јадам се , нема нешто што не јадам, само не поднесувам лута храна.
Кое е најубавото нешто што сте го пробале од храна?
Многу одамна, во Франкфурт, во едно мало кинеско ресторанче пробав патка во слатко кисел сос, е тој вкус никаде потоа не го најдов.
Дали од „Брза кујна“ успеавте да научите рецепти кои ги применувате дома?
Многу научив од шефовите. Секаде кажувам дека тие се вистински професионалци и тоа што го прават секој работен ден во „Брза кујна“ е вистинска кулинарска уметност. Применувам многу од нивните споделени идеи, но и често знам да побарам и некој совет од нив за подготовка на некои јадења.
Дали во Македонија има добра храна?
Македонија е домаќинска земја. Топли се и луѓето и храната тука е највкусна. Во секој крај има нешто што ќе те натера повторно да се вратиш и да го пробаш уште еднаш. Би ги издвоила питите и зелниците, сервирани со домашно кисело млеко.
Што им препорачувате да пробаат на гостите од странство?
Гостите ако се на диета, тука ќе мора да ја прекршат, затоа што мора од многу специјалитети да се проба. Списокот е навистина долг, и не би било домаќински нешто да не се понуди. Тука се секогаш добро познатото тавче гравче, сармата, турли-тава, ајварот и туршијата, пинџур мора да пробаат , пити и зелници, ѓомлезе или питулици, крушевски локум……
Дали знаете да се опуштите со нездрава храна? Што јадете од „забранетото“?
Уф…одолевам некако , некогаш знае да биде тешко но издржувам. Сакам да јадам што е можно поздрава храна и навистина подобро се чувствувам така, но имам моменти кога посакувам еден така убав богат хамбургер со многу помфрит, кечап и мајонез, или палачинка со многу крем и шлаг, но сепак тоа е ретко.
Што преферирате повеќе овошје или зеленчук?
И овошјето и зеленчукот се дел од мојата исхрана , можеби не во големи количини но секојдневно ги консумирам. Сакам сезонски се што е достапно а богами кај нас пазарите се вистинска витаминска градина, и штета е да не се јаде овошје и зеленчук.
Има ли нешто што никогаш не сте го пробале од храна, а сакате да го пробате?
Уффффф….Има многу, не сум имала многу можности да одам во некои далечни земји и да пробам локална храна, па тоа ми е една желба која стои така нереализирана, но би сакала еден таков гастро туризам, каде би имала можност да пробам најразновидна храна, подготвена на традиционален локален начин, со разни зачини и вкусови. И на такво патување би пробала се.
Дали консумирате алкохол?
Не, скарана сум со алкохолот. Само во некои прилики каде што треба да се наздрави одбирам чаша бело вино.
Кој ви е омилен пијалак?
Во последно време само вода, негазирана .
Што би одбрале ручек со пикник или ручек во елитен ресторан?
Пикник дефинитивно. Повеќе уживам во опуштен ручек на некоја убава локација, отколку во елитен ресторан. И тоа храната од дома да си ја спакувам. Во тие моменти е најважна енергијата и мирот , тоа се моменти кои многу подолго остануваат во сеќавањата и кои секогаш сакаме да ги повториме.