Актерката Џулија Робертс во фустанот од Валентино на доделувањето на Оскарите за 2001 година е едно од најистакнатите изданија на црвениот килим.
Долгиот црн фустан има впечатлива бела лента која се протега по целата должина и завршува во облик на деколте во форма на буквата V, а на задниот дел има мозаик од мноштво ленти со иста дебелина и боја.
Фустанот кој потсетува на златниот период на Холивуд, модниот дизајнер Валентино го дизајнираше во 1992 година за колекцијата на брендот, а фустанот потоа беше „спакуван“ во неговата архива.
Таму го забележа асистентката на Валентино, Кристина Виери, која ја познаваше Деби Месон, стилистката на Џулија Робертс. Во предвечерието на Оскарите, познатата актерка испроба голем број фустани на многу познати дизајнери, но од никој од нив не беше импресионирана.
Една недела пред Оскарите, Кристина и се јавила на Деби и и кажала дека има фустан за Џулија. Кога таа се појавила во нивниот бутик во Беверли Хилс да го проба, веднаш беше јасно дека црниот „винтиџ“ модел е полн погодок.
„Досега сум облекувал многу луѓе, но морам да бидам искрен. Личноста што ме направи да бидам многу среќен беше Џулија Робертс. Ја гледав на телевизија кога го освои Оскарот и бев возбуден поради тоа што го носи мојот фустан“, рече во една пригода Валентино Гаравини.
Во интервју за списанието „People” Џулија пак откри што направила со нејзиниот фустан – го спакувала на сигурно место поради многу слатка причина. Имено, култната креација познатата актерка ја чува за нејзината 14-годишна ќерка, Хејзел, за да може таа да ја носи еден ден.