Иако годините одминуваат, тој е непребол за целиот регион.
Да беше жив Тоше Проески денес ќе славеше 41-ти роденден.
Изминаа 41 година откога се роди човекот кој освен огромен талент поседуваше и огромно срце и секогаш имаше љубов за сите.
Неговиот млад живот згасна прерано, како и неговата кариера заради трагичната сообраќајна не-среќа.
Тој трагичен ден, на 16 октомври 2007 година плачеше целиот регион кога во медиумите се појавија првите вести дека на автопатот во Хрватска, во близина на Нова Градишка, на патот од Скопје кон Загреб, кога имаше само 26 години, згасна животот на нашиот ангел Тоше Проески.
Зад себе остави многу хитови, но беше и пример за човек кој има доблест и хуманост.
Тоше е роден во Прилеп, во 1981 година, а зад себе има оставен богата музичка ризница во која кога и денес ќе погледнеме сфаќаме колку талентиран музичар беше. Но покрај тоа што беше музички гениј и имаше ангелски глас, тој беше и голем човек и хуманист, и сето тоа се само мал дел од сето она што Тоше Проески беше за време на неговиот живот и нема човек кој за него немаше пофални зборови.
Многубројната публика ја освои со својата прекрасна насмевка и ангелски глас, но и со неговата скромност што го красеше.
Кога почна да пее на свои тинејџерски години, обожавателите на Тоше постојано му подаруваа плишани играчки, кои тој ги чуваше во една посебна соба што ја имаше во својот дом во Крушево, специјално само за подароците.
„Не сакам да ми симнувате капа, само сакам да се гордеете со мене“, знаеше често тој да зборува за себе.
Многу негови колеги денеска се присетија на него, споделувајќи негови фотографии, песни и видеа.