Се чини дека каде и да има некаков хуманитарен настан во земјава таа е таму.
Не е тајна дека првата дама на Македонија е голем хуманитарец, па баш поради тоа често се појавува на многу такви настани.
Освен како прва дама Елизабета Ѓорѓиевска е редовен професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија.
Има остварено неколку истражувачки посети на универзитети во Велика Британија, Белгија и САД, а исто така работела на неколку меѓународни истражувачки проекти.
Скромна, вредна и посветена, но и уникатен стил, Елизабета плени каде и да се појави.
Деновиве таа учествуваше на панел дискусијата „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – Што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените?“.
Таа говореше за насилство врз жени и девојчиња и за тоа дека треба да се делува и да се охрабрат жртвите да зборуваат и да им се понуди помош и од институциите.
-Само затоа што не се гледаат лузните на жртвата, не значи дека насилството не се случило, рече Елизабета и додаде:
-Справувањето со насилството врз жените и девојчињата е потребно да биде наша секојдневна обврска и одговорност, бидејќи нужно е секој од нас не само да говори, туку и да даде поддршка и да ги охрабри жртвите да го прекинат својот молк и да се спротивстават, без страв од осуда и без излез.
Силната посветеност денес, создава безбедна структура на поддршка во иднина-рече таа.
Совршено стилизирана фризура и дискретна шминка, а фустанот со боја на праска ја истакна нејзина младоликост и свежина.
Коланот на фустанот пак ја истакна нејзината тенка половина, а целиот стајлинг го заокружи со црни потпетици и интересен брош наместо накит.
Сепак се чини дека ништо не ја исполнува со среќа како кога е покрај деца.
Деновиве заедно со министерката Шахпаска ја посетија градинката „23 Август“ во Берово и поделија пакетчиња на децата, а првата дама едноставно блескаше додека ги прегрнуваше малите ангелчиња.
-Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, уживав во новогодишната приредба на децата од градинката „23 Август“ во Берово.
Браво за креативноста и ентузијазмот. Нивните искрени насмевки се моменти на среќа за секој од нас, напиша таа.