Фросина го живее својот сон
Таа е убава, млада и талентирана мејк-ап артистка и модна дизајнерка која овој пат ќе не воведе во нејзиниот свет на шминките. Во 2009 година го завршува престижниот универзитет „Еnt-art Polimoda“ во Фиренца, а потоа, следната година, заминува на студии во Осака, Јапонија на ,,Osaka Bunka fashion college“.
„Точно е дека секојa девојка може да носи црвен кармин, само треба да ја пронајде својата идеална нијанса.“
Маркетинг
По неколку години го отвори своето модно студио ФРАН во Скопје во кое ќе ги обедини своите две страсти – модниот дизајн и професионален make-up. Како што самата ни кажа, со шминкање се занимава од мали нозе, па не можевме а да не ја прашаме да ни открие неколку мејк-ап и бјути трикови.
Како започна твојата приказна со шминките?
Верувам дека ќе звучам клише но одговорот е многу едноставен- сосема спонтано. Уште како дете имав голема страст кон креативното изразување во сите облици и форми, па се што вклучуваше бои, четки и нивна примена за творење за мене беше поле за истражување. Претпоставувам дека тој мој интерес и наклонетост кон уметноста го препознале моите родители кои уште од самиот старт ме поддржуваа и на различни начини ми помагаа да се реализирам .
Куферчето со шминки на мајка ми и школските другарки беа првите жртви на моите тогаш неискусни рачиња, се додека не добив прилика да поработам на вистински клиенти со вистинска козметика. Првото такво искуство значи беше на промоции во парфимерии рамо до рамо со тогаш едни од нашите најпознати шминкери, благодарение пријател на татко ми кој своевремено беше сопственик на една од најголемите компании за увоз на козметика во Мк.
Како компензација за мојот ангажман (можеби повеќе како подарок со оглед на моето тогашно искуство :) добив сет тестери од тогаш најдобрата козметика на пазарот, и тоа за мене беше реално најдобрата стартна точка. Не само што имав желба и наклонетост , имав и алатки за да ја реализирам!
Од таму почна се…
Покрај шминкањето се занимаваш и со дизајнирање на облека, а пред неколку години го отвори и своето студио „Фран“. Кој беше главниот мотив да го отвориш студиото и како изгледаше твојот професионален почеток?
Желбата да имам свое катче во кое слободно ќе можам да ја изразам целата своја креативност, место кое нема да ме ограничува во однос на простор и време и ќе ме претставува безкомпромисно вроди со создавањето на ФРАН. Се почна многу наивно,со многу ентузијазам но без многу сигурност,а од тогаш па наваму се повеќе се радувам што сум се одлучила на таков чекор.
Од самиот почеток (пред 4 години) па до сега, многу работи се имаат променето во Фран во однос на главниот фокус на работа, исфрлање на непотребни и воведување на нови дејности,составот на тимот, и слично ..но најбитното е дека секогаш постои простор за напредок и мене тоа ме бутка напред секој ден…
Твој совет за нега на лице? Дали постои некоја рутина што ја правиш секое утро, односно нешто што би требало да го правиме и ние?
Негата на лице е клучна за добриот целокупен изглед на една девојка, а рутината на одржување на лицето според мене започнува навечер бидејќи тогаш се случува регенерацијата на кожата и тогаш е потребно да и дадеме поголем ,,boost,,
Бидејќи сум личност која секојдневно носи ,, full face makeup“ негата за мене започнува со темелно чистење на лицето. Доколку се работи за шминка која бара повеќе време за отстранување (светки , трепки и сл) започнувам со ,,makeup remover“ а потоа еднаш до два пати добро го мијам лицето со ,,face wash“ . Гледам да ги одбегнувам влажните марамчиња за целосно отстранување на шминката бидејќи прават механички пилинг на кожата.
Значи добро,темелно чистење и никогаш, АМА НИКОГАШ немојте да спиете со шминка !
Потоа ставам интензивен (ноќен) серум за лице и ноќна крема (сите девојки над 25-тата година треба да практикуваат креми со ,,early anti age complex“ бидејќи стареењето на кожата е процес кој подобро е да го забавите дур е време, него да го оправате со ботокси кога веќе ке се случи…) и потоа си легнувам и оставам 8-те часа сон (во идеални околности) да си го направат останатото…
Наутро го мијам лицето со ладна вода за да го освежам, па со топла за циркулација и повторно со ладна вода за да се затворат порите… Нанесувам дневна крема , оставам да се впие неколку минути и почнувам со стандардната шминка…
Шминката од своја страна пак, доколку инвестирате во неа може дополнително да ви ја негува кожата. Денес постојат пудри со витамински комплекси, речиси сите се со барем 15 SPF (uv заштита) и други убави состојки кои ќе допринесат кон зачувувањето и одржувањето на здрава кожа.
Како најлесно да ја избереме вистинската нијанса на пудра?
Ќе отидете без шминка во парфимерија и ќе пробате директно на лице. Не на врат,бидејќи вратот е секогаш посветол од лицето. Не на дланката бидејќи и таа, зависно од годишното време е или посветла или потемна од лицето….
Значи тест директно на лицето и доколку имате време свртете некое кругче низ парфимеријата, оставајќи и доволно време на пудрата да оксидира, бидејќи може значително да ја промени нијансата ….Доколку се двоумите , нанесете различни нијанси на двете страни од лицето и на крај сами проценете која најмногу ви се допаѓа, односно која најмалку двои од вашата природна нијанса.
Која е твојата тајна за шминката да остане во текот на целата вечер?
Добра подлога (база) со висок глицерински состав бидејќи убаво ја слепува пудрата за лицето е првиот чекор. Вториот чекор е квалитетна трајна пудра. Третиот чекор е фикс пудра (пудра во прав) за се да си остане на свое место.. и ако се работи за посебна прилика каде не смее ама баш ништо да мрдне и ви е потребна дополнителна сигурност, фикс спреј.
Кој производ според тебе е клучен за да се направи добра шминка? Производ во кој жените би требало секогаш да инвестираат?
1.eyeshadow base
2.квалитетна пудра
3.соодветна нијанса на кармин
Дали нашите девојки и жени имаат навика често да ги бараат вашите професионални услуги или професионалната шминка кај повеќето Македонки е резервирана само за денот на свадбата?
Иако поголемиот дел од клиентите кои се обраќаат кај нас за професионална шминка се оние кои треба да присуствуваат на некоја свеченост (свадба, матурска, апсолвентска) , има и онакви кои тоа го прават и за посекојдневни прилики …состаноци, конференции, роденден, приватна фотосесија .. прво запознавање со родителите на момчето (хахахаха) … Ретки , но ги има!
Што може најмногу да те изнервира за време на шминкање?
Доколку клиентката е цело време на телефон… Прво бидејќи е многу тешко да работиш на некој кој ги држи очите отворени кога треба да се затворени, постојано мрда и те деконцентрира, а и бидејќи 50% од времето стоиш со четката во рака чекајќи да заврши за да можеш да си продолжиш со работата. Баш вака…
Црвениот кармин преставува класик кој вечно трае, но некои жени го избегнуваат мислејќи дека не им стои, дека е премногу нападен. Како најдобро се нанесува црвен кармин, како да ни трае подолго и да не ни се размачкува? И дали е точна „мантрата“ дека им стои убаво на сите?
Точно е дека секој може да износи црвен кармин доколку ја пронајде својата идеална нијанса. Мојата на пример е cherry red. На девојки со посветол тен и коса на пример би им била идеална корално црвена…или Ferrari red . Трикот е да ја пронајдете својата нијанса и задолжително оди во комбинација со барем основна шминка (пудра, руменило, маскара… Црвен кармин на тен без подлога изгледа ужасно и на најубавата девојка J
За долготрајноста на карминот не мора многу влог, барем денес речиси сите кармини се долготрајни ,а доколку сте old school и преферирате кремасти кармини, доволно е само неколку пати да бакнете хартиено марамче и одново да го нанесете за да се осигурате во неговата долготрајност.
Кој е твојот омилен кармин?
Ооооооооо… тешка одлука…. ги сакам сите! Постои простор, време и комбинација за секоја боја…. а кога ги имаш сите на располагање (во студио) лудо е да не ја искористиш таа шанса за секојдневна разновидност. Но ако ептен-ептен морам да бирам…Црвен! J Сакам и добар ,,nude“ за комбинација со појаки очи или за преку ден….а и темно бордо ми е еден од по фав…. but nothing beats red!
Кои грешки најчесто ги прават Македонките кога се шминкаат?
Претерување од една во друга крајност! Или не знаат да си ја препознаат сопствената убавина па со премногу (лошо нанесена) шминка наместо да ја истакнат ја нагрдуваат. Или пак се плашат од по храбра шминка и остануваат монотони во својот минимализам .
Мене на почетокот на кариерата ми беа најчудни оние кои доаѓаа кај мене со барањето ,, Нашминкај ме како да не сум нашминкана“?! Но денес тоа е еден своевиден тренд и бара исто толку влог како и секоја друга шминка, ако не и повеќе.
Кои се твоите планови за во иднина?
Да се посветам малку повеќе на дизајнот… (:) )