Корона вирусот му го одзеде животот на познатиот дезајнер кој го обожаваа и многу Македонки
Италијанскиот дизајнер на луксузни обувки Серџо Роси го изгуби животот на 85-годишна возраст, откако беше хоспитализиран заради коронавирус.
Серџо Роси, заедно со Маноло Бланик и Кристијан Лобутин, беше еден од омилените дизајнери на славните личности ширум светот. Неговите чевли ги носеа бројни познати ѕвезди меѓу кои и Бијонсе, Ријана, Лора Дерн, Сиена Милер и војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон.
Еден од најпознатите модели што тој го дизајнираше беше „Опанка“ – сандали со заоблен врв, како и популарните сандали „Годива“ со само две ременчиња.
Познатиот дизајнер беше хоспитализиран во болница во градот Чезена во северна Италија и битката со болеста ја изгуби во четвртокот вечерта.
Во емотивно соопштение, неговиот син Џанвито Роси, кој има сопствен бренд за обувки, сподели: „Тој е сторија за безусловна љубов кон обувки која започна во Италија за време на Втората светска војна и му беше предадена од неговиот татко кој секогаш изработуваше чевли по мерка. На 14-годишна возраст тој беше вешт чевлар и заедно со неговиот брат Франко, за време на зимата изработуваше чевли кои ги продаваше во текот на летото на киоск по ривиерата.“
„Има личности кои имале убава среќа да ја претворат нивната уметност во работа, но и личности кои поседувале неверојатен талент за да ја трансформираат нивната работа во уметност. Серџо Роси е од вторите. Сопруг, татко, дедо и предок на семејство кое го следи неговиот пример. Нашето семејство со љубов го нуди последното збогум. Со незгасливиот оган на твојата страст, нè научи дека нема граници за оние кои го сакаат она што го прават. Збогум, маестро.“
„Неговата смрт е огромна загуба за нашата заедница“, изјави и градочалничката на општината со 47.000 жители, Лусијана Гаргулија.
Овој „голем претприемач“ создаваше „работни места“ за голем број жители во неговиот роден град, каде производството започна во 1951 година. Во видео порака, Гарбуглија се пожали што поради мерките за изолација, неговите сограѓани и властите „не можеле да го испратат“ бизнисменот онака како што навистина заслужува.
Сепак, Сан Мауро Пасколи, ја одреди недела како ден на жалост за општината.
Во 1999 година, групацијата „Гучи“ купи 70% од марката „Серџо Роси“ за 96 милиони долари, а потоа ги купи и останатите 30 проценти во 2005 година.