Не успеа да се пласира во финале, но не се разочара- Гарванлиев најави дека ова е само почеток
И покрај можниот настап и извонредната изведба, Васил Гарванлиев не успеа да влезе во финалето на Евровизија.
Македонскиот претставник синоќа пееше на првата полуфинална вечер во Ротердам,но не успеа да се пласира во финалето кое треба да се одржи на 22 мај, но и покрај се тој вели дека не е разочаран.
Јас сум многу благодарен и горд и ова е само почеток на она што веќе беше неверојатно патување, процес и пат.
Стоиме заедно како едно … тоа е начинот на кој ја претвораме темнината во светлина и ја замолчуваме омразата со љубов, напиша Гарванлиев на Инстаграм и го објави видеото од неговиот настап.
Овации и силни аплаузи следеа откако настапи Васил, а поддршка му искажа и премиерот на државата Зоран Заев кој на својот фејсбук-профил ја повика дијаспората и светот да гласаат за Гарванлиев.
На социјалните мрежи осамнаа и многу пораки за поддршка и од неговите колеги музичари.
-Вечерва нашиот македонски баритон Васил Гарванлиев настапува на првото полуфинале на „Евровизија“ под редниот број 6. Ве повикувам сите кои живеете во странство и кои според евровизиските правила имате можност да гласате да го дадете својот глас за Васил и “Here I stand”. Тој гордо стои пред сите нас, да застанеме и ние до него. Среќно Васил!“, истакна премиерот.
Во првото полуфинале настапија 16 земји, а десет од нив поминаа понатаму: Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина. Тие заедно со уште десет земји од второто полуфинале, земјата домаќин Холандија и членките на големата петорка: Италија, Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија, ќе настапат во финалето што ќе се одржи во сабота, на 22 мај во „Ахој“ арената.
Македонскиот претставник настапи 6-ти по ред, а на сцената го донесе сето она што го вети – беспрекорна вокална изведба и тон емоции.
Иако имаше добро осмислен настап со неверојатни специјални ефекти, но и моќната изведба и прекрасниот глас на Васил не беа доволни.
Секако тој привлече многу внимание од страна на новинарите, а не се сомневаме дека и се допадна и на публиката.
Васил Гарванлиев гордо чекореше по тиркизниот тепих и го привлече вниманието на сите во елегантен елек без ракави долг до земјата и круна од парчиња огледало.
Креацијата е на Раде Василев, а во изјава за „Репортер“ Васил вели дека отворањето на Евросонг било магично.
Го донесовме сонцето во Ротердам. Требаше да врне, беше најавена бура, но кога се појави нашата делегација, блесна сонце“, рече Васил за „Репортер“.
Минатата година Евровизија беше откажана, но оваа година се одржува, но под посебни протоколи, а според правилата во публика ќе има само 3500 лица кои ќе го следат целиот настап во живо, но ќе мораат да имаат негативен ПЦР тест, а откажани се сите забави поради пандемијата со коронавирусот.
За Васил ова не е првпат да се појави на Евровизија. Во 2019 беше пратечки вокал на Тамара Тодевска.
Тамара Тодевска го постигна највисокиот пласман за Македонија досега. Завршивме на 8-мото место.
Според гласовите од жирито, Македонија беше на второто место.