Најуспешниот маратонец во Македонија ја откри тајната на неговиот успех-ОТКРИ и кој е јунакот од неговото детство


Еден од најпознатите маратонци во земјава кој сосема случајно почнал да се занимава со трчање, се откажал од својата професија како машински инженер и се посветил на трките, а основал и школа за трчање.
Кокан Ајановски кој повеќе од една декада успешно се занимава со трчањето ја открива неговата тајна за успех.
Секогаш расположен и со позитивна енергија вели дека од мал научил да се бори и да не се откажува и додава дека неговата филозофија за спортот е дека секој треба да спортува, но преку спортот да си го подобри своето психо-физичко здравје.

Важи за еден од најбрзите Македонци, маратонец и личен тренер, а има напишано и книга со наслов „Трчањето ме учи“.
Многумина го препознаваат како еден од најуспешните маратонци кој повеќе од 20 пати бил државен првак.

– Започнав да трчам случајно. На почетокот, тоа беше затоа што не можев да организирам доволно број луѓе за да играме кошарка или фудбал. Се помирив со фактот дека ќе мора да продолжам со индивидуални спортови, па трчањето ми беше една од опциите заедно со фитнесот, возењето велосипед и пливањето, вели тој во едно интервју за „Гламур“ и додава дека освен потрошените калории, трчањето убаво влијае и на нашата психа.

Освен по успехот кој го има во спортот изминативе години, тој е доста препознатлив и по своето уникатно име, па открива како го добил.
– Моето правилно име е Кокан и тоа не е скратеница од некое подолго име. Мојот дедо се викаше Кузман, па јас сум добил име кое наликува на неговото. Се радувам на моето име, затоа што на некој начин е уникатно и баш затоа е лесно за паметење, рече Кокан.

Додека зборуваше за минатото тој тогаш додаде дека негов јунак од детството е неговиот брат кој секогаш бил тука за него и му дал пример каков треба да биде кога ќе порасне.
– Мојот брат Горан, ми ги покажа убавините на спортот и ме научи да спортувам постојано, спортот да стане мој начин на живот и никогаш да не се откажам! Затоа, јас сум му секогаш благодарен затоа што ми ја подари најважната животна лекција = грижата за своето здравје.

Кокан има армија од пасионирани тркачи во Скопје со неговата NRC – Nike школа за трчање која успешно ја води повеќе години, една издадена книга, а наскоро најавува и нова.

Сепак во време на пандемија тој открива дека му недостигаат сите трки и маратони кои мораше да бидат откажани, но и работи кои се прават во секојдневниот живот како забави, патувања, кино, театар …




