Успешно заврши првата кадаверична трансплантација на срце во Македонија која доцна синоќа се изведе на Универзитетската клиника за кардиохирургија во Скопје, објавија Клиниката на својата страница на Фејсбук.
Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце. Во Република Македонија, на Универзитетската Клиника за Државна Кардиохирургија се направи прва трансплантација на срце. Нашите врвни стручњаци на чело со проф. д-р Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо, испишаа историја. Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност, победи хуманоста и љубовта. Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек дело, a кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата „Живот”, објави ЈЗУ Државна кардиохирургија.
Синоќа Државна кардиорирургија се изведе првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор.
На трансплантацијата работеше тим од тројца кардиохирурзи под водство на Проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, Проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување, воедно и Национален координатор за трансплантација.
Трансплатацијата успешна! Ова е огромен успех на македонското здравство. Честитки до сите колеги, напиша министерот за здравство Венко Филипче.