За себе вели дека многу зборува, меѓутоа нема кој не ужива во негово друштво. Забавен, професионален, искрен и одличен актер кој често ги игра главните улоги во претставите. Валентино Костадиновски или повеќе познат како Тино е актер во Театар Комедија во Скопје.
На кој актер најмногу му се восхитувате?
Од нашите македонски актери на сите, затоа што е многу тешко да бидеш глумец овде. Тоа е макотрпна психофизичка работа која кај нас и не е нешто добро платена. Да бидеш глумец овде значи да живееш на работ секојдневно од ден за ден. Ние глумците сме суштества кој живеат и функционираат во меѓу просторот помеѓу сонот и јавето. Затоа им се восхитувам на сите што ја одбрале оваа професија, за нивната храброст, пожртвуваност и нивниот сон. Ние актерите сме митски суштества.
Какво беше твоето прво искуство на театарската сцена?
Беше некаде пред 12 години кога уште бев студент, во претставата ТРОИЛ И КРИСИДА во МНТ. Знам дека игравме повеќе студенти и на сите ни беше прв проект во професионален театар. Бевме возбудени не знаевме во што влегуваме и сакавме само да работиме и играме претстави. Веројстно се шушкавме лево десно возбудени и изгубени. Памтам дека супер се забавувавме и сакавме да се докажеме пред постарите колеги глумци и режисери за да не земат во друг проект.
Најсмешна работа која ти се има случено на сцена?
Има многу, треба топ листа да направам. Скоро секоја претстава се случува нешто смешно. Заборавени танги, погрешни костими, заборавени реквизити, некој во публика што се смее специфично па те засмева и тебе, грешки па ги поправаш со импровизации за никој да не примети дека е грешка, свежи импровизации од кој и ти се смееш заедно со публиката на сцена (што е крајно непрофесионално) ама исто како во школо кога не смееш да се смееш баш тогаш ти е најсмешно.
Омилена филмска реплика?
Сите од чичко кумплунг во сцената кога ќе му се дупне гума на таксито.
Како се приметува дека Тино е заљубен?
Не знам треба да прашате некој. Веројатно сум хипер позитивен, се смеам многу се трудам да бидам интересен и кажувам глупи смешки од 2 денари.
Како се сноѓаш во кујна?
Прилично добро, ми викаат сум имал талент за готвење. Кога готвам некако сум исклучен од светот, на кратко заборавам на проблемите нешто слично како на сцена со тоа што не ми даваат аплауз на крајот. Обожавам да ги гледам реакциите на луѓето кога прв пат ќе пробаат од тоа што сум им зготвил.
Каков е ликот на Тино кога не се наоѓа на сцената?
Фантастичен. Нормален. Забавен, искрен. Добар другар.
Најдраго сеќавање од детството?
Кога мислев дека можам да рипнам од ограда висока 10 метра со 2 чадори како Мери Попинс. Си скршив рака и нога.
Каква е театарската публика?
Во Скопје публиката е образована, знае да препознае и да награди ама знае и да те казни. Публиката препознава и неможеш да ја излажеш. Тоа е убавината во нашата професија, што има краен суд публиката е таа што кажува дали си добар или не. Нема лажење и превари, нема врски, влегување преку ред и плаќање, ако не те прифати публиката џабе е и мама и тато.
Што ќе беше Тино, ако не беше актер?
Сакав астронаут, ама немаше партија како ИНТЕГРА тогаш.
Неостварена желба?
Да играм во театар во Берлин, Шаубјуне по можност, ќе се задоволам и со Берлинер Ансамбл.
Која улога од досега одиграните ви е омилена?
Имам повеќе, Брзи од “Вардарски Пастуви”, Рамбо од “За Секого има по една”, Роберт Кастен од “Стјуардеси”, Пјер Брошан од “Вечера за глупаци” во принцип си го сакам сите ликови.
Животно мото?
Работи го тоа што те прави среќен. Работи многу, посветено, без откажување, резултатот неминовно ќе дојде.