Бранот на млади театарски режисери во Македонија никако не би бил тоа што е без Теа Беговска.
Таа, од нејзиното дипломирање на театарска режија Факултет за театарски уметности, ЕСРА во Скопје, до денес комплетно се посветува на работење интересни и иновативни проекти. Во алтернативниот театар покажува колку креативноста и’ е јака страна, а талентот секако не изостанува, па така ги добиваме претставите „Три Сестри“, „Ајде да имаме секс“ и „Контрола“ меѓу другите. А освен како асистент на режија на неколку проекти во Драмскиот Театар, наскоро ќе може да ја видиме и со нејзина претстава во Театар Комедија. Теа јасно го влече фамилијарниот ген за „даските што живот значат“ од нејзините родители Рујш и Суад Беговски, што се гледа и по наградата на НЕТА за ангажиран режисерски пристап за театарскиот перформанс Контрола, што ја добива на Фестивалот Ристо Шишков во 2014 година.
Сепак тема на денешниот разговор со Теа ни беа алтернативниот театар, неговите предизвици, како и моменталните проекти на оваа млада и талентирана режисерка.
Да почнеме од „најлесното“- Што е за тебе театар?
Театар…Театар сум јас…Теа Театар :) Мислам дека никогаш нема да најдам дефиниција за тоа што е театар за мене. Театарот е секојдневно дефинирање. Можеби не знам да дефинирам што е театар, ама знам што значи посветено и професионално да си ја работиш работата. Учев и учам од најдобрите професионалци – мајка ми и татко ми. Не сакам да звучам клише и да кажам дека театарот е начин на живот, ама со оглед на тоа дека секојдневно ми/ни се случува театар, да – театарот е начин на живот.
Кај нас си препознатлива по претставите „Контрола“, „Кафе без цигари“, а особено по „Ајде да имаме секс“. Сите тие дела беа изведувани во неконвенционални простори за претстави. Како дојде до потребата и идејата да го преселиш театарот надвор од нормалата?
Наједноставно – дипломирав и немав работа, па решив сама да се “вработам”. Прва беше “Три сестри”, па “Тишина”, па овие следните три. “Ајде да имаме секс” своевремено си беше актуелна…тој е еден од ретките текстови коишто сакам да го работам пак, се ми се чини дека никогаш до крај не кажав се’ што сакав да кажам. Да, ќе ја работам пак. Во сите играа посветени и невработени актери. Секоја за себе беше актуелна и своја, искрена, сработена со огромна љубов и верба/доверба – нешто што мислам дека му недостасува на театарот. Дискутабилно е што е нормално, она “внатре” или она “надвор”. Можам да кажам дека е различно. Надвор решаваш сам за се’, внатре има правила. Сега мојата матична куќа е Драмски Театар, во која се уште го немам поставено мојот прв проект, ги чекам правилата да се претворат во пракса.
„Јас сум по природа драматична личност. Кога сум сама со себе си поставувам прашања што ми се случува, што ми пречи, што сакам да кажам.“ |
Токму заради неконвенционалниот пристап кон театарот сигурна сум дека си имала многу интересни ситуации во организацијата на овие претстави. Кои се најголемите предизвици со кои што се соочува една режисерка кај нас?
Уф, од каде да почнам :) . Морам да кажам дека сите мои алтернативни проекти се сработени со нула буџет. Јас сум воспитана на секој проблем да гледам како предизвик. Секој еден од овие проекти бил на работ да не се оствари, да не постоеше таа моја огромна волја и буткање врати. Се сеќавам за “Контрола”, претставата во автобус, имав кафич и 17 актери. Немав пари, немав автобус, а на екипата и ветив претстава во автобус. Многу голем труд вложен и пред се доверба од сите актери во мојата идеја, можам како факт да ја издвојам пробата која ја имавме на сред улица во чаршија во 11ч ноќта, бидејќи просторот ( кафичот) во кој работевме не беше слободен. Во сите проекти надвор од институција бев сама со моите актери, тоа значи организација буквално на се’ – рекламен материјал, тропање на вратите на медиумите, продажба на билети – непроценливо искуство. Кога работам, кај мене важи едно правило – да не се одложуваат работите, најпросто кажано – јави се, тропни на вратата, или ќе ти кажат да или не, трето нема :). Хм…морам да признаам дека ми фали тој период, затоа во подготовки сум за реализирање на нов алтернативен проект.
„По итна постапка би ја одземала политиката и би ги забранила со закон списоците ,па да можеме сите подеднакво да режираме.“ |
Од каде црпиш инспирација за креативната работа во твоето поле?
Од себе. Секогаш од себе. Јас сум по природа драматична личност. Кога сум сама со себе си поставувам прашања што ми се случува, што ми пречи, што сакам да кажам. Секогаш треба да се има на ум да се кажуваат важни работи во театарот. Треба да се прават важни претстави, па макар нека биде тоа една претстава на пет години, ама нека биде важна. Луѓето, книгите, општествените настани, секогаш ни се појавуваат со причина, не треба да ги игнорираме – ете тие ме инспирираат.
Од театарот, реши да ја пренесеш твојата љубов за театарската игра и режија и во драмското студио „Сцена“. Кажи ми малку повеќе за тоа.
“Сцена” е љубов, искрена приказна, посветена приказна. Јас и Миа (Кантарџиева) секојдневно се инспирираме една од друга за тоа што да им кажеме на малите и младите. Со нив не забораваме на себе, со нив се потсетуваме за вистината во театарот, за искрените чувства. Ми се чини дека тие млади деца на мене и Миа често ни ја враќаат довербата и не инспирираат да продолжиме. Драмското студио Сцена ја почна својата втора сезона оваа година, иако имавме дилема дали ќе имаме време покрај сите наши тековни обврски, сепак времето поминато и посветено на младите е повеќе од важно. Вратите на нашето театрско катче се отворени за секое дете и тинејџер да дојде да сонува заедно со нас – бидејќи пред се, ние сме сонувачи.
Какво е чувството како професор и ментор во работата со најмладите?
Нема ништо почисто од детската насмевка. Морам да ги пофалам сите наши членови кои се навистина талентирани и посветени со огромна желба да бидат професионалци во оваа работа. Не е важно дали некој од нив професионално ќе се занимава со театарот, важно е што ќе научат да бидат креативни, отворени и да се борат за своето. Кога видов дете од 8 години каква имагинација има, па тие смислуваат етиди со причина и последица, толку многу ме инспирираат и секојдневно ми ја потврдуваат мојата желба што ја имав како дете. Ако некој заслужува знаење, тоа се младите деца, впиваат буквално се’ – си играат. Некогаш ние возрасните забораваме да си играме во театарот, ама свесно да си играме.
Што би додала во театарот во Македонија?
Па ете од таму тргна и идејата за мојата емисија во која водам дискусии со моите колеги за да откријам што му недостасува на театарот па и општо на сите уметници во Македонија. Ние се претвориме во платформа за дискусија, а праксата ни ја нема. Театарот е во криза велат, да, во криза е, секогаш бил ми се чини, што ние превземаме околу таа криза? Можеби немам толку големо искуство, но јас немам видено толку огромно влијание на политиката во театарот, така што не би додала, туку по итна постапка би ја одземала политиката и би ги забранила со закон списоците ,па да можеме сите подеднакво да режираме. За додавање – можеби секој да си постави прашање – Зошто го правам ова? Ама вистински нека си го постави. Сум била во ситуација каде не сум можела да сфатам зошто некои луѓе го прават ова. И да престанеме да си префрламе вина еден на друг, вината и во себе да ја бараме. Премногу информации имам во глава од дискусиите со моите колеги во емисијата и се надевам дека еден ден од тоа ќе излезе една убава документарна претстава. Мојот следен проект е во Театар Комедија, како и во секој процес и таму ќе влезам со мојата силна волја и моите актери со кои би сакала да си докажеме дека не треба да додаваме ништо.
Разговорот го водеше Ерина Богоева
Фото. Е. Богоева