Возел 32 км/ч над дозволеното, казнет со 121.000 евра – во Македонија ќе можел да помине и со само 150 евра
Виклоф е сопственик на компанијата Виклоф Холдинг која во 2020 година имала промет од 247 милиони евра
Неверојатно голема казна доби бизнисмен од Финска
Мултимилионер од Финска неодамна мораше да плати една од најголемите казни за пребрзо возење на светот.
Во оваа земја казните се пресметуваат според приходите на оној што го направил прекршокот, така што богатиот бизнисмен Андерес Виклоф (76) морал да плати казна од неверојатни 121.000 евра.
„Навистина ми е жал заради тоа“, изјави Андерс за медиумот „Њу Аланд“, и додаде дека почнал да забавува, но не го направил тоа на време.
Како што пренесува хрватскиот Индекс, овој фински мултимилионер возел со брзина 32 километри на час преку дозволеното.
Виклоф е еден од најбогатите Финци и како што објаснува за споменатиот медиум ограничувањето на брзината наеднаш се променила од 70 км/час во моментот кога тој со својот автомобил возел 82 км/час.
Паричните казни во Финска за сообраќајни прекршоци се темелат на тежина на прекршокот и на приходите на прекршителот.
Овие податоци полицијата може веднаш да ги провери со поврзување на главната база на податоци на даночните обврзници.
Отежната околност е тоа што ова не му е прва ваква казна на бизнисменот за пребрзо возење.
Тој во 2018 година бил казнет со 63,680 евра, а пет години претходно за истиот прекршок платил 95.000 евра.
Овој пат му е земена и возачката дозвола на десет дена.
Инаку, Виклоф е сопственик на компанијата Виклоф Холдинг која во 2020 година имала промет од 247 милиони евра. Кога тој би живеел во Македонија и би го напрвил истиот прекршок, би бил казнет со глоба од 300 евра или половина од оваа сума доколку истата ја плати во рок од седум дена. Но покрај глобата во Македонија на возачите кои низ населено место се движат со брзина поголема од 30 до 50 км/ч над дозволената брзина им се изречува и санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
Глобите за сообраќајните прекршоци кај нас
На јавен пат во населено место во Македонија, возачите не смеат со возилото да се движат со брзина поголема од 50 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел.
Еве ги глобите за овој сообраќаен прекршок кај нас:
– 10 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.
– 45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина
– 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
– 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.