Македонската поп-дива Калиопи е една од малкуте пејачи и музичари кои живеат само од уметност.
Денес има привилегиран статус и може да се пофали со солидна заработувачка, а успешните луѓе како неа секогаш со задоволство се сеќаваат на нивните професионални почетоци, на првите заработени пари и како истите ги потрошиле.
Во интервју за црногорскиот портал Café del Montenegro Калиопи Букле откри дека првиот хонорар го добила кога имала само 9 години.
– Тогаш ја снимив мојата прва песна „Мојата учителка“ со која победив на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1976 година. Бев многу изненадена кога по снимањето ме пратија на благајната на тогашната Радио Телевизија Скопје да го подигнам својот хонорар. Сите пари ги потрошив на подароци за моите родители, за брат ми и сестра ми – откри таа неодамна.
Калиопи е родена во Охрид, но порасна во Кичево и во неколку наврати има изјавено дека имала прекрасно детство.
– Кога имав 11 години, се преселивме со моите родители, сестра и брат во Скопје, каде го продолживме животот и нашето образование. Добрите спомени и големата љубов ме врзуваат за моето семејство – раскажа таа во интервју за српски „Курир“.
Пред големиот камбек на македонската, но и на регионалнта музичка сцена,
Калиопи речиси една деценија живееше во Швајцарија, работејќи во музичко училиште.
Тој период подоцна го опиша како еден од највозбудливите и најубавите животни искуства.