Штипската болница од пеколот – совршено место за снимање хорор филм, но НЕ и за последна станица на штипјани (фото)
За нехуманите услови и морбидните фотографии во штипскиот клинички центар пишуваа сите медиуми во регионот.
Во продолжение ќе ви пренесеме еден текст што беше објавен во Espreso.rs, но и еден коментар што стоеше под истиот на социјалните мрежи.
Клиничкиот центар во Штип во Македонија, каде здравствените услуги ги добиваат илјадници граѓани само што не се срушил! Пациентите се лечат во нехумани услови, а состојбата во која се наоѓа болницата беше шокиран и самиот (поранешен) министер за здравство, Арбен Таравери. Тој изјави дека понехумани и полоши услови за пациентите и за работата на медицинскиот персонал не видел во ниту една друга болница во Македонија, па ни во светот.
„Ми зборуваа дека условите не се добри, но кога влегов внатре, се згрозив. Не знам дали постои полоша болница на светот од оваа“ вели тој.
Еден ден подоцна тој постави неколку фотографии на Фејсбук кои сведочат за катастрофалната ситуација во овој здравствен дом. „Немам потреба да го демантирам она што опозицијата го зборува за мене. Ова се ваши дела во здравствената политика. Една слика кажува 1000 зборови.“ напиша поранешниот министер тогаш на Фејсбук.
Коментарот на еден штипјанец:
Инаку, лично би сакал да посведочам за една непријатна ситуација која што ми се случи во истата болница. Пред две-три години, мајка ми имаше мозочен удар и заврши во одделението за неврологија на оваа болница. Веднаш кога дознав тргнав од Скопје за Штип и кога стигнав во болницата се упатив кон зградата во која беше сместена мајка ми. Да се разбереме, нехуманите услови во болницата и од претходно ми беа познати бидејќи потекнувам од овој град – така што сликите што ги виде Таравери за мене не беа никакво изненадување, туку сурова реалност! Но она што следуваше, беше шок! Одделението за неврологија е дел од просторот кој порано беше инфективно и кој сега е „последна станица“ за штипјани. (Ова го велам во буквална смисла бидејќи не ретко се случува некој да си почине и во тмурните ходници затоа што во собите едноставно – нема место! Преполни се…)
{youtube}NuoQBbDxTL0{/youtube}
Зградата не е многу стара, најверојатно некаде од 80-тите, но условите во неа, како и креветите, храната, хигиената и се друго се под секое ниво. Е сега, точно е дека ова одделение претходно беше сместено во еден друг дел од градот, во уште поруинирани и пострашни простории, изградени во времето на Кралството Југославија, соодветно само за снимање хорор филм (во ова се увери и претходниот министер, Никола Тодоровски, кој и го затвори ова одделение и го префрли во кругот на болницата.) Да, сегашната зграда е многу подобра од претходната, ама потребни се инвестиции за да се среди. И секако, добар менаџерски тим, а не луѓе кои се избираат исклучиво по партиска линија, како што беше случајот досега. Но како што веќе реков, тоа не беше ништо ново за мене, бидејќи неколку години претходно и мојата сопруга се породи во оваа болница, и тие тмурни ходници, во кои од друга страна, пак, ви се случува најубавото нешто во животот, никогаш нема да ги заборавам! Сепак она што го доживеав веднаш откако влегов во одделението во кое лежеше мајка ми, непосредно пред да ја видам, навистина ме извади од памет. Имено, додека минував низ ходникот ми се појави едно човече, најверојатно болничар, со работнички мантил кој речиси му се влечеше по подот, и истрошени чизми кои изгледаа како да ги земал од некое боиште. Човекот ме замоли да дојдам со него и нешто да му помогнам. Во истиот тој ходник се наоѓаше и собата на мајка ми, само неколку врати подолу од собата во која што влегов со него. Уште пред да го поминам прагот, како да знаев што ме очекува внатре. Имено, во собата имаше три кревети, од кои оној што беше до прозорот беше празен, на средниот лежеше „човек“ покриен со чаршав преку глава (!), а до него, веднаш до вратата, лежеше друг човек на кој му течеше инфузија. Беше покриен со чаршафот до носот, така што можев да му ги видам само очите од кои бликаше страв и некаква чудна обесхрабреност, и очај, со кои молчешкум ни зборуваше. Со погледот постојано мрдаше ту лево ту десно и не набљудуваше што правиме. Болничарот, кој побара од мене помош, се качи на креветот што беше во средината и на кој лежеше човекот покриен со чаршафот преку целата глава и ме замоли да го преместиме на носилката со тркала која личеше на оние од американските филмови за Втората светска војна. Тогаш сфатив дека пациентот е мртов, и за да биде „операцијата“ успешна јас требаше да го фатам за нозете и заедно да го префрлиме на носилката. Го направив тоа, онака механички, иако во исто време размислував за тоа како ќе се снајдам во ситуацијата која за мене беше потполно несекојдневна (секоја чест на луѓето што работат на ова одделение!). Но разумот ги надвладеа емоциите, па наместо да се збунам и исплашам, го прашав болничарот, размислувајќи за агонијата на другиот пациент што цело време лежел со покојниот кревет до кревет. „Кога почина човекот?“ „Сабајле, околу 8 часот“, ми кажа болничарот и се изгуби некаде низ ходниците со покојниот. Јас продолжив да ја барам собата во која беше сместена мајка ми.
Беше точно 12 часот кога влегов кај неа.
Што значи дека другиот човек лежел до мртовецот повеќе од 4 часа! Не, неговиот поглед нема никогаш да го заборавам. Ниту пак собата во која што лежеше мајка ми, која фала му на Бога, се подоправи. Ќе ме прогонуваат се додека штипјани, но и сите останати во оваа земја не добијат место кое ќе биде достојно да биде нивната последна станица.
Ако тешко живееме, и се мачиме цел живот, барем да умреме како луѓе…
Барем тоа го заслужуваме…
Или не?
Робин Худ Џуниор
Фото: Фејсбук/ А. Таравари