Реклама
Наши ѕвезди

Сите девојки беа „затрескани“ во него- Игор Џамбазов објави фотографија од младоста, а многумина го споредија со Џони Деп

Реклама

Македонскиот шоумен и познат водител објави фотографија од младоста.

Игор Џамбазов и ден денес важи за вистински заводник, а ништо помалку не бил и во младоста. Тој на Инстаграм сподели фотографија од неговата младост.

Маркетинг

На црно-белата фотографија Џамбазов позира со темни очила, а во објавата Игор напиша: „Дечково … како?“

Многумина во коментарите го споредија со познатиот актер Џони Деп, а некои од женскиот пол не изоставија да споменат дека на времето сите девојки биле „затрескани“ во него.

Маркетинг
ФОТО: Игор Џамбазов/ Инстаграм

Дека Игор е мултиталентиран сведочи и фактот дека има напишано и неколку книги, а се има испробано и во музиката и секако актерството му е посилна страна.

Игор потекнува од уметничко семејство, па затоа и како најсветол момент во неговиот живот вели дека е семејството.

– Најсветлиот момент е успехот, условно кажано, на моето семејство, почнувајќи од дедо ми Петре, па сè до сестра ми Тања … Се трудиме да позлатиме сè она што ќе допреме. Не секогаш ни успева и не е секогаш тоа така едноставно. Да речеме дека тоа е нешто по што ќе го паметам животот.

Инаку, ако зборуваме за светлите моменти лично за мене, од мојата кариера, тоа би бил концертот во „Борис Трајковски“, тоа беше врв на сè што сум правел, иако многумина не веруваа дека ќе се случи, вели тој во едно интервју за „Фашонел“

Прва улога на Игор Џамбазов му беше во „Волшебното самарче“ како Трајче.

– Чичко Ацо Алексов е првиот што ми даде таква голема шанса, јас бев Трајче од Волшебното самарче. Според мене имаше и многу поталентирани деца на тој кастинг тогаш, ама веројатно јас бев тој што веќе имаше искуство со сцена, камера итн.

Па баш и во Волшебното самарче се појавува и Митко Алексов еден од синовите на чичко Ацо. Сè на сè беше навистина прекрасно искуство, откри Игор Џамбазов во интервју за „Црнобело“.

После оваа улога Игор играше во безброј театарски претстави, а одлично се снајде и во улога на водител.

Одреден период тој ја имал можноста да глуми во МНТ додека во него сè уште глумеле неговата мајка Анче Џамбазова и неговиот дедо Петре Прличко. Во 1996 година играл во филмот „Добредојдовте во Сараево“ („Welcome to Saraevo“) во режија на Мајкл Винтерботом. Се снимал во Сараево за време на в-ојната, па во Сплит и две недели во Лондон.

Ликот што го толкувал бил меѓу првите десет важни лика. Во филмот се појавиле Вуди Харелсон, Мариса Томеи, Горан Вишниќ, Стивен Дилен и други. Премиерата била на Канскиот фестивал.

После одредено време тој прекинува да глyми во Македонскиот Народен Театар, но во 2016 се враќа на сцената со претставата „Брачна игра“ во режија на Тони Михајловски и според текст на Едвард Олби. Во претставата Игор Џамбазов и неговата колешка Весна Петрушевска ги играат главните ликови, брачниот пар Џилијан и Џек.

Во 2017 г. пак го игра главниот лик Мишел Радински во „Говорна мана“ во режија на Драгана Милошевски-Попова, според текст на познатиот српски театарски и филмски режисер Горан Марковиќ.

Беше во брак со Искра Канзурова, сепак по многу години брак тие двајцата решија да се разведат, а причината за тоа си ја знаат само тие двајцата.

Во една прилика Искра изјави дека Џамбазов бил дел од нејзиниот живот и секогаш ќе остане. „Нашиот развод не беше некултурен и нецивилизиран, едноставно беше нешто што на двајцата ни стана јасно дека ќе се случи. После нашиот развод ако за нешто сум му благодарна е тоа што немам слушнато лоши зборови од него за мене, но ни тој од мене за него.

Сигурна сум дека него му ја полнеле главата со мене, на мене ми ја полнеа главата со лоши работи за него. Но ние си останавме коректни еден кон друг. И никогаш во јавност не сме изнеле нешто за другиот што тој не би сакал да се знае. Игор се си кажува сам во своите книги“ – вели Искра.

По разводот Игор во една прилика изјави: „Ги сакам жените, ама не можам да ги трпам повеќе од два часа“, но се чини дека тоа правило повеќе не важи откако ја запозна убавата алпинистка Илина Арсова.

На почетокот ја криеја врската, но потоа решија јавно да објават дека се во врска, а од тој момент па до денес тие се неразделни.

Неодамна ја прославија и првата годишнина откако се во врска, а Игор објави заедничка фотографија, а во описот напиша емотивна порака во свој стил.

„Лани, на овој ден, после две недели дружење и запознавање, ме врати со колата до Сретеново, ја изгаси машината, се заврте кон мене и ми кажа: „А бе ти, имаш намера да ме гушнеш некогаш?“ Излеговме од „Ланусот“ и … ја гушнав. Гушката сè уште трае …,“, напиша Џамбазов.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button