Реклама
Вирално

Ново соопштение од Бигорски манастир по карантинот и епидемијата на коронавирус: Молитва и вистинска вера навистина прават чуда!

Реклама

Еве какви мерки и што препорачуваат одговорните во еден од најубавите манастири во Македонија кој се наоѓа во непосредна близина на местото каде е прогласена кризна состојба заради опсноста од ширењето на коронавирусот.

Корона вирусот се шири низ Европа, па и во нашиот регион. Ситуацијата е крајно сериозна, па неопходно е да се преземаат сите превентивни мерки. Најзагрозени се старите лица, но ни останатите групи не треба несериозно да ги сфатат советите и препораките на стручните лица. По повод новонастанатата ситуација, и посебно откако во Дебар и Центар Жупа е прогласена кризна состојба, свештените лица и монасите од Бигорски манастир соопштија одредени мерки за да го спречат ширењето на корона вирусот. Па така дека од вчера пристапот до Бигорскиот Манастир е значително ограничен, додека пристапот до метохот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица е сосема забранет.

Маркетинг

Еве што велат тие во нивното соопштение:

Возљубени верници, поклоници и пријатели,

Маркетинг

Согласно новонастанатата состојба со ширењето на Covid-19 (корона вирус) во Македонија и препораките на Светската здравствена организација, на Вселенската Патријаршија и на Светиот Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, како и во согласност со најновите профилактички мерки на надлежните државни институции кај нас, со цел подобро справување и целосно спречување на ширењето на вирусот, ве известуваме дека од вчера пристапот до Бигорскиот Манастир е значително ограничен, додека пристапот до метохот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица е сосема забранет. Впрочем, поради тоа што Манастирот во Рајчица се наоѓа во непосредна близина на градот Дебар, каде што е епицентарот на вирусот во Македонија и каде има најголем број на заболени, главно поради повратниците од Италија, според решението на државните власти тој ќе се наоѓа во состојба на изолација во наредните 30 дена.

Исто така, ве известуваме дека со помош на Божјата благодат и по молитвеното покровителство на Светиот Јован Претеча и Крстител и на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, досега сите монаси, монахињи и верници што се затекнаа во нашите манастири се со добро здравје и со силен дух. Дневниот богослужбен круг се одвива непрестајно, а зголемено е молитвеното ќелијно правило на монасите.

Смирено ве замолуваме, во овие благословени денови на Светата и Велика Четириесетница да ги удвоите своите лични молитви за поскоро и побезболно надминување на ова сесветско искушение, за брзо опоравување на заболените и за душевни и телесни сили на оние кои несебично се жртвуваат за другите и работат за спречување на инфекцијата.

Ве замолуваме и совесно да се однесувате кон правилата и препораките на надлежните државни органи, имајќи предвид дека, создадени за заедница и живеејќи во неа, сите ние сносиме одговорност и за нашите ближни, за луѓето во непосредна близина до нас, но и за оние кои се физички далеку од нас. Всушност, самопожртвуваната грижа за другите преставува акт на христијанска љубов.

Господ Исус Христос – Исцелителот на нашите души и тела

Да го исползуваме ова современо искушение на човештвото не за паника, хаотичност и безнадежност, туку за лично покајание, за духовно очистување, просветление и преобразување и за личносно приближување до нашиот човекољубив Бог и Создател, Господ Исус Христос, Кој вели: Останете во Мојата љубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја… Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели ако го вршите она што ви заповедам Јас (Јован 15,9-14).

Вистинската вера, дејствената љубов, искреното покајние, постот придружен со добри дела и молитвата, навистина прават чуда. Нема искушение што преку овие врховни добродетели и преку благодатта Божја не може да се надмине.

Ви посакуваме добро и богоугодно да го поминете остатокот од Светата Четириесетница, та по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, Мајката Царица на Небото и на Земјата, да се удостоиме со радост и духовно веселие, неосудено и непречено да се поклониме на сесветлото Христово Воскресение – настан со кој засекогаш е победено најголемото искушение и страдание на човештвото, смртта. Нека благодатта од славното Воскресение биде со сите нас!

Остануваме неотклонливо со вас во љубовта Христова, принесувајќи Му ги постојано нашите смирени молитви за сите вас!

Архимандрит Партениј, со своите во Христа браќа монаси од Бигорскиот Манастир и сестрите монахињи од Манастирите во Рајчица и Пречиста.

Како треба да се однесуваме во храмовите

Инаку и од другите православни цркви стигнуваат апели до своите верници, а еве некои од мерките што ги упати владиката Димитрија од Српската православна црква со цел спречување на ширењето на опасниот вирус.

Па така во неговото соопштение се препорачува ризичните групи – постарите лица, оние кои се со хронични болни како што се болестите на срцето и градите, потоа лицата со дијабетес, болните со малигни заболувања и оние на кои имунитетот сериозно им е нарушен, им препорачуваме во следниот период да не посетуваат богослужба. Истото важи и за лицата кои чувствуваат било какви здравствени тегоби, вклучувајќи ги и симптомите карактеристични за настинка и грип (повисока температура, кашлање, главоболка, малаксалост, отежнато дишење и слично). Сите оние што ќе останат дома, со молитва нека бидат поврзани со своите браќа и сестри во храмот.

Исто така се препорачува свештениците кои имаат било какви симптоми како повисока температура, кашлање, болка во грлото, малаксалост, кивање, отежнато дишење и сл. да не учествуваат во богослужба. На свештениците исто така им се препорачува верниците да ги благословуваат вербално, потпирајќи се на крсниот знак и без физички контакт. Од друга страна пак на верниците им се препорачува да не ги целуваат рацете на свештениците како и физичкиот контакт со другите верници да го сведат на минимум. Треба да се следат советите на докторите луѓето што се наоѓаат на јавни собири да бидат на меѓусебно растојание најмалку еден метар еден од друг, и да не се прават големи гужви во храмовите, а децата повеќе време да минуваат надвор пред храмовите.

Свештениците треба да се грижат храмовите за време на службите што подобро да се проветруваат, а вратите и прозорите да бидат отворени, додека на верниците им се препорачува почитувањето на светите икони да не го покажуваат со целување туку само со наклон (мала метанија).

На свештениците исто така им се налага да ги чистат иконите што се целувани со соодветни дезинфекциски средства и тоа што почесто, како и сите работи што се допираат со рацете – кваките, столовите, местата за палење и земање свеќи… По завршување на литургијата верниците да не земаат нафора од рацете на свештеникот, туку директно од садот. Се препорачува исто така за сето останато да се следат советите на Светската здравствена организација, одговорните медицински институции и своите матични доктори.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button