Интервју

За мене среќа значи семејството – домаќински муабет со Душко Георгиевски

Тој е најпознатиот адвокат меѓу пејачите и најдобриот пејач меѓу адвокатите

Реклама
Реклама

Поразговаравме со еден од нашите пејачи кој долго време е дел од фолк естрадата, но за него и музиката и адвокатската професија се две работи кои со жар ги работи истовремено, додека настапите и дружењето со публиката се негово секојдневие.

Сигурно веќе погодувате дека станува збор за нашиот реномиран фолк-пејач и адвокат Душко Георгиевски кој во својата кариера испеа бројни хитови, а за него една од најубавите е песната „Молитва“ која што ја посвети на неговите родители кои загинале во сообраќајна несреќа кога тој имал само 11 години.

Долго време сте дел од фолк естрадата, што имате денес а што Ви недостига од пред дваесет години?

Фолк сцената, ако ги анализираме годините во кои јас сум дел од неа, помина низ многу промени. Од период на  „полн сјај“, до стагнација,  со несоодветен третман на медиумите,  до период на задолжителни минути за македонска музика, кои нешто поправија,  ако може да се дефинира, на таков начин,  до создавање на нови телевизиски емисии,  на неколку Тв канали,  кои го внесоа фолкот, повторно „на голема врата“. Во мојот случај, среќен сум што во 30 години присуство на фолк сцената,  успеав да опстојам,  да сум високо на скалилото,  помеѓу плејадата колеги и да сум пејач кој е почитуван и баран од публиката.

Маркетинг

Приватна архива

Тоа е најголемата мотивација да се продолжи понатаму. Така што,  за мене, не би одвоил нешто што ми недостига.

Маркетинг

Ако треба да бирате, што би одбрале музиката или адвокатската професија и зошто?

Изборот го имам направено одамна, како што реков,  30 години сум на естрадата. За мене, двете професии носат подеднаков жар за да бидат дел од мене. Успешно ги работам и двете и балансирам добро помеѓу судницата и сцената. Иако, воопшто не е лесно да се менаџираат двете, сепак, во мојот случај, резултатите покажуваат дека тоа добро го правам и успевам. По адвокатската работа, наоѓам оддишка со настапите, каде сум во улога да приредам уживање на публиката, да расположам, да ги натерам да се радуваат и да уживаат со своите блиски.

Имате наследничка  во однос на музиката, ја има ли Вашата поддршка и колку Ви значи Вам тоа?

Да, мојата помала ќерка Мила, студира на Музичка академија и таа ги има наследено музичките гени,  моите,  но и на нејзиниот дедо.

Приватна архива

Таа ја има мојата целосна поддршка и се надевам дека,  како што се гради како музички професионалец, ќе го одбере најдоброто, во кое ќе се пронаоѓа и ќе ги истакне своите квалитети,  бидејќи е многу талентирана за пеење.

Што значи за Вас среќа?

Среќа, за мене значи семејството,  семејните радости,  заедничките мигови,  нашата взаемна љубов.  Потоа,  работата,  преку која можам да возвратам во заедницата, после толку години присуство на фолк сцената како естраден уметник,  во делот на негување на фолк музиката помеѓу најмладите,  на што работам последните неколку години,  преку Здружението  „Фолконика“. Реализиравме многу проекти, посетивме многу деца низ градовите на државата, нешто што за мене носи голема радост , кога во преполни сали ќе пееме во еден глас со децата,  македонски народни песни. Тоа,  секако е среќа , уште едно парче,  надодадено на она што претходно го споменав.

Приватна архива

Каде ги полните батериите од секојдневието и како?

Од пред 3 години,  мојата нова преокупација е престојот во природа,  на околу 1000 метри надморска височина, каде уживам со моето семејство во семејната куќа,  планинарам,  ја запознавам природата,  активните спортови. Таму,  ги „полнам батериите“,  наоѓам спокој и уживам потполно.

Приватна архива

Кој од вашите настапи и песна на некој од фестивалите Ви е најдрага и зошто?

Фестивалите секогаш ми носат посебна убавина во душата,  заради новата средба со публиката и претставување со некоја моја нова песна.  Но, она што можам да го одвојам е победата на Фестивалот „Фолк Фест Валандово“, со песната „Свири ми виолино“  со која покажав дека можам да се носам со епитетот и на пејач на весели песни,  а не само на пејач на тажни и елегични песни, имиџ кој го стекнав низ годините во мојата кариера.  Секако,  не можам да ја изоставам и мојата победа на фестивалот „Цветници“  со „Да ја немам песната“,  со која го потврдив мојот квалитет на фолк пејач, особено за тешки уметнички песни, каква што е оваа.  Но, сите ми се драги, зошто за секој од нив посветувам големо внимание.

Има ли разлика во фестивалите некогаш и сега?

Секако,  разликата е голема, бидејќи и публиката и песните се променети.  Иако, сеуште се присутни дел од докажаните авторски имиња, на новокомпонираните песни,  сепак  фолк фестивалите не се доживуваат со таква возбуда, како што беше порано.

Приватна архива

На што  работи периодов Душко Георгиевски и што може да очекуваме ново од Вас, ќе ве видиме ли годинава на некој од фестивалите?

Настапите и дружењето со публиката,  продолжуваат во моето секојдневие.  Секако, креативниот период е присутен постојано, од кој верувам ќе се создадат и нови песни од авторите,  во кои ќе се пронајдам јас,  а тоа ќе донесе и настапи на фестивалите.

Активно работам и со „Фолконика“,  следуваат и нови проекти,  за да  успееме во мисијата,  да стигнеме до што повеќе детски срца,  преку дружење со нив и издавање на нови музички фолк сликовници,  преку кои,  децата  ќе осознаат повеќе за македонската музика и ќе ја засакаат. Тоа, пак,  ќе ни даде надеж дека тие,  ќе продолжат да ја негуваат многу повеќе во иднина.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button