Постојат два вида на луѓе, муви и пчели. На кој вид му припаѓаш ти?
Еднаш го прашале старецот Пајсиј Светогорец:
„Вие оче постојано ни кажувате дека треба само позитивно да мислиме во животот. Би сакале да не посоветуваш како да се справиме со следниов проблем: Често ни доаѓаат луѓе и велат дека некои свештеници зимаат многу пари за вршење на светите тајни, велат дека пушат и седат во кафеани, па дури и дека некои свештеници се вплетени во неморални работи, напросто, жестоко ги обвинуваат и изнесуваат докази за да го оправдаат тоа. Што треба да одговориме на луѓето кои го обвинуваат свештенството? ”
Старецот полека почна да зборува:
„Од искуството знам дека луѓето се поделени во две категории. Трета категорија не постои – сите луѓе припаѓаат или на едната или на другата. Првите потсетуваат на мува. Главната карактеристика на мувата е тоа што ја привлекува нечистотијата. Кога, на пример, мувата ќе се најде во градина полна со цвеќиња кои убаво мирисаат, таа нема ни да ги забележи и ќе застане на некоја нечистотија што ќе ја најде на земјата. Таа почнува да кружи наоколу и ќе се почувствува сосема удобно во смрдеата. Ако мувата може да зборува, а вие побарате од неа да ви ја покаже розата во градината, таа ќе одговори: Не знам како розата воопшто изгледа. Јас само знам каде да најдам ѓубре, нечистотии и кал. Постојат луѓе кои потсетуваат на мува. Оние кои припаѓаат на оваа категорија се навикнати да размислуваат негативно и во животот секогаш се во потрага по лошата страна, потценувајќи го и отфрлајќи го присуството на доброто.
Втората категорија се оние што личат на пчела, чија главна особина е секогаш да трага за нешто слатко и пријатно и да слета на него. Ако пчелата се најде во една соба полна со нечистотија, со едно парче бонбона во еден агол, таа би ја игнорирала сета онаа нечистотијата и ќе слета на бонбоната. Ако побарате од пчелата да ви покаже каде во градината е ѓубрето, таа ќе одговори: не знам. Може само да ви каже каде да најдете цвет, сладост, мед и шеќер. Таа само знае за добрите работи во животот, додека тие злобните и се непознати. Ова е втора категорија на луѓе кои имаат позитивни мисли и ја гледаат само добрата страна на работите Тие секогаш се обидуваат да го прикријат злото за да ги заштитат своите најблиски; а спроти нив, луѓето од првата категорија се обидуваат да го изложат злото и да го изнесат на површината.
Кога некој ќе дојде кај мене и ќе почне да ги обвинува другите луѓе, тој ме доведува во тешка ситуација и јас му го давам овој пример. Тогаш ќе му кажам самиот да одлучи во која категорија сака да припаѓа, за да може да најде луѓе од истиот вид и да се дружи со нив … “, објасни мудриот старец.
(Извадок од книгата “Солзи за светот – старец Тихон, старец Порфириј, старец Пајсиј”)