Новиот стационар за кучиња и официјално пуштен во употреба
Како што изјави градоначалникот Петре Шилегов, Лајка не е само објект туку еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. И ова е само почеток на тој концепт, но и официјален крај на Вардариште, изјави тој вчера во своето обраќање на отворањето на стационарот.
– На големо задоволство на сите нас од денеска и официјално го пуштаме во употреба новиот стационар за бездомни кучиња на ЈП „Лајка“. „Лајка“ не е само објект, тоа е еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. Имено, пред година и половина кога размислувавме за решавање на деценискиот проблем што Градот Скопје го има со кучињата скитници, рековме дека целосно треба да го смениме концептот и ова што го гледате денеска е само почеток на тој концепт и официјален крај на „Вардариште“.
„Градот Скопје е меѓу ретките градови, единствен во регионот кој заради посветеноста на овој проблем има сопствено јавно претпријатие, не сме веќе дел од „Комунална хигиена“ и во коешто ќе работат обучени луѓе. Капацитетот на објектот е некаде околу 100 кучиња, станува збор за убедливо најдобрите стандарди што се пропишуваат во оваа област. Секој од кафезите, односно целиот објект е со подно греење со цел на животните да им обезбедиме комоција, секој дел е засебен, тргнати се прифатилиштето и тргнато е приемното одделение’ изјави Шилегов пред медиумите.
„Можете да ги видите амбулантата, операционите сали, собата за интензивна нега, собата за постоперативен третман и карантинскиот дел и се надевам дека „Лајка“ ќе стане центар за вдомување на кучиња и ред други работи кои подразбираат еден многу повнимателен и поодговорен однос со овие животни“ – изјави градоначалникот на отворањето на новиот стационар.
Директорката на Лајка, Тина Петрушевска, рече дека стационарот почнал да се реконструира на 19 јули лани, и дета тоа бил долг процес, но работата е квалитетно завршена. Иако, периодов не работеле, дневно добивале по 30 повици од граѓани за дислоцирање кучиња.
„Сепак, треба да се знае дека стационарот е транзит зона. Тука се носат заловените кучиња, им се прават крвни анализи, кастрација и стерилизација, им се ставаат микро чипови ској содржи податок за општина од каде се заловени и се враќаат во истата општина“, вели Петрушевска.
Таа појасни дека мапирани се сите кучиња на територија на Град Скопје и има 1.970 кучиња.
„Можеби изгледа дека има повеќе, но тоа е така, затоа што се собираат во чопори, а нивна задача е да се разбијат чопорите, за граѓаните да се чувствуваат безбедно“ додаде Петрушевска.