Приказна што го расплака целиот Балкан за момчето со аутизам и таксистот кој останал без зборови кога подобро го запознал
Приказна која на многумина е им го разубави денот, и покрај тоа што од емоциите на некои им се насолзија очите.
Приказната е вистинита, се случила во еден град во Србија, а главен јунак во неа е аутистично момче кое со своето однесување покажува колку светот може да биде поубаво место за живеење доколку само малку се промениме.
Но очигледно дека ние луѓето, се уште не сме подготвени за таквите чекори, така што наместо љубов, шириме омраза, страдање и војни.
Но да се вратиме на поубавата страна од животот. Приказната ја споделува еден таксист, кој опишува што му се случило.
Истата е објавена на еден профил на Твитер, а ние во целост ќе ви ја пренесеме за да не го расипеме впечатокот.
Приказната започнува кога таксистот ќе дојде на одредено место за да ги собере своите патници, и кога тој ќе се сретне со мајката и детето за кои подоцна, во текот на возењето ќе дознае дека е аутистично. Разговорот што го водеше со малиот и неговата мајка тој го преточи во неколку твитови, за кои сме повеќе од сигурни дека на многумина, откако ќе ги прочитаат, ќе им се насолзат очите.
Истата оваа приказна беше објавена и минатата година, но деновиве повторно е актуелна на социјалните мрежи.
„Пред крај на смената секогаш сум малку нервозен иако денес не беше голема гужвата во шпицот. Доаѓам на позната адреса на која веќе возев некој средношколец на училиште. Малиот вечно ми доцни, но затоа добро плаќа. Тргнувам. Но пред зградата го нема вообичаениот патник.
Наместо него тука е млада жена која држи за раце мало и слабо момче, кое не е постаро од пет години. Таа ја отвора вратата и се бори со чантата додека малиот молкум се качува на задното седиште и седнува на средината.
‘Добар ден друже’, го поздравувам со насмевка, половично свртен кон него. Малиот забавено го подига погледот, и на неговото, до тогаш сериозно, лице се појавува насмевка. Во истиот момент стана и ме гушна како што можеше, онака стиснат меѓу седиштата и ја потпре главата на моето раме“.
Кога ме пушти по неколку секунди, јас, изненаден од постапката, се вртам малку повеќе кон него. Крупни очи, темни, длабоки, како ниту едни други кои ме гледаа и блескаа на неговото насмеано лице.
Тогаш влегува жената и седнува покрај него со прашањето:
‘Сине, го поздрави ли чичкото?’
Малиот молчи, јас одговарам и за двајцата:
‘Да, госпоѓо, се изгушкавме како да сме најблиски роднини’. ‘Ех, тој е таков…’ Одиме на Топалово но прво да поминеме до пекарата.
И додека одиме кон пекарата, тие двајцата весело разговараат, повеќе како две деца во градинка, отколку како мајка и син.
‘Сакаш грав за ручек? М?’ ‘Нема грав!’ ‘А можеби сакаш пица за ручек?!’ ‘Даааа!’
Стигнавме кај пекарата, тие двајцата излегуваат и набргу се враќаат. Момчето седнува на ситото место, во крилото држи кутија со пица, ѕирка внатре, мирисот се шири низ кабината, продолжуваме. Тие повторно разговараат.
Покрај многуте извици и ономатопеи се провлекуваат смислени реченици што малиот ги изговара со совршена дикција.
‘Ќе го викнам Томе, тој сака да се игра со мене.’ ‘Може!’ ‘И Томе сака пица…’ Потоа повторно престана да зборува.
Сега јас се обидувам да ја прекинам тишината: ‘Одиш ли во градиника?’
Тишина… Ми одговара мајката:
‘Не, не оди. Тој е аутистичен’. На мене ми е непријатно. ‘Извинете , не знаев’. ‘Ма не извинувајте се. Не е тој толку проблематичен и затворен, само малку е .. поинаков. Тој светот го гледа многу поразлично од нас’“.
Тогаш тивко воздивна и продолжи. ‘Ете, вас ве гушна, а тоа ретко го прави, посебно кога некој ќе го види прв пат. Понекогаш имам впечаток дека ние имаме погрешен поглед на светот, а дека тој го разбира многу подобро од нас’.
До крајот на возењето ми зборуваше за неговата љубов кон животните, колку убаво црта човечки ликови, како во ведрите ноќи знае по цела ноќ да гледа без престан во Месечината…
Додека им го враќам кусурот, момчето повторно стана.
„Овој пат ми ја спушти дланката на образот, а потоа ги допре рамките од моите очила. ‘Чао’. ‘Чао’. Убаво да се биде дел од тој свет зад погледот на тие крупни, темни очи, длабоки како ни едни други“ пишува Грофот од Качулица, како што се нарекува профилот на Твитер што ја објави приказната.
Неколку факти за аутизмот
Во нашата земја се уште нема регистар со точна бројка на лица со аутистичен спектар, но според одредени проценки и компарации со процентите во другите земји би се очекувало да има околу 20.000 лица со аутизам. Од Македонското научно здружение за аутизам, велат дека аутизмот не е болест, туку развојно нарушување. Но, алармираат дека, без национална стратегија и регистар на точниот или барем приближниот број на овие лица, кои бараат соодветна грижа и внимание, Македонија, за жал, останува без можност за намалување или барем ублажување на овој проблем.
Во 80-тите години од минатиот век, аутизмот бил многу поредок од денес. Во просек имало околу 4 случаи на 10.000 деца, додека најновите истражувања покажуваат дека денес едно од 50 деца има аутизам.
И бидејќи аутизмот се уште преставува енигма во науката, Федералната агенција за здравје во Америка минатиот месец најави дека во следните пет години ќе инвестираат 100 милиони долари во истражувачки проекти кои имаат за цел да ја решат оваа енигма. На овој начин и лицата со аутизам ќе добијат голем исчекор и ќе бидат поблиску до достојниот живот, живот кој не е обележен со стигма и неразбирање, како што е случајот денес.
Од друга страна, Скандинавците имаат отидено и еден чекор пред Американците. Имено, Норвежаните и Данците, на пример, се повеќе отвораат простор на пазарот на трудот, најмногу во трговските центри за овие лица.
Откако вработуваат лица со аутизам, задоволните муштерии велат дека кај нив полиците со роба никогаш не биле толку средени.