Италијанец нарача убиството на педофил поради кој се самоуби неговата малолетна ќерка – убиениот бил свештено лице
Џузепе Матарацо (45) беше убиен во јули минатата година во италијанскиот град Фрасу Телисино, 35 километри од Неапол.
Непосредно пред убиството, беше ослободен од затвор, каде што одлежа 11 годишна затворска казна за сексуално злоупотребување на две тинејџерки, но полицијата се сомнева дека убиството го нарачал таткото на една од жртвите, пренесува британскиот „Daily Mail“.
Ќерката на осомничениот се самоуби
Имено, 15-годишната ќерка на таткото што е осомничен за убиство се самоуби веднаш откако Џузепе беше осуден и затворен. Платениот убиец испукал пет куршуми од автомобилот во педофилот Џузепе откако сувозачот застанал и побарал насоки да стигнат до некое место.
Таткото го нарачал убиството
Полицијата испитува дали убиството било нарачано од таткото на една од жртвите. Таа уапси двајца мажи, Генерос Настама (30) и Џузепе Масаро (55), за кои веруваат дека управувале со автомобилот од кој било извршено убиство. Таткото се уште не е уапсен, само е под истрага.
Државниот обвинител Алдо Поликастро верува дека убиството на Матарацо е „сигурно нарачано (…) од одмазда” и дека апсењето на двајца мажи е само првиот чекор во истрагата за случајот. Тој додаде дека засега не нашле директна врска помеѓу уапсените и таткото на жртвата.
Главниот осомничен се обидувал да најде фалсификувани документи
Полицијата дознала дека Масаро го купил магнумот 357 со кој е извршено убиство, но смета дека тој не го повлекол чкрапалото, па затоа сè уште трагаат по вистинскиот убиец. Иследниците веруваат дека Масаро го користел автомобилот Фиат Кромо регистриран на член на неговото семејство за да го изврши ова кривично дело. Според информациите од GPS – то на возилото, Масаро возел и неколку дена порано, но и на денот на убиството, до местото каде што бил застрелан Џузепе Матарацо. Полицијата, исто така, пронајде и мобилни пораки кои покажуваат дека Масаро се обидел да добие фалсификувани документи за да избега од Италија.
Според италијанскиот весник „La Repubblica“ Матарацо бил свештеник во местото на кое што е убиен. Двајцата уапсени овие денови очекуваат истрага.