Алкалната диета се препорачува да се држи најмалку осум недели, по што може да се очекуваат саканите резултати, односно намалувањето на телесната тежина.
Се почесто слушаме дека една од главните причини за појава на разни болести е зголемената киселост на организмот и оттука најздрава и најсигурна состојба на организмот а алкалната која подразбира pH вредност од 7,35 до 7,45. Алкалната исхрана се состои од консумирање на 80% алкални (базни) намирници и 20% кисели намирници. Алкалната исхрана ќе помогне повторно да се воспостави нормалната pH рамнотежа во организмот нарушена поради лошата исхрана и стресот. Главниот принцип на кој се заснова алкалната диета е дека со внесувањето на храна како овошје и зеленчук ќе се намали нивото на киселост во организмот што овозможува заштита од кандида, рак и срцеви заболувања, но и брзо губење на несаканите килограми. Се смета дека алкалната храна помага да се прочисти организмот од штетните материи кои ги внесуваме со индустриската и преработената храна и да се исфрли вишокот на протеини, јаглени хидрати и кофеин. Оттука, алкалната диета е одличен избор за луѓето кои се изложени на стрес, кои внесуваат многу месо, млечни производи, слатки и преработена храна, како и многу кофеин.
Пореметената pH рамнотежа во организмот може да се утврди со анализа на крв и урина. Исто така, на зголемена киселост во организмот можат да укажат и следниве симптоми: главоболка, недостаток на енергија, чести настинки и грип, цисти на јајниците, нервоза, лошо варење, сува коса, болки во зглобовите и подуеност. И покрај позитивните ефекти од оваа диета на организмот, мора да се напомене дека сепак не е научно потврдено дека зголемената киселост на организмот води кон појава на малигни заболувања. Во суштина самиот канцер ја зголемува киселоста на организмот, а не обратно.
Научната јавност е поделена во однос на делотворноста на алкалната диета, едни тврдат дека е многу ефикасна, а други го тврдат спротивното. На пример, во публикација на Американската национална академија на науките е објавена хипотезата дека зголемената киселост на организмот предизвикува низа здравствени проблеми меѓу кои и остеопороза и дека намирниците богати со калиум и магнезиум како овошјето и зеленчукот го намалуваат ризикот од остеопороза. Други трудови објавени во научни списанија сепак велат дека нема сигурни докази дека алкалната исхрана штити од остеопороза, но може позитивно да влијае на кардиоваскуларниот систем и да се спречи формирање на камења во бубрезите. Стручната јавност тврди дека алкалната диета не е доволно научно испитана и дека телото поседува механизми кои на разни начини ја постигнуваат потребната рамнотежа. Противниците на диетата тврдат дека алкалната исхрана е само уште еден тренд чија ефикасност не е поддржана од научни докази, додека поборниците за диетата сметаат дека ова е најдобрата диета на сите времиња. Ако се ограничи внесувањето на одредени групи на храна, кои во оваа диета се нарекуваат кисели, се намалува и внесот на важни минерали, протеини, калциум, витамин Б и железо. Од друга страна, оние кои тврдат дека алкалната исхрана е добра сметаат дека постои силна врска помеѓу исхраната заснована на алкална храна и нашето здравје. Многу житарки, месо и млечни производи во исхраната го поттикнуваат создавањето на киселини во крвта и ткивата, кои на долгорочен план го уништуваат здравјето. Со текот на времето бубрезите слабеат и исфрлуваат помалку киселина од телото, така што е важно, особено за постарите лица, да се води сметка за базно-киселата рамнотежа во исхраната.
Од претходно наведеното може да се заклучи дека, кога станува збор за алкалната исхрана, не постојат сосема сигурни докази дека таа помага во борбата против остеопорозата, туморите и дебелината, но сепак, базната исхрана може да има бројни предности во однос на здравјето и витката линија.
Основата на менито е базната храна, која треба да се јаде во големи количини:
Зеленчук и житарки: цвекло, брокула, зелка, морков, карфиол, целер, блитва, кељ, краставица, модар патлиџан, лук и кромид, боранија, грашок, келераба, марула, печурки, пиперки, тиква, ротквица, спанаќ, компири, домати, лубеница, јачмен, никулци, просо.
Овошје: јаболка, кајсии, авокадо, банани, јагоди, дињи, цреши, кокос, рибизли, урми, суви смокви, грозје, грејпфрут, лимон, портокал, праски, круши, ананас, малини, јагоди, мандарини, бадеми, костени.
Зачини: лута пиперка, цимет, кари, ѓумбир, сенф, морска сол.
Пијалаци: јаболков оцет, свежи овошни сокови, минерална вода.
При составувањето на дневното мени, најголемиот дел од храната треба да биде од овој список, но дозволена е и друга храна, и тоа во количина од најмногу 20 проценти.
Следниве намирници се најстрого забранети во алкалната диета: шеќер, сол, газирани пијалаци и индустриски преработена храна. По ова прашање се согласуваат сите стручни лица, така што овие намирници треба да се избегнуваат и да не сте на некој посебен режим на исхрана.
Една честа заблуда е дека вкусот на храната е поврзан со неговата pH вредност. Иако, на пример, лимонот има силен кисел вкус, тој е базна храна, додека пак шеќерот спаѓа во изразено кисел прехранбен производ.
Алкалната исхрана не е режим кој се заснова на „броење калории”, туку на избегнување на цели групи на храна, кои предизвикуваат зголемување на киселоста на крвта, а со тоа и сериозни здравствени проблеми. Со правилната примена на диетата резултатите сигурно нема да изостанат.
Луѓето кои се придржуваат на ваков начин на исхрана велат дека по само три до пет дена на алкална исхрана ќе ви се вратат силата и енергијата, под услов да се придржувате на главното правило (80:20). Помеѓу оброците треба да има растојание, но не подолго од 4 часа.
Ако сакате да ослабите за кратко време, алкалната исхрана не е најдобриот избор, бидејќи првите резултати се видливи по 7-8 недели. Секако, на долгорочен план, ќе ги изгубите несаканите килограми кои нема да се вратат, доколку се придржувате на овој начин на исхрана. Покрај промената во исхраната, се препорачува и да се занимавате со спорт, да правите лесни вежби, возите велосипед или пак едноставно да пешачите.
Главната предност на оваа диета е тоа што се заснова на здрава храна, а исто така е погодна и за вегетаријанците бидејќи скоро сите видови месо се сметаат за кисели и не се препорачуваат за време на овој режим. Главните недостатоци на оваа диета се недостатокот на есенцијални масти, јод и селен, како и тоа што во диетата не се препорачуваат јајца, риби и морски плодови.