Прва жртва што го изгуби животот од корона во Словенија.
Во прашање е постар маж од Метлика, гратче што се наоѓа во југоисточна Словенија, на самата граница со Хрватска, кој живееше во дом за стари лица.
Мажот почина во инфективното одделение во болницата во Љубљана. Попладнево медиумите во Словенија објавија дека седум од штитениците и петмина од вработени во домот за стари лица имаат корона вирус.
Метлика последната недела беше едно од жариштата на заразата со коронавирусот во Словенија откако повеќе лица беа заразени во секундарен контакт со доктор од тамошниот здравствен дом кој се вратил од Италија и бил првиот случај на зараза. Тој три дена по враќањето од скијање во Италија дежурал во амбулантата и бил во контакт речиси со стотина пациенти, но и со штитениците од локалниот дом со пензионери на кои им бил доктор.
Според податоците во Словенија има 181 лица кои се заразени со корона вирусот, што е за 30лица повеќе од вчера, а тестирани се вкупно 5639 примероци, беше изјавено на конференцијата за новинари.
Претседателот на владата Јанез Јанша повтори дека во новата фаза на епидемијата во Словенија најважна е самоизолацијата.
Поради зголемениот број на заразени во последните неколку дена се менува и методологијата на тестирање и односот кон оние што се заразени.
Инфектолозите од инфективната клиника во Љубљана во која се лечат исклучиво оние кои се заразени со корона вирусот, изјавија на конференцијата за новинари дека повеќе нема да се тестираат оние кои се јавуваат заради болести на дишните патишта, туку ќе бидат испратени на домашна двонеделна изолација. Само доколку нивната состојба не се поправи, ќе можат да се тестираат на коронавирус и евентуално да се хоспитализираат, со цел да има што повеќе капацитет во болницата за потешките случаи.
Како што денес јавија словенските медиуми, најголем број нови случаи на заразени од корона вирус има во местото Шмарје при Јелшах, каде најпрво беше болна учителка вработена во основно училиште, а според неофицијални податоци на ова место бројот на заразени е 62.
Првите жртви во регионот
Инаку, пред неколку дена во Софија животот го изгуби жената која само еден ден претходно беше хоспитализирана во исклучително тешка состојба, а кај која беше утврден позитивен тест на вирусот Ковид-19.
Пациентката имала хронични кардиоваскуларни проблеми и претходна операција на срцето. Жената дошла во болницата „Пирогов“ со тешка пневмонија. И покрај извршените интензивни реанимациски мерки, лекарите не успеале да го спасат нејзиниот живот.
Истиот ден, 11 март, се случи и првата жртва на корона вирусот во Албанија. Жена, која во Албанија, се вратила од Италија пред десетина дена беше првата жртва на корона вирусот. Станува збор за 73-годишна жена која била примена во болница во Драч со воспаление на белите дробови. На докторите не им кажала дека била во Италија, па тие првично ја лечеле од грип, но откако им кажала дека се вратила од соседната земја, направено и е тестирање и потврден корона вирус. Нејзината состојба во болница се влошила бидејќи била хронично болна и имала срцева слабост. Лекарите сакале да ја пренесат на Инфективната клиника во Тирана, но процениле дека нема да го издржи патувањето.
По неколку срцеви удари, таа починала.
Пред да биде хоспитализирана била на погреб, јавуваат албанските медиуми.
Шест нови заразени во Македонија
Mинистерот за здравство, Венко Филипче вечерва на прес-конференција изјави дека се тестирани 12 луѓе, од кои позитивни се 6. Има една пациентка која се вратила од Барселона, а за сите други патници од авионот дадена е наредба за изолација. Жената е од Скопје.
Другите заболени се од Дебар, со што вкупната бројка се искачи на 18, соопшти министерот Венко Филипче.
Кризна состојба во Дебар и Центар Жупа
Д-р Арбен Аголи им порача на дебрани за време на кризната состојба прогласена поради повеќе заразени од коронавирусот во нивниот град, да седат дома.
Повика да не се фрлаат ракавиците и маските на земја.
,,Почитувани мои пријатели немојте да ги фрлате маските и ракавиците насекаде,фрлајте ги во кошевите за ѓубре така придонесувате да не се прошири заразата,благодарам“- порача тој заедно со неговите колеги и колешки.
Предупредување на познат епидемиолог
Епидемиологот од Хардвард Марк Липситч во интервју за германскиот магазин Шпигел тврди дека претпоставува дека „ширењето на вирусот не може да се спречи“, па затоа најдобро е да се преземат драстични мерки.
Според него и до 60 % од луѓето би можеле да се заразат од коронавирусот, повикувајќи се на моменталните проценки, и ја одбива критиката дека тоа претставува кревање на паника. „Ако имаме репродуктивен број на заразна болест околу два, што значи едно заразено лице да зарази уште две, што е во склад со моменталните податоци, тоа значи дека најмалку половина од возрасната популација мора да го добие вирусот пред трајно да се сопре неговото ширење.
„Тоа не е некоја невтемелена проценка, тоа е основната математика во епидемиите“ смета Липситч.
Тој исто така предупредува дека една од грешките што може да се направи во епидемиологијата е прерано да се тргнат заштитните мерки, по што може да се зголеми бројот на заболени. На прашањето дали коронавирусот долго време ќе биде меѓу луѓето, овој епидемиолог вели дека постои голема можност за тоа. „Можеби ќе имаме долг период без трансмисија на вирусот за година-две затоа што вирусот ќе се рашири и повеќето луѓе ќе станат имуни.“
Липситч ова интервју го даде за „Шпигел“ пред италијанската влада да одлучи цела земја да ја стави во карантин.