Објавен романот „Сапунот на Леополд Блум“ од романската писателка Нора Југа
„Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Сапунот на Леополд Блум“ од романската писателка Нора Југа, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.
„Сапунот на Леополд Блум“ е комплексен роман во кој се мешаат жанрови. Тој е своевиден стилски експеримент со длабока оригиналност, со што пак не е жртвувана приказната. Во раскажувањето често се губи границата меѓу реалното и надреалното, лирското и фактографското раскажување. Како и во неколку други дела на Нора Југа, и ова говори за еротизмот, осаменоста и староста, за сеќавањето и драмите, и последно, но не и најмалку важно, за радоста на пишувањето. Тој нуди слатко-горчлива мешавина на носталгија и хумор, нежност и фрустрација, искреност и преправање се сите состојки кои секогаш го дополнуваат задоволството од читањето на оваа писателка.
Сметан е за антироман, со антијунак, поточно со преземениот антијунак на Џемс Џојс преку кого „дејствува“ авторката во романските ситуации.
„Овој ’Сапун на Леополд Блум‘, дојден од прозата на Џојс, лизгав, без цврста форма, но со мирис, како и самиот роман, образува симболичен елемент, кој спојува сè што е измешано во текстот на Нора Југа. Овој текст е автентичен, педантен и наместа со малку идеологија (дијалогот меѓу поетесата и писателот во кој не е јасен односот на двајцата, повеќе значи игра на идеи), реалистичен, но и со навлегувања во мистичен надреализам, производ на претеран нецензуриран сензибилитет, со крај во еден нејасен егзистенцијализам.“ (Ана-Марија Попеску, Културен опсерваториум, јуни 2007)
Нора Југа е литературниот псевдоним на Елеонора Алмоснино. Таа е позната романска поетеса, романсиер и преведувач од германски јазик. Родена е во 1931 година во Букурешт. Татко ѝ бил виолинист, а мајка ѝ балерина.
Романот „Сапунот на Леополд Блум“ е објавен во 1993 година, за кој во 1994 година, беше добитник на наградата на Сојузот на писателите на Романија. Романот доживеа второ издание во 2007 година.