По објавата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски дека е позитивен на коронавирусот, пола Влада ќе биде тестирана за да се потврди дали има присуство на Ковид 19 кај останатите функционери.
Министерот за здравство Венко Филипче.
-По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на Ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација. На состанокот ги почитував сите протоколи за заштита и носев заштитна опрема исто како и останатите присутни
До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација.Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата.Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а моите прес конференции ќе ги правам преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето, напиша Филипче на Фејсбук.
Воедно и вицепремиерот Бујар Османи на Фејсбук објави дека до вторник ќе биде во изолација.
-По позитивната потврда за СОVID-19 на Градоначалникот на Куманово, а поради тоа што вчера имавме состанок во општинскиот штаб во Куманово, и покрај тоа што цело време бев со лична заштита маска и ракавици за кои епидемиолозите сметаат дека се доволни за заштита, решив денес да не одам на состанокот на Советот за безбедност кај Претседателот и да се изолирам до вторник кога тестирањето треба да се направи според протоколите. Посакувам на градоначалникот на Куманово брзо закрепнување како и на сите погодени граѓани и што е можно поскоро да излеземе од оваа состојба заедно, соопшти Османи.