Отворено писмо до господинот Шилегов: Направете зелени површини од паркинзите во центар, но и на кровот на ГТЦ!
Предлог од нашата маленкост до градоначалникот на Скопје …
Овој текст беше објавен пред референдумот за спас на Градски трговски центар, но овој пат го реобјавуваме како писмо до градоначалникот на Скопје, господинот Шилегов, но и до сите останати граѓани кои се согласуваат со нас дека ГТЦ заслужува да добие парк и зелена површина на врвот од објектот впрочем како што и првично бил замислен според проектот. Паркот може да биде изграден во чест на генијалниот Кензо Танге, во пакет со модернизација на самиот простор, но и да биде симбол во центарот на Скопје кој во иднина ќе не потсетува дека мораме да имаме посебен однос кон природата. Во спротивно, поради немарност и негрижа, ќе се соочиме со страшни последици впрочем како што и сега ни се случува со воздухот.
Стил (како и памет) или имате или немате, а иницијативата за спас на ГТЦ е доказ дека граѓаните на Скопје имаат стил. Ова е само една од причините зошто и ние како медиум целосно застануваме зад граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ и ја поддржуваме организацијата на референдумот на кој се надеваме дека граѓаните ќе излезат и ќе кажат НЕ на барокизација на овој стар симбол на постземјотресно Скопје. Покрај ова, исто така ја поддржуваме и иницијативата на „Го сакам ГТЦ“ Градскиот трговски центар воедно да биде прогласен и за културно наследство од особено значење, и со тоа веднаш да го направиме најмалото нешто кое можеме да го направиме за овој објект, но и за самиот автор кој во една пригода има кажано: „Не прашувајте ме што ќе сторам јас за градот — прашајте се што ќе направиме заедно за Скопје“. Но, ако сите ние, заедно се прашаме како воопшто можеше да ни се случи да дојдеме до ова дереџе, односно да мораме еден од најзначајните архитектонски објекти во градот да го спасуваме со гушкање и референдум, мораме искрено и отворено да кажеме дека до некаде сме разочарани.
Ова првенствено се однесува на невладините организации кои малку како да задоцнија во остварувањето на она што е нивната основна цел, и кои трошат големи пари за развој на граѓанскиот сектор, а ние упорно одиме кон дното. Покрај ова, за критика е и самата општина Центар, па и граѓаните на целата држава, особено нашата културна елита (како и МАНУ!) која што дозволи да ни се случи ова што ни се случува (се мисли на бескрупулозното владеење на претходната власт и на Скопје 2014) и која досега не успеа да ги артикулира вистинските вредности на начин кој не остава простор за импровизации.
Некако како да забораваме, а воедно и да не придаваме големо значење на тоа дека ГТЦ е објект изграден во согласност со идеите за Скопје на еден од најголемите светски архитекти на 20 век, Кензо Танге. Секое дело, односно објект на кој што работел јапонскиот архитект Кензо Танге во целиот свет преставува вистинска атракција и ремек дело оставено на идните генерации, а Скопје, кое ја имаше таа чест да воскресне со помош на креативните идеи на овој архитект, нема направено ништо да ги истакне овие факти пред јавноста (а направи многу за да ги уништи истите). Кензо дури имал и идеја новата железничка станица да се поврзе со кровот на ГТЦ преку еден футуристички мост, но оваа идеја никогаш не се реализирала.
Е сега не велиме дека ова треба да се реализира (не затоа што идејата не е добра, туку затоа што најдобро е да почнеме со санација и пренамена на новиот барок отколку со нови футуристички проекти од кои за жал сме далеку светлосни години!), но и не треба ова да го заборавиме туку да го забележиме ова и да го вклопиме во приказната за ГТЦ.
Покрај ова, не треба да заборавиме и на фактот дека по консултации со тимот на Кензо Танге од Јапонија, наместо да биде изграден од бетон, ГТЦ е направен од монтажни панели и челична префабрикувана конструкција што претставува модрена техника која се уште е атрактивна во светската архитектура. Ова во кратки црти значи дека ГТЦ, кој сам по себе е импозантно дело, во себе ги содржи и идеите на Танге, кои се пресудни во изградбата на сржта, на самото ткиво на овој објект, а барокната фасада, како и неговото затварање, ќе биде само едно нецивилизаторско и свирепо пукање со крвава кубура во монументалниот дух на овој човек, гест сличен на уништувањето на светското културно наследство од страна на Талибаните.
Во прилог на ова зборува и фактот дека додека во целиот свет градбите од периодот на модернизмот од 60 и 70 години на минатиот век се заштитуваат како културно наследство, и претставуваат атракција, ние како да се трудиме некои од нив воопшто и да не постојат (како зградата на „Македонски пошти“, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и сл. зданија што пропаѓаат), а други пак ги претвораме во колосални грдосии „апдејтирани“со стиропор, наместо зачувани во оригиналната форма како вистински знаменитости.
Затоа предлагаме приказната за ГТЦ задолжително да се напише на некое видливо, репрезентативно место во самиот објект (откако ќе се реновира, секако!), а потоа да влезе и во секоја културна мапа на градот, каде името на архитектот Живко Поповски кој за ова дело има добиено бројни награди (за овој објект меѓу другото се учи и по предметот Општествени згради на Архитектонскиот факултет во Скопје) да стои рамо до рамо со името на еден од најдобрите архитекти на 20 век во светот, Кензо Танге.
Покрај ова и покрај прашањето зошто до сега никој не понуди ниту една подобра студија во кој правец треба да се движат работите во врска со реставрацијата на овој архиктектонски див во центарот на Скопје, сакаме да потсетиме и на тоа дека ГТЦ не е само продолжение на нашата балканска традиција за отворена чаршија низ која слободно се движиме и проаѓаме, ниту пак само јавен простор кој го поврзува кејот на Вардар со „Жена парк“ и во кој е пријатно во секој период од годината (објектот има природно ветреење, односно аерација). ГТЦ треба да претставува и зелена површина со парк што особено сега, по сета узурпација на градскиот простор во центарот и уништувањето на зеленилото, е повеќе од потребно. Оваа идеја за парк и зелена површина на кровот на ГТЦ влече корени уште од самиот почеток на проектот, а како што вели за неделникот „Фокус“ единствениот жив архитект кој работел на овој проект, архитектката Лидија Маркова, скалите кои водат до горе се токму за таа намена.
На самиот покрив на објектот се уште стои неискористен огромниот простор, и скалите, кои би требало да бидат „Stairway to heaven“, а кои во моментов претставуваат „Road to nowhere“ (дај Боже само да не бидат Scalinata di Trinità dei Monti од идејата на Грујо!), така што сметаме дека сега е вистинскиот момент да се избориме тој простор да не се претвори во деловен простор, ниту пак да се уништи и затвори со барокна фасада. На овој простор треба да се направат зелени површини со игралишта за деца, тераси, ботанички градини, фонтани и сл. Оваа локација, која би можела да се вика на пример „Кензо Танге Парк“ би претставувала место за одмор и рекреација на граѓаните на Скопје и на туристите, каде посетителите ќе можат да одморат, да читаат книги, шетаат, или да играат со своите деца и миленици.
Кога можевме да се расфрламе со барокни фасади, панорамско тркало и тројански коњи поради кои и ќе ја изгубевме државата, тогаш треба да собереме сили и да изградиме еден парк по кој Скопје ќе биде препознатлив. Ако ништо друго, барем на овој начин да се одолжиме на светскиот гениј Кензо Танге, човекот кој работел на обновувањето на Хирошима и кој својот светски познат „План за Токио 1960“ го пренел и во неговите идеи за Скопје. Навистина е жално градот на кој еден таков светски гениј оставил свој белег во неговото воскреснување, денес, после толку години, и поради некои наши фрустрации, да биде прогласен за главен град на кичот.
НОВИ ПРЕДЛОЗИ
Покрај оваа иницијатива, текстот ќе го дополниме со уште неколку идеи поврзани со барањето на Шилегов од граѓаните да дадат идеи за решавање на проблемот со загадувањето на градот. Наш предлог е покрај целото корито на реката Вардар веднаш да почнат да се садат дрвореди, од двете страни на реката, кои ќе се простираат од Ѓорче па се до Ново Лисиче. Но пред да се направи ова, да се направи студија дали таквите дрвореди би го попречувале струењето на воздухот или пак би преставувале природни филтри кои дополнително би го прочистувале. Исто така под итно сите отворени паркинзи во централното градско подрачје да се пренаменат и да станат зелени површини. За да не настане хаос под итно да се најде решение за јавниот градски превоз, односно да се донесат автобуси или некои превозни средства кои НЕ го загадуваат воздухот, и да се стави ред во хаосот со паркинзите. Скопје е единствениот град во светот каде тротоарите наместо за пешаци служат за паркирање на автомобили, а тоа е нешто што странците прво го забележуваат и секогаш го споменуваат во нивните видео патописи кои можат да се најдат на разно разни канали на социјалните мрежи. Значи да се пронајде нов концепт за Градски јавен превоз, да се средат постројките, да се зголеми бројот на линиите, и отворените паркинзи да станат паркови. Секое место за паркирање на улиците убаво да се означи со линија која воедно ќе ја означува и зоната (како на пример што е во Белград), па дури тогаш да се размисли за поскапување на цената за паркирање, односно кога на граѓаните ќе им се понуди алтернативно решение (добар и организиран јавен превоз).
Покрај ова треба и да се тргне во постојана кампања и да се побара помош од медиумите се со цел промена на свеста и возачката култура, а потоа да се премине и со казнување на несовесните возачи. Треба и сериозно да се размисли да се воведе забрана за возење според регистарски таблички и тоа да биде задолжително во деновите кога воздухот е најзагаден, ако ништо друго тогаш барем во одреден пробен период за да се види дали ќе има позитивни ефекти. Сега е вистинскиот момент да се направи тоа, или евентуално откако ќе се зголемат линиите на јавниот превоз, па граѓаните би можеле полесно да стигнат до одредена дестинација и ваквата забрана не би се одразила на нивното движење.
Постојат многу мерки кои можат да се воведат, но од некаде мора да се почне. И тоа веднаш, бидејќи ова е нешто што НЕ СМЕЕМЕ да го оставиме за утре.