Реклама
BEAUTYИнтервју

Маја Кировска: „Користам многу нежни препарати без парфем за да избегнам иритација од било каков тип “

Реклама

Корејската козметика е светски препознаена и призната како квалитетна и ефективна, благодарение на совршено разработениот систем за нејзиното производство. Од неодамна корејската козметика е достапна и  во нашава земја и тоа благодарение на брендираната продавница „Олпео“.  Со главниот иницијатор и сопственик на брендот „Олпео”,  Маја Кировска разговараме за благодетите на корејската козметика, но и за тоа со какви препарати таа ја негува својата кожа и лице.

Како настана брендот “Олпео“?

Олпео е бренд на продавницa специјализирани за корејска козметика и е единствена продавница од ваков тип во нашата земја. Во моментов имаме две физички продавници, во Градскиот трговски центар во Скопје и Палма Мол во Тетово. Примарната дејност на нашата фирма е дизајн и повеќето од членовите на тимот имаат врска со одредено поле на дизајн. Кога за прв пат ја посетивме Јужна Кореја, бевме воодушевени од дизајнот на продавниците за козметика во Сеул, мноштво од бои, зеленило, форми… Сакавме да им понудиме слично K-beauty шопинг искуство на купувачите на нашиот пазар. Се инспириравме од продавниците за козметика во Сеул и успеавме да го трансформираме нашиот впечаток во оригинални дизајни за нашите продавници. Така заедно со нашата бизнис партнерка Санјонг Ли од Јужна Кореја, на овдешниот пазар уште на почетокот на 2019 година го воведoвме новитетот на К-beauty продавница.

Бренд идентитетот и дизајнот на ентериер на Олпео се дело на нашето дизајнерско студио Хибридеас. Водени од верувањето дека иднината на козметиката ќе биде во единството помеѓу природата и науката, нашиот тим го имплементираше тоа гледиште во сите елементи на дизајнот. Најпрво, ние го одбравме името Олпео како уникатно и оригинално име ширум светот, кое почнува и завршува со буквата „О“ која со својата кружна форма симболизира регенерација и континуирано обновување. Потоа за брендот создадовме модерно, геометриско и едноставно лого кое го претставува единството на природата и човечкиот напредок во технологијата. Истата идеја водилка ни даваше насока и при креирањето на ентериерот во двете продавници. Еден од најважните елементи на овие ентериери се живите растенија поставени на внатрешните и надворешните ѕидови.

Маркетинг

Што е K-beauty?

К- beauty (К-убавина) е термин за производи и третмани за нега на лицето кои потекнуваат од Јужна Кореја. Корејската козметика станува една од најпопуларните во светот благодарение на својата индустрија заснована на истражувања кои ги обединуваат традиционалната медицина со најновите научни откритија. K-beauty иако на светската сцена влегува како забавен трендовски новитет, брзо ја зацврстува својата позиција, бидејќи се заснова на сериозна филозофија во пристапот кон негата на лицето. Овој пристап не зависи само од производите кои се употребуваат, туку бара посветеност и истрајност во грижата кон кожата, пристап со кој на природен начин, од внатре, се стимулира здравјето на кожата до нејзин убав изглед. Често пати се зборува за корејската нега на лицето, каде не станува збор за употреба на еден магичен мултифункционален производ, туку за рутина во повеќе чекори каде различни производи се нанесуваат еден по друг во слоеви, најчесто од најтечниот кон најгустиот.

Тренд кој во последно време предизвикува голема заинтересираност во светот на убавината е корејската дневна и ноќна рутина во десет чекори. Иако ваквата рутина звучи по малку екстремно и се чини како исцрпувачки процес, во суштина сé се свдува на чистење, пилинг, третман, интензивно навлажнување и нанесување висок УВ заштитен фактор во текот на денот или ноќна маска во текот на ноќта. Некои од препорачаните чекори се применуваат еднаш до два пати неделно па затоа оваа рутина од 10 чекори всушност се скратува на 5 до 6 чекори потребни за секојдневна нега.

Маркетинг

За кого е наменета природната органска корејската козметика?

Во нашиот асортиман има повеќе брендови со различен концепт. Пред се станува збор за чиста и безбедна козметика која не содржи штетни состојки. За љубителите на органската козметика ги имаме производите на Sioris и Aromatica, кој содржат голем процент на органски состојки а се направени целосно од природни состојки. Во спектарот на природна козметика ги имаме брендовите Benton, iUNIK, Klairs, Langsre, Mizon I Beauty of Joseon. За чувствителна и проблематична кожа не секогаш се погодни природните состојки. За ваква кожа се потребни поедноставни формули и состојки кои таргетираат одреден проблем. За ваква намена ги имаме производите од брендовите COSRX, Lapothicell и By Wishtrend.

Како го негувате вашето лице? Која е вашата бјути рутина што ја повторувате секое утро?

Во моментов користам рутина која за мене ја состави нашиот skincare експерт Никола Симовски, според потребите кои ги имаше мојата кожа. Утринската рутина се разликува од препорачаната вечерна рутина што ја практикувам. Мојата дневна рутина ја дава потребната хидратација, го намалува црвенилото и ми дава заштита од сонце, додека вечерната рутина вклучува темелно двојно чистење и третман на пигментираните дамки.

Со какви препарати го негувате лицето?

Користам многу нежни препарати без парфем за да избегнам иритација од било каков тип. Љубител сум на хијалуронска киселина и веќе 15 години користам произоди на база на хијалуронска киселина, мислам дека во пракса се покажа многу ефикасна во спречување на појавата на брчки. Mојата дневна рутина која ја практикувам веќе три месеци започнува со чистење со пенлив чистач Lapothicell Poretox Foaming Cleanser, потоа нанесувам COSRX Pure Fit Cica Toner кој помага за смирување на црвенилото благодарение на азиската центела. Потоа следи неизбежнта ампула со хијалуронска киселина COSRX Hydrium Triple Hyaluronic Moisture Ampoule која ја нанесувам во два слоја, а по неа нанесувам гел крем со зелен чај од истата линија. Дневната рутина ја звршувам со млеко со висок заштитен фактор MAKEP:REM UV Defense. Daily Sun Fluid. Вечерната рутина се разликува што користам масло за чистење како прв чекор пред пенливиот чистач и тоа лесно масло без мирис наменето за чувствителна кожа Klairs Gentle Black Fresh Cleansing Oil. Наместо тоник со центела, користам тоник со манделична киселина By Wishtrend Mandelic Acid 5% Skin Prep Water кој ми помага за избелување на пигментираните дамки. Следните чекори се исти, но без кремот со заштитен фактор.

Кои се вашите омилени козметички производи?

Како што кажав, љубител сум на хијалуронска киселина и можам да издвојам три хијалуронски ампули од кои имам почувствувано извонреден бенефит, а тоа се MIZON Hyaluronic Acid 100, Lapothicell Amino Hyaluronic Ampoule и COSRX Hydrium Triple Hyaluronic Moisture Ampoule.

Што имате секогаш во вашиот несесер?

Секогаш имам BB крем и балзам за усни.

Омилен парфем

Парфеми не користам веќе подолго време пред сè заради иритациите на кожата кои ги имав во минатото пред да ја откријам корејската козметика. За да го најдам причинителот морав да одам по пат на елиминција, па така прво ги исфрлив од употреба парфемите, потоа ми стана навика. Имам многу чувствителна кожа и очи, па избегнувам било што, што може да предизвика иритација или црвенило.

Што следно може да очекуваме од „Олпео“?

Нашиот тим интензивно работи на внесување на свежина во работата и понудата која ја имаме за нашите купувачи. Работиме на проширување на асортиманот. Во подготовка е свеченоста по повод отворањето на нашата нова продавница во Палма мол во Тетово, која поради мерките мораше да се одложи за месец јули.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button