Вартекс го покани пензионерот што стана хит да им биде манекен за костумите – по потекло е од Вруток, под Шар Планина
Господинот Таљат Селмани подобро познат како Тони, 82-годишниот пензионер кој пред неколку дена се прослави со неговата генијална изјава за грип, доби понуда што не може да се одбие од Вартекс.
Фото: Matija Habljak/PIXSELL
Имено, Тони во младоста работел како модел и соработувал со овој бренд уште од времето на поранешна Југославија, но сега од оваа компанија му понудија повторно да ја рекламира нивната облека.
„Навистина сметаме дека е фантастичен лик, а бидејќи имаме модерни, атрактивни модели кои на сите добро им стојат, убедени сме дека г-дин Тони е одличен пример дека нашата облека може да им стои одлично и на луѓето од постарата возраст. Тони има фантастична енергија”, изјави за Индекс претседателот на Вартекс, Ненад Бакиќ.
Кога го контактирале Тони, тој бил воодушевен што повторно ќе има прилика да соработува со нив.
„И порано работев за Вартекс, компанијата секогаш имаше репутација, не смее да пропадне и јас ќе им помогне колку што можам. Парите воопшто не ми се важни, сакам да им помогнам на Вартекс да им тргне работата, а јас ќе работам и дење и ноќе, ако тоа биде потребно. Тоа е квалитет од памтивек “, вели во еден здив овој симпатичен пензионер, а пренесе Индекс.
На интернет веќе има маици со неговиот лик
Инаку, Тони се прослави во целиот регион откако даде изјава на новинарите од телевизијата Н1 кои случајно го сретнаа на улица додека се шеташе низ плоштадот низ Загреб и го прашаа што мисли за грипот.
https://www.youtube.com/watch?v=P4B4SvOtI0g
„Не постои грип, злато мое, 82 години, никогаш болен, никогаш кај доктор. Тоа запомнете го сите. Срамота, пензионерите ни го уништија здравството. Ме боли раката, ме болат нозете, сé ме боли… Па вежбај, пи*ка ти мајчина“, порача пред камерите овој 82 годишен старец.
Тони по националност е Албанец, а роден е на изворот на Вардар, во Вруток, каде што, како што вели тој самиот, е најчистиот воздух на светот, под прекрасната Шар Планина (!). Во Загреб се преселил по служењето војска, откако се вљубил па решил да и даде шанса на љубовта. Иако, таа не била онаа вистинската, Загреб сепак бил. Се оженил со Нада со која и денес е во среќен брак.