Иде животот, ама НЕ за сите – во Скопје ќе се одржи геј парада поддржана со пари на граѓаните?
Министерството за култура ќе ја поддржи Геј парадата со 5000 евра?
Во годишната програма на Министерството за култура за поддршка на проекти и манифестации во оваа 2018 година ќе одвои 327,250 денари (или нешто повеќе од 5 илјади евра) за Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“. Парите се наменети за организирање на настан „Викенд на гордоста Скопје 2018 “. Претходно во 2017 година, министерот за култура Роберт Алаѓозоски, го отвори „Скопје прај викенд“ кој се одржа од 22 – 25 јуни. Настан на кој свое обраќање имаше и Никола Шиндре, кој според дел од нашите медиуми блиски до опозицијата, јавноста ја брануваше со својата колумна во која, според нив, се релативизираше педофилијата. Ние нема да навлегуваме во оваа тема бидејќи ни е дегутантна, иако тогаш истите овие медиуми пишуваа и како ЛГБТ центарот одликуваше промотор на педофилија, настан на кој учествуваше и премиерот Зоран Заев. Од друга страна, не треба да заборавиме и дека по 5 илјади евра во време на ВМРО- ДПМНЕ се доделуваа на изведувачи кои промовираа семејни вредности, нешто што исто така удираше по џебот на сиромашните граѓани, а впрочем немаше никаков резултат, освен можеби купување на гласови и политички поени. Впрочем како и со истото ова што се случува сега, само што денес истите овие што до вчера беа на власт 10 и повеќе години, го критикуваат министерот за култура дека има пари за Геј паради, а нема за повисоки пензии? Па станува збор за вкупно 5000 евра, нели? И ако им ги земеме на „гејовите“, а им ги дадеме на пензионерите, зарем мислите дека рози ќе им цветаат? А што правиме со сите оние напади што претходните години се случуваа врз геј популацијата кои никогаш не беа разрешени, како и кршење на прозорите на невладините организации кои се грижат за правата на оваа маргинализирана група, што исто така не е дозволиво во едно нормално општество? Или тоа е во ред?
Но дали сме ние нормално општество и дали навистина ни е потребна геј парада?
Геј паради се одржуваат и во сите поголеми градови во соседството (Белград, Будва, Сплит, Подгорица, Приштина..). Во Скопје досега се имаат одржано неколку мини Геј паради или „Марш на толеранцијата“ како што официјално се викаат, а на некои од нив имаше повеќе полицајци отколку учесници. Првата парада беше одржана во 2005 година со поддршка на Швајцарската програма за култура „Про Хелвеција“. Тогаш беа одобрени околу 4000 швајцарски франци, а целта на парада беше преку преставување на врвни геј уметници да се покаже дека овие луѓе не се „накази“, туку продуктивни членови на секое општество и често се и амбасадори на културата на нивната земја. Всушност ваквите настани се организираат со цел релаксирање на менталитетот и односот кон луѓето со различна сексуална ориентација, а ние како држава спаѓаме во земјите со висок степен на хомофобија, и за жал претходната власт не само што не направи ништо со кое што би го спречила тоа, туку и дуваше ветер во грбот на оние што ги мразат хомосексуалците, нешто што не е дозволиво за една држава во 21 век. Мислам, освен ако не сте некаде на Блискиот исток, нели? И наместо да бидеме толерантни, впрочем православниот свет отсекогаш бил многу потолерантен од католицизмот кон овие социјални групи, кои своевремено биле прогонувани, мачени и палени на клада, и тоа токму од истите оние земји кои сега ја промовираат таквата култура, додека тоа никогаш не било случај и со земјите од православниот свет. Сетете се само што им правеа на овие луѓе нацистите за време на втората светска војна. Но за жал ние, по сите оние комунистички парадирања низ улиците, со војници и тенкови, се доведовме до степен да мораме повторно да маршираме, само овој пат да покажеме дека демек сме развиено демократско општество. И дека имаме толеранција кон различностите. Но, дали парадите ќе го променат тоа или не, останува да видиме. Она што е јасно, тоа е дека на многумина ова не им се допаѓа. Точка.
Па, што мислите вие за ова?
Р. Х. Џуниор