Меган Маркл освојува со својата елеганција, а и Кејт Мидлтон ги изненади сите со ова беспрекорно летно издание
Војвотките Меган Маркл и Кејт Мидлтон стигнаа на женското финале на Вимблдон во одлични модни изданија, а тоа воедно беше и нивното прво заедничко појавување во јавноста без своите сопрузи.
Меган на турнирот пристигна да ја бодри својата пријателка Серена Вилијамс облечена во комбинација која потсетува на нејзиниот стил од пред официјално да стане дел од кралското семејство. Таа носеше сино бела кошула со риги во комбинација со бели панталони со широки ногавици, и двете од американскиот дизајнер Ралф Лорен.
Со нив носеше црни високи потпетици и бел панама шешир, а се врати и на својата омилена фризура – „несредена“ пунџа која до неодамна беше нејзин заштитен знак.
Иако поранешната актерка изгледаше прекрасно, ништо полоша овој пат не беше облечена ни Кејт Мидлтон. Мајката на три деца која е позната по своето конзервативно, па дури понекогаш и бапско облекување, овој пат носеше шик комбинација која беше полн погодок.
Покрај белиот фустан со точки со потписот на омилената дизајнерка Џени Пекам, чија креација носеше и на скалите по породувањето, Кејт носеше и високи потпетици во nude нијанса, од италијанскиот дизајнер Џанвито Роси. Комбинацијата ја зачини со елегантна чанта со ретро изглед од италијанското модно дуо Долче и габана додека од накит имаше само часовник и обетки од Картиер.