Тамара Тодевска го освои осмото место на Евровизија и со тоа го оствари најдобриот пласман за Македонија на овој престижен музички натпревар.
До самиот крај беше неизвесно дали Македонија ќе победи. По гласањето од стручното жири завршивме на второто место, со само три гласови помалку од натпреварувачот од Шведска кој беше на првото место. Но тогаш следуваа гласовите од публиката, па во конечниот збор Македонија заврши на осмото место, додека победата ја однесе Холандија.
Нашата претставничка на прашањето дали е задоволна од ваквото гласање, за новинарите изјави: „Па, секако дека не. Јас се чувствувам како да победивме. Ова е нашиот најголем успех на Евровизија. Прво финале по седум години и прв пат сме во топ десет, па затоа многу сум горда на себе и на луѓето со кои напорно работевме за да го постигнеме ова“.
На прашањето дали мисли дека гласањето е наместено, Тамара одговори негативно и изјави дека според неа секој што победил на овој фестивал ја заслужил победата. Таа меѓудругото го додаде и тоа дека нејзе многу и се допаѓа песната „Arcade“ и дека Холандија заслужено победила.
Како и да е, Тамара предизвика вистинска еуфорија со нејзиниот евровизиски настап, и иако на почетокот никој не и предвидуваше висок пласман, таа изненади и тоа не само во регионот, туку и во цела Европа.