Ретко кој млад човек денеска одлучува градскиот живот и забава да го замени со живот на село и сточарство. Давид Неделковски заедно со својата фамилија пред 10 години едногласно одлучиле дека животот ќе го продолжат во една поинаква средина каде што ќе огледуваат кози и ќе произведуваат козји производи. За позитивната приказна на Давид прочитајте од интервјуто во продолжение….
Како се одлучи да заминеш од главниот град и да живееш во село?
Тоа беше семејна одлука, демократски изгласавме по дома да ја ставиме во функција земјата и да се грижиме за моите баба и дедо кои живееа во Раштак. Имав работно искуство во градот но не се пронајдов ни како келнер, ни како шанкер, ниту пак во канцеларија, имав предчувство дека тоа е само привремено. Слободното работно време го пополнував со полевање на цвеќињата и дрвата, покрај тоа, тогаш студирав Археологија и се заљубив во праисторијата, така да ми се понуди шанса која неможев да ја пропуштам. Ми беше предизвик.
Релативно млад се имаш преселено во село, какви беа реакциите на друштвото и пријателите?
Да, тогаш имав 21 или 22 години а козарството не беше популарно, напротив се сметаше за дно, како во градот така и во селото. Неоснованите предрасуди за козјото млеко и млечните производи (кои успешно ги побиваме и денес), за обврските во штала, за тешките бали и вреки, за тоа додека моите врсници се забавуваат и живеат а јас возам количка со ѓубре и времето го поминувам со козите во планина, дека брзо ќе се откажеме, дека треба да работам во град по секоја цена, дека попаметно било да сум отишол во странство, имаше и такви кои ме прашуваа дали имам струја и вода небаре живеам во пештера… од сево ова ми се јави отпор кој ме одржуваше да верувам во тоа што го правам, да го следам повикот на планината и да го режирам сопствениот филм наречен живот. Еден свет кој успеавме да го видиме само јас, моето семејство и мал број на пријатели кои безрезервно ми помогнаа при изградбата на шталата и ми пружија силна, искрена и братска поддршка.
Какви беа почетоците на новиот живот? Колку време траеше периодот на адаптација во новата средина?
Би излажал дека беше лесно, на почетокот планот беше наутро да одиме на фармата а навечер да се враќаме во градот, но ни се смачи времето да ни поминува во транспорт, секако тоа се случуваше во неколку фази. Потребно беше да се адаптираме на еден сосема поинаков начин на живот за кој е потребно физичка но и ментална подготвеност, чувство на повисока одговорност бидејќи козите се живи суштества на кои им е неопходно грижа, нега, надзор но и комуникација, секаде кажувам дека сточарството е концепт – начин на живот. Сметам дека човекот е најприлагодливо суштество на планетава, го има на секој континент дури и на антартикот, а јас не се доживувам како исклучок.
Какво село е Раштак?
Раштак се наоѓа на Скопска Црна Гора на само 11-12 км од центарот на Скопје на 620 мнв е сред село каде што се наоѓа црквата св. Спас и селските гробишта. Планината изобилува со богат биодиверзитет од кој најзастапен е дабот од каде го има добиено селото името, Храст – храстово (дабово дрво) кое со текот на времето се менувало. Најстарите записи се од 13 – 14 век во отоманските пописни дефтери. Неистраженоста на Раштак ми остава простор да верувам дека континуитетот на селото е многу постар. Во 1936 е одржан јавен час за соколарството, има основано меѓу првите играорни друштва, биле на турнеа во Виена, Берлин и Хамбург во 1937 каде наиделе на воодушевување на публиката и добиле позитивни критики од европски размери што не е мала работа особено за тоа време. Во црквата е представена Св. Злата Мегленска во традиционална раштевска носија и што уште не, во иднина ќе обелоделувам за славното минато на Раштак и раштевци бидејќи Раштак е еден силен локален културен вруток.
Што ти недостасува од градот и градскиот живот?
Со оглед на тоа дека се наоѓа на 11 – 12 км од центарот на Скопје, има јавен градски превоз, асфалтиран пат, Раштак практично е тивка периферија на Скопје но со богата природа, се симнувам и се дружам непречено со пријателите. Мислам дека повеќе им недостасува на пријателите Раштак отколку на мене Скопје. Се стремам што помалку времето да ми поминува по скопските семафори, така да супер ми е.
Како ти поминува денот?
Не сум имун на градските навики, денот ми започнува со турско горко (со многу кајмак) и некоја цигара, потоа се качувам каде што сите искрено ме сакаат, на фармата.
Прво ми се радуваат кучињата па мачињата па козите и јарињата, потоа на ред е молзење и веднаш потоа следува обработката на козји млечни производи со најтазе млеко што може да се замисли, па имам кратка пауза и потоа шетаме и мезиме со козите по шумите и пасиштата, штом сонцето зајде се прибираме и секој на своја страна, кој на спиење кој на дегустација од сработеното.
Успевам да најдам време и за консумација на информациите кои ми се од интерес.
Размислуваш ли некогаш повторно да се вратиш на градскиот живот?
Скраја да е, ни на крај памет не ми е, тоа би било вистински кошмар. Сметам дека постојат луѓе кои се надоврзуваат на коренот и го продолжуваат но и збогатуваат културниот локален континуитет и луѓе кои тоа го откриваат и импресиите ги носат со себе и потоа го прераскажуваат. Јас се пронаоѓам во првата категорија. Да не се лажеме, не е лесно, спокојот е производ на вложен труд.
Не би ја заменил планината и овој начин на живот за урбан, покрај тоа имам многу планови и незавршена работа во Раштак.
Ги охрабруваш ли младите да направат ваков чекор како твојот?
Не си земам за право да убедувам и пропагирам дека овој начин на живот е најдобриот избор, секој го носи сопствениот товар и секој има различни можности. Читајки го времето од ”горе” верувам дека се почесто луѓето ќе носат решителни одлуки во оваа насока и дека тоа е логичен исход. Нескромно ми е драго што ме контактираат луѓе, особено млади, писмени, чесни и вредни кои сум ги инспирирал, сум им влеал надеж да продолжат или пројавуваат интерес за земјоделство или сточарство и живот во рурална средина.