Од моментот кога се запознаа па се досега таа претрпе огромна трансформација, но се чини дека досега ја немаме видено во вакво издание.
Атиџе Муратова или како што многумина ја нарекуваат „Медената хероина“ викендов заедно со Сузана Турунџиева која и стана најдобра пријателка откако се запознаа, го промовираа првиот албум заедно.
Промоцијата се одржа во скопскиот ресторан „Микаса“, а Сузана вети дека нема да се откаже сè додека не го претвори животот на Атиџе во музика, односно да почне да заработува и живее од музиката.
Насловот за новиот албум кој двете дами го избраа е „Пола тебе, пола мене“.
Албумот со осум песни, на македонски и на турски јазик се промовираше вчера во Скопје, а самите Атиџе и Сузана се и автори на дел од песните.
Беа промовирани и два видеозаписи, со кадри снимени од неодамнешното нивно патување во Истанбул.
На промоцијата и двете дами беа скоцкани од глава до петици, а промената кај Атиџе е повеќе од очигледна.
Облечена во долг фустан со долги ракави во окер боја која одлично и стои на Атиџе, а косата пуштена и исфенирана со дискретна шминка, како вистинска дама.
Сузе порача дека со купување на албумот кој чини 500 денари дирекно ќе и помогнете на Атиџе бидејќи сите средства одат кај неа.
– Атиџе ме научи да го сакам животот и кога е суров. Дека и кога врне дожд, таа со радост вели-бериќет. Атиџе е уште еден доказ дека државата ги заборава ранливите категории, но со женските здруженија се трудиме да ѝ обезбедиме примања за пристоен живот, рече Сузана во интервју за „ММС“.