Во Хрватска 86 годишна бабичка казнета бидејќи варела ракија во казан – ова наскоро ќе се случува и во Македонија!
Каде ќе ви оди душата, бре?
Неодамна во Хрватска тамошните медиуми ја објавија приказната за една сиромашна старица која живее во близина на малото гратче Удбина и која добила казна затоа што варела ракија во казан во својот двор. Во прашање е 86 годишна Босиљка Ковачевиќ, која за хрватскиот портал „24 сата“ раскажа како се случило да ја казнат.
„Ќерка ми го позајми казанот и пред три дена варев ракија во дворот. Испековме еден казан и се спремавме да ја започнеме следната тура кога се појави еден автомобил со полицаец и со уште двајца други во униформи. Тие однесоа сé. Не знаев дека мора да се пријави. Никогаш во животот ништо немам згрешено и ништо немам украдено и сега во овие стари денови да ме казнуваат бидејќи во својот двор печам ракија, а не сум криминалец. Тоа е нечуено и срамно“, раскажува Босињка за порталот. Таа одлучила да испече ракија кога и родиле сливите како би го пополнила домашниот буџет бидејќи има мала пензија со која одвај преживува.
Бабата и нејзината ќерка
Инаку, старицата живее со минимална пензија со кои треба да купува и апчиња за срце, па целиот настан ја вознемирил многу. Таа добила преголема казна, а како што вели и самата не знаеле дека требала да пријави дека ќе пече ракија. Претходната сабота таа повторно имаше необични гости. Но овој пат тие и донесоа пари за да ја плати казната. Во прашање се претставниците на „Живиот ѕид“, политичка партија од Хрватска, кои ја посетија бабичката која има мала пензија, па да и дадат пари да ја плати казната.
Ракијата била одлична!
Но бидејќи казната веќе ја платила нејзината ќерка, тие ја платија запленетата ракија. Најжалосно е тоа што бабата имала дозвола за печење ракија но почнала да ја пече пред нејзиното решени да стане важечко, напишаа „Жив ѕид“ на нивниот профил на Фејсбук, но и порачаа на бабата да испече уште некое литро бидејќи ракијата и е одлична.
Инаку, Министерството за финансии на Македонија пред неколку месеци го објави Предлог-законот за акцизите за печење ракија. Земјоделците кои од овошје и грозје произведуваат жестоки алкохолни пијалаци ќе смеат во текот на годината да произведат најмногу 1.000 литри чист алкохол.
Според предложените измени, на произведената количина се плаќа акциза од 30 денари по литар жесток алкохолен пијалок со просечна јачина од 45 отсто.
Според одредбите, земјоделците кои сакаат да прават ракија од грозје или од друго овошје и производот да го продаваат, должни се да се регистрираат во Царината. Во спротивно, како и бабичката од Хрватска, откако законот ќе стапи на сила, би можеле да сносат последици.
Целта на Предлог-законот е усогласување со директивите на Европската Унија од областа на акцизите. Воедно, во Предлог-законот се предлагаат нови системски решенија кои ќе стапат во сила со денот на применување на Предлог-законот, модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите кои ќе стапат во сила со денот на примена на Предлог-законот, како и нови системски решенија кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ“, посочија тогаш од Министерството за финансии.
Европски закони – казни и до 3000 евра за печење ракија?
Непосредно пред Бугарија да влезе во Европската Унија, меѓу народот завладеа страв дека никој нема да може да пее ракија и дека нема да можат да ја послужуваат на венчавките. Овие сомнежи се покажаа како делумно оправдани бидејчи жителите на Бугарија започнале да плаќаат данок на алкохол во вредност од најмалку 550 евра за сто литри по наредба на ЕУ.
Ваквото ограничување на производството и плаќањето на данокот предизвикало револт меѓу бугарските произведувачи, кои ја присилиле владата да бара промени во Брисел. Бугарија успеала да обезбеди најнизок можен данок, со што произведувачите плаќаат 1,1 евро по литар за најмногу 30 литри произведени за лична употреба. Секој литар ракија над дозволеното се тарифира двојно повисоко.
Освен тоа, сите казани за печење морале да бидат регистрирани, а царинските инспектори докажуваат колку ракија навистина била произведена. Според проценките на експертите, во Бугарија има околу 8.000 казани, иако официјално се регистрирани само 2.800.
Казните за нелегално печење изнесуваат 500-1.000 евра за физичко и 1.000-3.000 евра за правно лице.