Кафе муабет

Од Скопје заминав во Швајцарија и за само месец дена заработив шест македонски плати – но и се шокирав од ова!

Advertisement

Никогаш нема да го заборавам шокот што го доживеав првиот работен ден кога стигнав во Швајцарија

Advertisement

Иако тоа беше пред неколку години, јас и денес се сеќавам како тоа да се случи вчера. Имено, пред неколку години заминав на гости кај тетка ми во Швајцарија, каде што таа речиси 30 години работи како чистачка на згради, но и во приватни домови. Поради нејзината работа долго време бев скептична дали воопшто да одам и да ја посетам, најмногу поради предрасудите што сите ние ги имаме кон овие луѓе што ги чистат зградите и домовите во Македонија.

Кај нас на овие работи сите гледаме со понижување и ги деградираме оние што ги работат истите, не однесувајќи се кон нив онака како што тие навистина заслужуваат. А и тие се работници како и сите нас, луѓе кои чесно и вредно го заработуваат секој денар во својот живот.

Сепак, по некое време, знаејќи дека во Скопје, а и во цела Македонија, нема да најдам работа иако од минатата година го завршив и вториот факултет, решив да ги спакувам куферите и заминав во Швајцарија.

Advertisement

Тетка ми живее во Берн. Неколку дена откако убаво се одморив и го прошетав речиси целиот град, решив да и помогнам во работата. Облеков стари тренерки и тогаш почнаа да ми се случуваат изненадувањата.

Имено, се договоривме да и помагам додека нејзиниот сопруг е на одмор во Македонија. Бидејќи таа немаше возачка дозвола мојата работа за почеток беше да ја носам до зградите и местата на кои тој ден имаше работа, да ја почекам, и потоа да ја вратам дома. Јас решив и да и помогнам и во работата и верувајте бев изненадена уште првиот ден.

Tој ден требаше да исчисти една висока зграда. Стигнавме во 7 часот пред зградата и кога влегов во влезот веднаш бев шокирана. И претходно знаев дека Швајцарците се уредни и дека се им е под конец, но влезот изгледаше како некој тукушто да го исчистил. Тетка ми ми даде неколку крпи и почнав да ги бришам прозорите на влезот од зградата иако тие беа најчисти9те прозори што некогаш сум ги видела. Едноставно целиот влез изгледаше како тукушто да сме го отпакувале, а ние бевме наоружани до заби со средства, крпи и машини како да сме истребувачи на духови, а не чистачки.

По некое време тека ми се качи неколку ката повисоко, јас останав на првиот. Се појави еден стар човек и почна најљубезно да ми зборува. Бидејќи знаев германски (студирав англиски и германски јазик), и јас љубезно му одговорив на сите прашања што ми ги постави.

Се интересираше за тоа што имам завршено, и од кога сум дојдена во Швајцарија, дали ми се допаѓа неговата татковина. Ми беше чудно што толку културно ми се обраќа знаејќи како ние сите се однесуваме кон оние што во Скопје ни ги одржуваат влезовите, но кога дојде тетка ми и кога ја праша како и е сопругот и децата, сфатив дека старецот знае многу за нејзиното семејство.

И тој не беше единствениот што ми се обрати во зградата. По некое време ми се обрати и една госпоѓа, а откако замина тетка ми забележувајќи дека сум изненадена од односот што го имаше кон мене ми кажа:

Тука на луѓето не им е срам да зборуваат со некој што е хигиеничар и покрај тоа што многумина од нив се доктори, банкари и бизнисмени. Тие секогаш ќе те поздрават, ќе се однесуваат љубезно кон тебе, и за нив не е важно што работиш, туку каков човек си. Еве на пример човекот што се грижи за парното во оваа зграда е милионер. Има стекнато големо богатство но решил во животот да го работи она што сака да го работи. Мора нешто да се работи, па тој доаѓа секој ден на работа иако има милиони во банка, ми објасни таа.

Јас бев збунета но и воодушевена во исто време. Тоа беше нешто потполно различно од она како гледавме на работите кај нас во Македонија.

Неколку дена подоцна, останав дома, бидејќи тетка ми беше викнала мајстор да го попрви шпоретот. Кога дојде човекот, јас решив да го повежбам малку германскиот јазик и влегов во дискусија со него, и повторно следуваше шок. Имено, мајсторот ми кажа дека е градоначалник во една општина во близина на Берн, местото во кое што живее и дека оваа работа му е хоби. Градоначалник, луѓе мои кој во работничка облека се обиде да го поправи шпоретот, и милионер кој секој ден оди на работа и работи нешто што повеќето пријатели што ги познавам НИКОГАШ не би се нафатиле да го работат.

Тогаш во мислите ми дојде она нашето „Македонија е Швајцарија на Балканот“. Сфатив дека всушност не е до парите, туку до менталитетот. Мислам постојат милион работи за кои нам не ни требаат пари, а со кои можеме да живееме многу подобро. И не ни треба НАСА и некои вселенски експедиции, во потрага по некои нови неоткриени планети и ресурси, туку само да испратиме неколку паметни луѓе во овој дел од Земјината топка и да го „купиме“ сето она што не чини ништо, а всушност многу ќе ни го олесни животот.

И тука не мислам само на културата, туку на системот …

По некое време се навикнав на овие работи. Но она на што не можев да се навикнам беше неподносливата тишина на улиците. Па дури и чистотијата почна да ми пречи бидејќи верувајте не можете ни едно каменче да најдете на улица, а кое не е на свое место. И не дека се е бетон и нема каменчиња. Не, ги има насекаде. На пример оние бели, украсни каменчиња ги има насекаде и тоа на улиците, во парковите. И сите се на своето место, а не како кај нас, откако ќе бидат поставени, веднаш ќе се најдат на сите страни.

И веќе НИКОЈ никогаш нема да ги среди …

Да, таквиот ред во еден момент почна да ми пречи. И тоа мнооогу! Се движите низ улица во работно време, низ населбата, и НЕМА никој. Еднаш носев торба со тркалца, се враќав од пазарење и почна да ми станува непријатно бидејќи ми шкрипеа тркалцата. Едноставно НЕМАШЕ никој на улиците, се слушаа само птиците и по некој автомобил што одвреме-навреме ќе поминеше. И јас и тркалцата!

А во Берн сум, главниот град на Швајцарија. Срцето на западот, ако можам така да се изразам, а почнав да се чувствувам како во времето на Југославија. Особено затоа што по 19 часот не работеше ниту една продавница. Можеби некоја бензинска која со километри и километри е оддалечена, но во целиот град нема да најдете ниту еден маркет или продавница што работи.

Исто како во Југославија, во времето на комунизмот, кога по 19 часот и во недела не работеше ништо. По некое време ова почна да ми станува досадно. Едноставно, во Македонија сме сиромашни, но живееме во некој друг свет.

И мене тој свет почна да ми недостасува.

Знам дека никогаш нема да се навикнам на животот во Швајцарија, па затоа досега бев уште неколку пати, но секогаш со намера да заработам и да се вратам дома. Но она што досега го научив сигурно тука е дека кон секој човек без разлика каква работа работи, и без разлика на верската и националната припадност, треба да се однесуваме со почит..

Денес секогаш кога ќе го сретнам чистачот во влезот во кој што живеам, ќе го поздравам и ќе го прашам како е. Ќе го прашам и да не му треба нешто. Сепак, сите сме луѓе, а така го учам и моето дете да се однесува со сите. Можеби тоа ќе биде попаметно од мене и кога ќе замине во странство ќе сака да остане, но за мене животот во Македонија, па и на целиот Балкан ми е најубав. Ќе се обидам да го научам и на тоа, како треба да се сака својата земја, но и да направам сé што е во моја можност тука да ни биде подобро.

Во спротивно нашите деца нема да се двоумат дали треба да си заминат или не. А нема ништо полошо за една мајка да живее далеку од своите деца, нели?

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button