Престани постојано да се гледаш во огледало, барајќи ги своите несовршености. Да, тие постојат, постоеле и ќе постојат во иднина, но не се никаква пречка за твојот пат до среќата.
Огледалото е само слика која не открива ништо за твојата душа. Застани, пронајди внатрешен мир и пробај да ја согледаш својата душа. Она суштинското не се согледува однадвор. Пробај да ги исцрпиш сите свои вредности кои лежат потиснати на површината, па вложувај во нив, усовршувај ги и искористи ги за да создадеш подобар свет.
Престани да се споредуваш со оние во твојата околина. Секој во себе носи жарче кое тлее и може да биде разгорено во секој момент, но ти тоа не го забележуваш, зашто е скриено длабоко внатре. Ти ги забележуваш само „совршеностите“ и тоа те влече назад. Не споредувај се – никој на оваа планета не може да биде достоен за да се споредуваш со него, зашто ти си само ти.
Престани во секоја ситуација да се трудиш да изгледаш среќна пред другите и да ги задржуваш своите солзи. Смеј се кога ти се смее, плачи кога ти се плаче. Животот е составен од подеми и падови, нема потреба секогаш да изигруваш жива кукла која пред другите секогаш треба да биде „нормална“, средена, насмеана и среќна. Биди своја!