Боки денес од Шутка е пренесен во Клинички центар. Го гонат и за неплатена здравствена интервенција во приватна болница
Боки од Шутка пренесе на Клинички
Неформалниот сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски, попознат како Боки 13 денес беше пренесен од Шутка во една скопска болница поради испитувања што треба да ги направи за веќе закажана операција од порано. Оваа информација за Фокус ја потврди директорот на затворот Шутка, Есад Рахиќ, додека според извори од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ направени му се неколку испитувања.
Инаку Бојан во притворот Шутка се наоѓа поради случајот за рекетирање на познат скопски бизнисмен, кога првообвинетиот (Бојан Јовановски), заедно со второобвинетиот Зоран Милевски- Кичеец беа уапсени од страна на полицијата по налог на обвинителството за гонење организиран криминал.
Бојан кој според обвинението зел 1.5 милиони евра од лице кое е под истрага во Специјалното јавно обвинителство и го искористил своето влијание за да ја запрат кривичната постапка против него токму поради проблемите со здравјето е сместен во хашките ќелии.
Инаку, против неформалниот сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски, е поведен и спор поради неплатена здравствена интервенција во една приватна скопска болница, објави порталот А1Он. Но според Есад Рахиќ, тоа не е причината поради која на Боки не му било дозволенo прегледите да ги направи во некоја од приватните клиники, како што барал тој, туку затоа што така одлучил судот.
Само доколку ваквите прегледи нема да можат да бидат извршени во некои од државните клиники тогаш судот дополнително ќе одлучува дали Боки може да го направи тоа во приватна болница.