Реклама
CelebrityИнтервју

„Мажот заведете го со вашиот каркатер, а не со тон шминка, огромни усни и гради!“

Реклама

Гламур интервју со Ивана Наскова

Таа е харизматична, шармантна и згодна телевизиски и радио водителка, стендап комичарка и писателка. Ивана Наскова е успешна на повеќе полиња, а за успешните жени во нашето интервју ќе каже: „Навистина ми е тажен фактот што мажите одбираат да не бидат со успешни и паметни жени. Не треба да се плашат, напротив треба да се гордеат што и жените сакаат да бидат успешни. Богатство можеби се гради сам, но империја се гради со паметна и силна жена“.

Ивана ти си телевизиски и радио водителка, стендап комичар, писателка… Која од наброениве професии најмногу ти лежи на срцето? 

Маркетинг

Искрено сите ги сакам, радиото е мојата прва љубов, телевизијата  ми е непреболена љубов со оглед на тоа што во моментов според мене имаме најлоша и најсиромашна понуда на емисии од забавен карактер и е медиум на кој тешко би му се вратила, па така ако веќе морам да одберам во што најмногу се пронајдов дефинитивно тоа ќе биде пишувањето и стендaп комедијата.

Како „стендап“ комичар имаш успешни настапи зад себе во земјава и надвор. Како дојде воопшто  до оваа идеја?

Би рекла дека тоа се должи на мојата долгогодишна радио емисија „Вечер со Ивана“ што беше еден вид на радиска стендап комедија. Преку неа се опуштив и научив дека хуморот ми е силна страна со оглед на тоа што сакам да приметувам се околу мене и да ја наоѓам смешната страна на работите. Па така се започна спонтано и сосема случајно кога се договоривме да го направам мојот прв настап во еден од моите омилени скопски локали, таму поминавме повеќе од одлично и така некако започна се. Потоа следуваа многу настапи во Скопје и надвор од главниот град за на крај да се случи првиот настап надвор од Македонија и сега можам да кажам дека имам успешни стенд ап настапи како овде така и во Братислава, Германија и Хрватска.

Маркетинг

 

Според тебе кои се одликите на еден добар „стендап“ комичар?

Стендап комичар прво мора да биде човек кој знае да се насмее на своја сметка и да нема проблем со тоа, а дури потоа на туѓа. Луѓето кои сакаат да ја работат оваа професија според мене се едни од најинтелигентните луѓе. Замислете само колку информации мора да складирате и да знаете за да може тоа да го претворите во смешна приказна. Стендап комедијата не е кажување на шеги и вицеви, тоа е раскажување на смешна приказна со која публиката може да се поистовети и да се пронајде во она што го кажувате. Но, најважно од се би рекла е да е човек кој ги сака луѓето и може да пренесува позитивна енергија.

На која тема најчесто говориш на твоите настапи?

Моите теми најмногу зборуваат за машко-женските односи. За тоа колку е тешко да се разберат жените и обратно на тоа во колку моменти нас мажите знаат да ни бидат несфатливи со одредени однесувања. Бракот и брачните „проблеми“ знаат често да бидат моја инспирација затоа што секогаш ми е лесно да соберам многу материјал околу мене и се разбира едно секојдневие на мене како личност. Моите приказни и се она што ми се случува се повеќе од доволно за да направам одлична стенд ап комедија на која публиката ќе се насмее и расположи.

„На шанк“ беше една забавна и интересна емисија во која покрај смеата се откриваше и другата страна на познатите личности. Дали имаш во план да започнеш нов или да продолжиш со стариот проект и колку нашите телевизии и спонзори се подготвени да „издржат“ еден ваков тип на шоу?

Не, таа приказна е завршена ама секогаш ќе ми биде еден убав спомен. Времињата се сменија и публиката која јас ја разбирам и генерациите на луѓе кои ми се блиски повеќе и не гледаат телевизија. Можам да кажам дека успешно успеавме да ја „убиеме“ желбата на таа публика да гледа забавни шоуа кај нас. Дури и кога би се решила да направам нов проект јас реално немам доволно јавни личности со кои би ја исполнила програмата. Светлосни години ќе поминат додека да научиме да ја тргаме суетата настрана да разбереме дека работиме јавна професија и да бидеме природни и забавни за публиката, но и да понудиме интелигенција и култура во програмата, а не шунд и нешто што не заслужува да биде пред камера и ословувано како јавна личност. Знам дека звучам песимистично, но за мене тоа е реалноста. Ако не можам да направам програма и проект од кој публиката освен што ќе се забавува и ќе научи нешто, подобро воопшто и да не го работам тоа.

Твоите книги добија многу позитивни критики, но не застануваш тука најавуваш ново изненадување за љубителите на пишаниот збор. Ќе ни откриеш ли што може да очекуваат читателите од твоето ново дело?

По „Совршениот странец“ дојде „Вети ќе ме сакаш“ уште еден љубовен роман, по неа доаѓа за кратко и трилерот „Смртта на мојата сестра.“ Пресреќна сум што имаме огромна читателска публика која знае да препознае квалитет и да ги сака книгите. Пораките од моите читатели се многубројни и за мене се најголемата поддршка која ми треба за да продолжам и понатаму да творам. Навистина сум среќна што барем на ова поле  го цениме она што е наше. Мојата последна книга излезе пред половина година, а веќе е толку омилена меѓу читателите, не можам да бидам посреќна, сонот ми се исполни!

Што може да те разочара кај твоите пријатели и дали влегуваш во конфликт за да ја истераш правдината или си „тип“ на жена која знае да попушти?

Јас сум човек кој не можете да го изнервирате или да го натерате да влезе во конфликт. Навистина, со текот на годините научив дека здравјето и мирот ми се поважни од било што друго и имам премногу исполнет и квалитетен живот за да го трошам на конфликти и нервози. Што се однесува до моите пријатели, сите се добро одбрани и во мал број баш од таа причина, за да можам да кажам дека од нив не можам  да очекувам да ме разочараат. Се може да се реши со разговор и комуникација, ако не се реши значи имате работа со неинтелегентен човек кој сака да се расправа и да влегува во конфликти, едноставно е, само го вртите грбот и ја исфрлате таквата енергија од вашиот живот.

Ивана, дали некогаш си размислувала да преминеш во таборот на црвенокосите или црнките?

Хахха, многу тешко, скоро невозможно. Родена сум како природна плавуша, можеби не толку светла како сега но сум плаво дете и како плавуша е единствено како се препознавам себеси во огледало.

Младите девојки денеска користат премногу шминка и најчесто изгледаат постаро од годините што ги имаат. Постојано се бомбардирани по медиумите од силиконски убавици, кои им наметнуваат некои нови стандарди за убавина. Кој е вашиот став за ваквите нови трендови?

Секојдневно сретнувам такви девојки и ми е жал за она што си го прават на себеси. Познавам преубави девојки кои сега не личат на себеси од сите тие таканаречени модни трендови на големи усни, мали носеви, силиконски гради кои се преголеми и делуваат толку ефтино и веѓи кои ме плашат, не можам да и ги прочитам природните експресии и реакции на лицето! Нема ништо поубаво од природна убавина! Секако дека може да направите одредена корекција доколку тоа ве прави посреќни, но зошто да се претерува? Каде со тие огромни нокти? Освен ако не сакате да отворате конзерви со нокти, не гледам причина зошто ноктите треба да се по 8 сантиметри долги! Непрактично, нехигинеско и за мене апсолутно непривлечно! Заведувајте со каркатерот, харизмата и вашата личност не со тон шминка на вас, огромни усни и гради!

Колку е тешко да се освои срцето на Ивана? Мислиш ли дека мажите потешко им приоѓаат на поуспешните жени?

Не мислам, знам! Колку поуспешна станувам во мојата професија за што сум навистина горда на себеси толку ми е потешко да најдам маж. Навистина ми е тажен фактот што мажите одбираат да не бидат со успешни и паметни жени. Не треба да се плашат, напротив треба да се гордеат што и жените сакаат да бидат успешни. Богатство можеби се гради сам, но империја се гради со паметна и силна жена. Знам дека е многу полесно да се справат со тип на жени кои сакаат да бидат просечни и да живеат од туѓиот џеб и труд, тие не се расправаат со ништо за нив, нормално затоа што се што има и поседува и е од него, но независните жени кои работат и се успешни во својата професија дефинитивно се подобар избор – тие имаат свое ЈАС! Се надевам дека се уште таму некаде има мажи кои не се плашат да и пријадат и да бидат со силна и независна жена, колку и да сме силни и ние не можеме да живееме без љубов J Ниту едно женско срце не е тешко да се освои ако е тоа искрено, со почит, доверба, верност и хумор.

Подготви: Берта Мартиноска

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button