Интервју со Стефанија Несторовска
Стефанија Несторовска од Скопје и покрај обврските успева да најде време и да си спреми вкусни оброци полни со хранливи материи. Таа вели дека храната за неа претставува приоритет. „Да бидам искрена баш сум онака досадна :) . Имам регуларна, канцелариска работа па го посветувам поголемиот дел од денот на тоа. Викендите се најчесто резервирани за готвење, тестирање и фотографирање на нови рецепти и во принцип тоа е тоа. Сакам да се дружам со моите најблиски, сакам да вежбам и уживам да одам на попладневно кафе идеално во некој од кафичите во Дебар маало.“, раскажува Стефанија
Според тебе, што треба да јадеме секој ден за да бидеме поздрави и да имаме повеќе енергија?
Храна создадена од целосни состојки. Што значи тоа? Да конзумираме храна со една состојка како на пример зеленчук, овошје, месо, житни производи и слично наместо оние конзервирани, веќе готови производи што имаат листа на состојки од 3 страни. Да се избегнуваат додадени вештачки шеќери и храна што содржи шеќер и секако процесирана храна и оброци.
Исхраната е само мал дел од тоа како се чувствуваме во текот на денот па тука би додала дека подеднакво е битна хидратацијата односно пиење МНОГУ вода, добар и квалитетен сон и физичка активност.
Од каде се роди љубовта и интересот за здравта храна и подготовка на вкусни рецепти?
Сосема спонтано и непланирано. Немав посебен момент каде што си реков – ок од денеска почнувам со здрава исхрана.. Пред 7-8 години почнав да вежбам и некако се пронајдов во целиот тој свет. Почнав доста да истражувам за придобивки, бенефити и општо како правилно да вежбаш и да видиш резултати и се тоа се поврза и со исхраната која е битен фактор во овој процес.
Во тоа време немаше многу достапни производи на нашиот пазар па се морав сама да подготвувам и така некако постепено си се пронајдов себеси и сфатив дека навистина уживам во тоа.
Какво е чувството кога ќе споделеш и со другите луѓе различи совети и рецепти, и кога ќе добиете позитивна рекација и благодарност за мотивацијата?
Ахххх тоа е најдобриот дел од целиот овој процес. Да бидам искрена да не постоеше тоа – не верувам дека би продолжила со посветување толку време на Инстаграм.. Ама кога ќе видам дека некој ги слуша моите совети и всушност им помагаат или пак направиле рецепт и сосема им се сменила перцепцијата за здрава исхрана и колку вкусна може да биде… Е тоа е уствари целата поента на мојот Инстаграм профил.
Што е за тебе здрав и среќен живот?
Уживање во храната и она што го јадам во текот на денот без броење на калории или ограничување, уживање во тренинзите и вежбањето без да претставува обврска и опсесија за подобар изглед.
Константно се трудам да бидам најдобрата везрија од себе и ова е начинот на кој што тоа го постигнувам и ме прави многу многу среќна.
Дали твоите специјалитети кои прекрасно изгледаат на сликите се и вкусни?
Секако дека ДА. Никогаш не би постирала нешто што јас лично не го конзумирам или користам без разлика дали е храна, рецепт или продукт.
Кој е првиот дегустатор и критичар кога подготвуваш нешто ново?
Мајка ми, татко ми, сестрите или дечко ми.
Што мислиш за диетите?
Ниту една диета не носи резултати на долгорочен план и се една од причините што се создава тој страв од храна наместо да претставува задоволство и да се создадат здрави навики и љубов за здрава исхрана.
Како да се пронајде баланс помеѓу здравата и нездрва храна?
Ова е доста комплицирана тема и има доста да се каже во врска со ова меѓутоа би кажала дека е една од најтешките работи особено во почетоците. Не постои едно единствено правило или совет што би одговарало за сите.
Секој има свој уникатен живот стил и животни навики па во зависност од тоа се пронаоѓа тој баланс. Како едно генерално правило би кажала само дека еден “лош” или не здрав оброк не значи дека цел ден треба да биде таков. Телото памти и добри и лоши навики па ако да речеме за ручек од некоја причина (или без причина) сте конзумирале нешто што не било најдобар избор тоа не значи дека така треба да продолжиме цел ден. Уживајте во храната и продолжете со здравите навики онаму каде што сте застанале.
Прва асоцијација за здравата исхрана е дека таа е многу скапа. Кое е твоето мислење? Дали може едно цело семејство да се храни здраво со една просечна македонска плата?
Секако дека може и не се согласувам дека е многу скапа или поскапа од регуларната храна. Се додека се држиме до сезонски локални намирници, а ги имаме многу во нашиот регион тогаш здравата храна е подеднакво скапа или ефтина како и онаа која не е толку здрава. Мислам дека е во човечка природа да сака да ги комплицира работите и да бара изговори затоа што така е полесно него да се најде начин. Да- постојат мал милион суплементи и додатоци во исхрана кои се сметаат дека се здрави и е супер доколку се конзумираат меѓутоа тоа не е приоритетно во здравата исхрана и е индивидуално доколку некој сака и може да си го дозволи. Освен тоа како што кажав и претходно имаме толку достапни здрави и свежи намирници што се наоѓаат буквално секаде околу нас и дефинитивно не е изговор ниту точна констатација дека чинат многу повеќе или дека е невозможно секој да си го дозволи.
На што си најмногу благодарна на својата публика/следбеници?
Што се најдобрите следбеници што некој може да ги посака. Што се заинтересирани за она што имам да го кажам, што веруваат на моите совети, што ги пробуваат моите рецепти и што одвојуваат време да ме подржат дали со лајк, коментар или со прекрасни пораки.
Покрај твојот Истаграм профил кој има завидна бројка на следбеници, дали во иднина имаш можеби план да ја прошириш оваа убава идеја во бизнис?
Да имам во план и многу би сакала тоа да се оствари во блиска иднина.
За читателите на Гламур дали би сакала да споделиш некој брз рецепт за оброк?
Чоколадни сирови бомбици
140 gr. бадеми, 350 gr. урми, 4 лажици какао во прав, 2 лажици стопено кокосово брашно, 3 лажици путер од бадеми
Се додаваат бадемите во сецко или мултипрактик и се блендираат додека не се создаде смеса на брашно.Се додаваат урмите и кокосовото масл и повторно се блендира. Се додаваат и останатите состојки и повторно се блендира додека не се добие леплива густа смеса. Се формираат топчиња во иста големина и тоа е тоа.. Спремни се за конзумирање.
Повеќе повеќе рецепти и совети од Стефанија можете да погледнете тука >>
Подготви: Берта Мартиноска, Гламур магазин, Фото: Стефанија Несторовска (@snestorovskaa)