Реклама
Интервју

Пет минути со Елена и Ирина, девојките што стојат зад првиот македонски готвач за бебиња

Реклама

Интервју со девојките од првиот Бебе Готвач во Македонија

„Никој не се родил учен. И родителството се учи, како се останато. Тука сме да помогнеме колку можеме и знаеме, но мора да бидете отворени и да сакате да прифатите, односно слушнете совети. Дали ќе ги примените е индивидуално. Прашувајте, прашувајте за се“ велат Ирина Наков и Елена Петковска кои низ разговор ни откриваaт како дојдоа до идејата да ја направат првата македонска апликација и книга за готвач со рецепти за бебиња….

Маркетинг

Како дојдовте до идејата за да го создадете првиот македонски готвач со рецепти за бебиња?

Елена:

Сите производи кои се под името Бебе Готвач се настанати од потреба за практичност и поедноставувањето на секојдневието, особено кога станува збор за готвењето. За да го искористиме и добро изменаџираме времето поминато во кујна, наоѓавме начини како да си олесниме и помогнеме. Бебе Готвач е збир на рецепти кои ги готвевме на нашите деца, а сакавме преку таа наша колекција да им олесниме на останатите мајки.

Ирина:

Прво се роди идејата за андроид апликацијата. Како што напомена и Елена, произлезе од потребата да си олесниме на самите себе, но и на останатите родители. Иако сме во ера на електронски комуникации и масовна употреба на електронски уреди, сепак традицијата и навиките некогаш преовладуваат. Самите корисници на апликацијата Бебе Готвач не наведоа на идејата да направиме печатено издание. Едноставно, некогаш, книгата е незаменлива.

Колку денешните мајки се подготвени и имаат време да им направат здрави и вкусни оброци на своите најмили?

Елена:

Нашето искуство вели дека не само што се подготвени туку се целосно посветени кога е во прашање здравата исхрана. Преку групата имаме одличен увид во тоа колку мајките сакаат да готват здраво, сакаат да учат и да се информираат за се она што не им е доволно познато, а и доста од нив сега им помагаат на новите членови кои штотуку почнале со дохрана.

Ирина:

И двете сме мајки кои работат полно работно време, а и двете имаме време да ги храниме нашите деца здраво. Кој сака може се. Свеста за здравата исхрана се повеќе расте и се повеќе родители, но и баби и дедовци се трудат да ги сменат навиките на подобро.

Во самата книга имате 350 рецепти. Од каде ги црпевте идеите и дали имавте доволно инфрмации за тоа од кој месец што може да се воведе во исхраната?

Елена:

Иако книгата, од моментот кога решивме да ја издадеме, ја завршивме за нецели 6 месеци, сепак е нешто кое се собирало изминатите години, односно од моментот кога почнавме со дохрана со нашите деца. Целата е поткрепена со издржани информации од релевантни извори.

Ирина:

Кога се навративме на сите наши рецепти, се што сме подготвиле од самиот почеток на дохраната на нашите деца, имаше и повеќе од 350. Но еден оброк за секој ден од годината е доволно, нели хаха :)

Покрај рецептите што содржи андроид апликацијата?

Ирина:

Андроид апликацијата не е само збир на рецепти. Содржи многу алатки кои имаат за цел да го олеснат секојдневието и организацијата на оброците. Содржи табела за дохрана, кошничка за пазарување која може да го скрати времето поминато во запишување на потребните намирници. Добар момент е што кошничката за пазарување може да се споделува по каналите за комуникација. Планерот на оброци е една алатка која нуди можност однапред да се планираат неделните оброци. И оваа алатка може да се споделува меѓу корисниците и да се испраќа, на пример на лицата кои го чуваат бебето.

Преку апликацијата може да се пристапи и до сите наши канали.

Децат знаат да бидат многу прибирливи посебно кон воведувањето на некоја нова храна/вкус. Мајките честопати знаат да се откажат доколку детето не сака да јаде одредена намирница. Дали треба да се откажуваме или да бидеме упорни и да настојуваме детето да има поширко спектар на продукти?

Елена:

На почетокот не треба да очекуваме премногу. Бебињата започнуваат до дохрана во 6 месец, а дотогаш се исклучиво на млеко. Секој друг вкус е за него новина, треба време да ги научи. Велат дека за да знаеме дали нешто ни се допаѓа или не, треба да го пробаме барем 20-тина пати. Можеби првиот пат нема да го сака јаболкото или тиквицата, но тоа не значи дека по кратка пауза не треба да дадеме повторно. И обратно. Кога ќе ги вкусат поголемито дел од намирниците, ќе знаат точно што сакаат, а што не. Исто и како возрасните, така и децата, не сакаат се. Наша задача е да понудиме, да пробаме, но не и на сила да ги тераме да јадат нешто што не сакаат.

Ирина:

Секако дека нема откажување. Како и секоја нова работа околу бебето, така и со исхраната треба време на прилагодување. Секако и под здрава исхрана се подразбира и разновидна исхрана. Кога детето одбива некоја намирница, најдобро е да се направи пауза од истат некој период, па да се проба повторно. Ќе бидете изненадени од обратниот резултат.

Доењето во јавност, за жал, кај нас се уште често се поврзува со невкусно покажување на дојките пред останатите. Кое е вашето мислење?

Елена:

Се знае :) Нема табу кога станува збор за деца. Како што пишавте, тоа се дојки, орган кој е задолжен за исрхана на бебето. Не се ништо друго освен извор на живот. Жално е и срамно што во 21 век воопшто станува збор за оваа тема, особено разочарувачки е кога жена, мајка има негативен став за доење во јавност.

Ирина:

Јас лично никогаш не сум имала непријатно искуство кога сум доела во јавност, ниту сум се почувствувала загрозена или посрамена. Ги доев моите два сина каде сакаат, колку сакаат, кога сакаат. Нема табу за нешто што е природно. Ако некого му смета, може слободно да ме одмине и да не гледа.

Дали во иднина може да очекуваме нов готвач кој ќе биде наменет за поглеми дечиња?

Ирина:

Никогаш не е исклучена и таа можност. Како тргна работата, секоја година лансираме нов производ на Бебе Готвач. Најпрво апликацијата, по една година готвачот, следната година видео рецептите. Сега планираме уште еден производ, но за тоа подоцна.

Кои се најчестите дилеми за исхраната меѓу мајките кои ги поствуваат како прашања на вашата Фејбук група која покрја рецепти има простор за совети и прашања?

Елена:

Најчестите дилеми на мајките се на почетокот, околу самото почнување на дохраната. Идејата за создавање на групата беше токму тоа, да си помогнеме околу се она што го немаме како информација од стручните лица. Рецептите се само приказ на се она што сме го научиле за здравата храна.

Ирина:

Најчесто прашањата се поврзани со воведување на намирници и нивно комбинирање. Но, се почесто се бараат совети за подобрување на железото во крвта. И имаме и многу позитивни резултати.

Во некои градники во изработката на менијата учествуваат нутриционисти. Колку вие како родители се задоволни од хрната која таму им се нуди на децата?

 

Елена:

Јас сум задоволна. Освен неколку пати месечно, со некои ужинки кои според мене не се здрави, немам замерка за менито. Буквално е како нашето мени дома. Доволно разновидно, здраво подготвено и вкусно.

Ирина:

Градинката во која оди мојот син има одлично мени. Немам ни една замерка. Сепак не одеше во јасли и не можам да коментирам за тоа мени. По искуства од членовите во групата, мислам дека најголемите проблеми се јавуваат токму во мениата за бебињата и децата до 2 годишна возраст. Сметам дека тука има голем простор за подобрување.

Ирина Наков и Елена Петковска кажете ни нешто повеќе за вас?

Елена:

Јас сум новинар по професија и сопственичка на Ариза, ателје во кое се изработуваат подароци испишани на кирилица. Сопруга, мајка на Теодора 5 години и Михаил 2 години. Мајчинството ми ги донесе Ариза и Бебе Готвач. Животот ми се смени од корен, но не жалам што плановите кои ги имав, неочекувано се сменија. Нема поубаво нешто од тоа да го работиш тоа што го сакаш. За заработката; може да се заработува од се ако се направи на правилен начин, ако се вложи труд и кога ќе се почуствува љубовта и вниманието кое се посветува. Важна е доварбата која ја уживаме кај родителите. Бидејќи ако не веруваа исто колку нас дека готвачот е добар, немаше да биде толку баран. Како и секоја работа и професија: вложувањето се исплати!

Ирина:

Скоро 12 години работам во секторот за маркетинг. Тоа ми е и професија. Може да кажам дека сум една од ретките, среќни, што работат по професија. Си ја сакам работата, ме исполнува. Секој ден ми е различен, полн со предизвици и новитети. Мајка сум на два сина, Леон 5 години и Теон 1 година, среќна сопруга. Никогаш не замислував дека кога ќе станам мајка ќе се роди уште една работа за мене. Од хоби, до секојдневна работа, Бебе Готвач ме однесе во сосема поинакви води. Ме однесе на страна на која никогаш не сум се завртела предходно.

Но, ако си вреден, тоа што го работиш, го работиш со љубов и секако работиш професнионално, заработката не е исклучена. Ако не вложиш, не можеш да очекуваш дека ќе ти се врати, нели!?

Кои рецепти се најсподелувани и најбарани на вашата апликација. Која храна е омилена на вашите деца?

Ирина:

Мислам дека нема еден конкретен рецепт. Без разлика дали станува збор за апликацијата или книгата. Од 220 рецепти во апликацијата и 350 во книгата, верувајте сите се користат и споделуваат. Можеби во моментов се попопуларни рецептите за подобрување на хемоглобинот, бидејќи подолг период бевме сконцентирани на објавување на ваков тип на рецепти.

Кај големиот син е малку потешка ситуацијата. Поминува се што е зготвено, но не и свежо. Но со малиот немам проблем. Да не види храна на маса, прв е :)

Многупати можеме да слушнеме од нашите мајки, баби, роднини дека на времето се давало грав уште во 4-тиот/5-тиот месец… Според вас кога е најдобро да се воведе дохрана. И на што треба да се внимава?

Ирина:

Препораките на Светската здравствена организација се да се започне со почеток на дохрана на 6 месеци. До тоа и се придржувавме кога воведувавме дохрана на нашите деца. Најмногу треба да се внимава на семејни алергии. За се друго треба да се следи бебето.

Еден совет до мајките и оние кои наскоро очекуваат принова?

Елена:

Не се плашете да прашувате. Нема глупави прашања. Заборавете го егото и бидете отворени да учите. Бидејќи „јас се знам“ е најлош начин за гледање деца. Не знаеме се и тоа е во ред. Ама затоа треба да сакаме да учиме.

Ирина:

Никој не се родил учен. И родителството се учи, како се останато. Тука сме да помогнеме колку можеме и знаеме, но мора да бидете отворени и да сакате да прифатите, односно слушнете совети. Дали ќе ги примените е индивидуално. Прашувајте, прашувајте за се.

Фејсбук страната на Бебе готвач следете ја тука >>

Подготвил: Берта Мартиноска

Поврзано

Back to top button